лгбт знаме прајд

Грција стана првата православна земја што ги легализира истополовите бракови

Гласањето следеше по два дена жестока дебата и неколкунеделен приказ на јавен гнев, при што реформата од поддржувачите беше опишана како „храбра“, а противниците, меѓу кои и православната црква, ја нарекуваа „нехристијанска“

Грција стана првата православна земја во светот што легализира истополови бракови откако парламентот во Атина вчера ја усвои оваа значајна реформа.

Во редок приказ на парламентарен консензус, 176 пратеници од целиот политички спектар гласаа за законот. Реформата ја отрфлија 76 пратеници, додека двајца беа воздржани од гласање, а 46 не беа присутни, пренесува Гардијан.

Реформата немаше да помине без поддршката на Сириза, главната опозициска левичарска партија предводена од Стефанос Каселакис, првиот геј политички лидер во Грција и други помали групи.

Гласањето следеше по два дена жестока дебата и неколкунеделен приказ на јавен гнев, при што реформата од поддржувачите беше опишана како „храбра“, а противниците, меѓу кои и православната црква, ја нарекуваа „нехристијанска“.

И покрај огромниот притисок од неговата централно-десничарска партија Нова демократија, премиерот Киријакос Мицотакис се залагаше за предлог-законот, велејќи дека ќе стави крај на сериозната нееднаквост во тамошната демократија.

Во страстен говор пред гласањето, 55-годишниот лидер, кој припаѓа на либералната фракција во конзервативната партијата, рече дека мерката ќе ја усогласи Грција со 36 земји на глобално ниво кои веќе имаат донесено законодавство за ова прашање. Тој кажа дека конзерватизмот не треба да се меша со застарени ставови кои не се синхронизирани со современото општество.

„Покриваме празнина дозволувајќи им на сите, доколку сакаат, институционално да ја запечатат својата врска, исто како што тоа го прават хетеросексуалните парови“, изјави Мицотакис.

Мицотакис рече дека хомосексуалците предолго останале „невидливи“, угнетени од нивните семејства и социјалната средина во градовите и селата.

По усвојувањето на законот, премиерот на социјалната мрежа „Х“ напиша дека Грција е горда што стана 16-тата земја-членка на ЕУ што донесе законска регулатива за брачна еднаквост.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Хрватска: ХДЗ е победник - следува постизборна математика

Хрватска: ХДЗ е победник – следува постизборна математика

Формирањето влада нема да биде едноставно: според привремените изборни резултати, ХДЗ е на прво место …