Градоначалникот Јованоски и амбасадорот Тимоние разговараа за „Еурокомпозит“ и Франкофонијата

Градоначалникот Јованоски и амбасадорот Тимоние разговараа за „Еурокомпозит“ и Франкофонијата

Француски компании ќе имаат сериозно интерес за купување во фабриката за наменско производство „Еурокомпозит 11 Октомври“, откако работите во оваа фирма во државна сопственост ќе се доведат во нормала. Развој на туризмот  и инвестиции во изградба на патна инфраструктура во Мариово, која што ќе ја следи патеката на Солунскиот фронт. Поддршка на Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски за Франкофонијата и изучувањето на францускиот јазик во прилепските училишта. Главно овие се акцентите од денешната средба на градоначалникот на Прилеп,Јованоски со амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние, што се одржа на иницијатива на француската амбасада.

Градоначалникот Јованоски искажа задоволство од посетата на амбасадорот Тимоние и покажаниот интерес за работа на проекти што се значајни за двете држави,а кои што би биле лоцирани на територијата на општина Прилеп.

„Акцентот на денешната средба е воспоставување и унапредување на Франкофонијата во Прилеп и разговорите за ‘Еурокомпозит’, како потенцијална можност за нејзино купување од страна на француска компанија. Се надевам дека средбите што денеска ќе ги оствари францускиот амбасадор и со прилепските компании, ќе вродат со плод и дека соработката меѓу двете држави ќе продолжи. Со амбасадорот Тимоние, разговаравме за проект што сакаме да го реализираме со една невладина организација, а којшто е поврзан со туризмот. Станува збор за Мариово, каде заедно со француската амбасада планираме да направиме еден туристички водич за патот, по кој што минувале француските војници до Солунскиот фронт, во Првата светска војна“, изјави градоначалникот Јованоски.

Амбасадорот Тимоние потенцираше дека оваа е негова, прва официјална посета на Прилеп. Но, истакна и дека во неговиот досегашен едногодишен дипломатски престој во Македонија, веќе присуствувал на претстава, којашто ја одиграле учениците од гимназијата „Мирче Ацев“, „Нотр-Дам де Пари“.

„Посебно го ценам она што ми го кажа градоначалникот за унапредување на Франкофонијата во Прилеп. Таа поддршка ќе биде уште поефективна, не само во образовната, туку и во економската област. Македонската Влада е расположена за зајакнување на соработката со Франција на економски и трговски план, а Прилеп поради својата динамика, треба да си го најде своето место во тие продлабочени односи. Причината поради која што допатував со аташето за одбрана, е посетата на повеќе претпријатија. Од порано се познати проблемите со кои се соочува ‘Еурокомпозит’. Станува збор за претпријатие со традиција што се обидува да најде потенцијални партнери. Станува збор за многу важна работа, но треба самите стопанственици да најдат заеднички јазик за соработка. Она што можам да го кажам е дека, ние навистина ќе направиме сè за добро да ги информираме француските индустријалци и бизнисмени, за нивно евентуално инвестирање во оваа фабрика. Но, за да се постигне тоа, потребно е тие прво да бидат добро информирани“, порача амбасадорот Тимоние.

Како што рече, амбасадорот Тимоние, во време кога се одбележуваат 100 години од Првата светска војна, не треба да се гради „Европа на војна“, туку “Европа на мирот“.

Тој порача дека Република Франција сака да ја гради „Европа на мирот“, заедно со Македонија и државите од соседството.

 

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …