„Греота е да ги оставиме луѓето без леб“

„Греота е да ги оставиме луѓето без леб“

Гевгелиската пекара Cake&Bake го зголеми производството на леб по цена од 33 денари. По еднодневната пауза, сопствениците на пекарата одлучија дека интересот на граѓаните е најважен.

Гевгелиската пекара Cake&Bake од изутрината е преполна со граѓани кои поитаа да се снабдат со леб по цена од 33 денари. По еднодневната пауза, откако беа повикани пекарите да не доставуваат бел леб по замрзнати цени, сопствениците на пекарата одлучија дека интересот на граѓаните е најважен.

„Греота е да им скусиме леб на луѓето. Во оваа криза, кога лебот е основен за да се прехранат голем број семејства, ние одлучивме дека треба да продолжиме со работа и да го продаваме белиот леб по цена од 33 денари“, вели за ДВ, Велика Карагонова Созуер, сопственичка на пекарата.

Да се помогне на најзагрозените 

Брачниот пар Созуер пред две години одлучил да ја отвори пекарата во Гевгелија. Почетоците биле тешки, со многу подеми и падови, но за изминатиот период тие успеале да го одржат и да го прошират пекарскиот бизнис.

„Некогаш се работи со добивка, некогаш со зијан, но може да се работи ако се сака. Можеби во овој период ќе работиме со загуба, но мора да се издржи и да им се помогне на овие коишто се најзагрозени“, ни изјави Велика.

Најчести муштерии во пекарата се пензионерите, но се почесто сопственичката вели дека гледа и сиромашни семејства, на кои треба да им се помогне, а не да им се ускрати и тоа парче леб што едвај успеваат да го обезбедат за дома.

Зголемено производство 

Со цел да им се излезе во пресрет на сите граѓани кои деновиве се потешко доаѓаат до векна леб, пекарата Cake&Bake одлучи да го зголеми производството на бел леб. Тој и највеќе се троши. Ако во текот на летото се продаваат и по 3.500 бели лепчиња дневно, за интегралниот има побарувачка од 50 лебови на ден.

„Денеска имавме зголемено производство на леб кој веднаш се троши, а слушаме најави дека од утре веќе со работа ќе почнат и други пекари“, велат од гевгелиската пекара.

На ваквиот чекор да продолжат со производство на бел леб се одлучиле откако увиделе дека други пекари во градот почнале да го продаваат лебот од 450 грама дури и за 58 денари.

„Точно е дека имаме многу трошоци кои постојано раснат. Ние како пекара не користевме ниту субвенции од државата за струја, а сепак го поевтинивме лебот изминатиот период. Кај можат двајца пензионери да купат два леба во денот, ако нивната цена е над 100 денари?“, коментира нашата соговорничка.

Таа се надева дека сепак доаѓаат подобри времиња за пекарската индустрија. Откако ќе се надмине ситуацијата со недостигот на леб, пекарите се надеваат дека државата во иднина сепак ќе им пружи некаква помош со цел да се стимулира и поддржи оваа дејност.

Некој ги спушта – друг ги крева цените 

По повикот на пекарската индустрија да не се испорачува леб леб поради замрзнатите цени од 33 денари за 450 грама, дел од пекарите ја почитуваат одлуката, некои ги намалија цените и на 28 денари за еден леб, додека други почнаа „под рака“ да продаваат леб и по 50 денари. Граѓаните се нервозни оти рано изутрина или доцна навечер треба да молат по пекарите за векна леб. Револтот е уште поголем што дел од пекарите сакаат да ја искористат ситуацијата за екстра профит.

леб
Граѓаните се нервозни оти рано изутрина или доцна навечер треба да молат по пекарите за векна леб. Револтот е уште поголем што дел од пекарите сакаат да ја искористат ситуацијата за екстра профит

Недостигот на леб предизвика зголемена побарувачка на брашното, откако многумина се одлучија да си замесат леб дома.

Веќе втор ден како во продавниците не се испорачува бел и полу бел леб откако Владата донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари. Причината за оваа мерка, според надлежните, е неисполнувањето на договореното од страна на компаниите по испораката на субвенционираната струја, како и заштита на граѓаните.

Во изјава за МИА, претставници од пекарската индустрија посочуваат дека замрзнувањето на цената на лебот се коси со уставното право за слобода на пазарот и велат оти се подготвени за разговор со надлежните институции.

„Се чека Владата да одлучи позитивно во однос на барањата на пекарите. Замрзнувањето на цената се коси со уставното право за слобода на пазарот. Очекуваме поддршка и од другите индустрии, од сите, зашто ако ова ѝ се случува на пекарската индустрија, може да им се случи и на нив“, вели претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски во објава на Фејсбук информира дека инспекторите во текот на вечерта излегле на терен да проверат дали се почитува одлуката за замрзната цена на лебот.

Тој вели дека леб ќе има бидејќи е недозволиво ваков основен продукт да не е достапен. На производителите им порача дека никој нема да биде поштеден доколку не се почитува одлуката. „Економската криза не е за злоупотреба и профитерство“, дециден е Трајковски.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Виралниот ТикТок предизвик „Супермен“ испраќа тинејџери и средношколци во болница

Виралниот ТикТок предизвик „Супермен“ испраќа тинејџери и средношколци во болница

На видеа на ТикТок, има деца кои намерно не го прифаќаат ученикот кој скока врз …