Хрватска: Работа може, престој малку потешко

Хрватска: Работа може, престој малку потешко

Во Хрватска доаѓаат сѐ повеќе странски работници, но ним не им се нуди перспектива. Истовремено се бележи постојан пад на наталитетот и недостиг на работна сила. Зошто нема политичка волја за интеграција на странците?

Демографската слика на Хрватска е сѐ помрачна, а тоа го потврдуваат и најновите извештаи за движењето на бројот на населението. Минатата година ниту една хрватска жупанија немаше повеќе родени од починати, а само четири помали градови можеа да се пофалат со различни резултати. Во исто време, дури седум жупании забележале најмалку двојно поголем број на починати од родени. Реакциите на јавноста, стручна и општа, се во согласност со ова, а притоа никој сè уште не зел предвид еден сосема поинаков тренд: покрај бегалците од другите континенти, во Хрватска доаѓаат сѐ поголем број работници од Азија, на пример од Непал или од Филипините.

На хрватскиот пазар на труд денес има повеќе од 150.000 активни доселеници, од кои голем дел се токму со такво потекло. Јасно е дека овие луѓе долгорочно ја менуваат демографската слика на Хрватска, но тоа очигледно интересира малкумина. Многу ретко јавно се коментираат нивните услови за живот и работа или шанси за престој, за доаѓање на нивните семејства и конечно, за нивната општа социјална положба. Тие самите, во ретки медиумски прилики, генерално ја изразуваат својата желба за постојан престој.

Неподготвеноста на државата за стратешки решенија секако ќе дојде на наплата кога ќе помине некое време и кога таа популација значително ќе порасне. Драго Жупариќ-Иљиќ од Филозофскиот факултет во Загреб посочува дека најголемиот проблем со демографските стратегии во Хрватска е лошото спроведување на мерките за систематска и одржлива ревитализација.

Влажните соништа на политичките елити

Овој социолог и аналитичар, со посебен фокус на миграцијата и бегалците, забележува дека не постои проактивна визија за развој на хрватскиот простор и население што би вклучила постојана имиграција и натурализација на странци од неевропските области. „Исто така, не постои забележлива политичка волја ниту во тоа да се види потенцијалот за демографско закрепнување и економски напредок, туку поради сите наши иселени сограѓани, а во согласност со потребите на испразнетиот хрватски пазар на труд, се дозволува стихијно доселување преку посреднички агенции, често со експлоататорски практики и тешки услови за работа“.

Драго Жупариќ-Иљиќ социолог
Жупариќ-Иљиќ: Се дозволува стихијно доселување преку посреднички агенции, често со експлоататорски практики и тешки услови за работа

Во овој контекст, според Жупариќ-Иљиќ, се чини дека се тешко остварливи и две основни потреби на странските работници. Прво, дека тие можат да сметаат на одобрување за постојан престој во иднина, а потоа и на доведување на своето семејство: „Со тоа се лимитирани и шансите за вистинска интеграција и многу веројатно се придонесува за натамошни секундарни движења на странската работна сила од Хрватска кон Западна Европа. ‘Влажните соништа’ на политичките елити за етничка монолитност на нацијата, која би требало да се реализира преку повратниците од дијаспората, честопати се покажуваат како промашени и неостварливи, исто како и митот за конкурентноста на Хрватска во очите на дигиталните номади“.

Истото важи и за посакуваното доаѓање и престој во Хрватска на поголем број Украинци, кои се послични на доминантната лингвистичко-културна матрица. „За жал, и во иднина може да се очекува истата негрижа за едно круцијално прашање за ова општество: како опцијата за останување да биде примарен избор и решение за многумина кои само сакаат овде чесно да работат, да живеат и да ги воспитуваат своите деца, но поради неспособната и лоша државна администрација, корупцијата и криминалот, се чувствуваат заробени и како странци во сопствената земја“, вели овој социолог и на тој начин се навраќа на прашањето на самите хрватски граѓани, од кои стотици илјади ја напуштија својата земја во последните десет години.

Графити во Сплит
Графити во Сплит: „Работа има, но не се бараат работници“

Амбивалентни цели на интеграција

Во разговор со политикологот Ведрана Баричевиќ, се потсетуваме дека Хрватска до пред само неколку години имаше многу рестриктивни политики за работа на луѓе кои не беа нејзини државјани. Работниците првенствено доаѓаа од регионот, односно од земјите од поранешна Југославија, но денес тоа веќе не може да ги задоволи потребите на пазарот на труд во Хрватска. Баричевиќ се согласува со констатацијата дека засега нема индиции дека на ниво на политиката или општеството се размислува за долгорочни прашања, како што е интеграцијата на овие луѓе. Во исто време, тоа е процес кој веќе е виден во различни земји од (северо)западот на Европската Унија.

„Не е исклучено ниту тоа нивната интеграција во Хрватска да остане рак-рана, како што се покажа во некои сегменти, на пример во областа на политиката за азил. Дополнително, државите може да имаат мотивација да ги задржат работниците во позиција на зависност и социјална изолација. Имено, нискоквалификувана работна сила се бара редовно за оние работни места кои локалното население не ги сака“, вели политикологот од Факултетот за политички науки во Загреб, посочувајќи на правната норма на ЕУ за признавање поголеми права за странските работници.

Според нормите, по пет години тие треба да добијат можност за постојан престој и натамошна интеграција, но оваа дозвола подразбира и слобода за барање работа, промена на работодавач, како и слобода на движење, особено во рамките на ЕУ. „Затоа, политиките за интеграција“, вели Баричевиќ, „често се водат од прилично амбивалентни цели: од имигрантите се бара социјална интеграција или дури и асимилација, но тие често остануваат во позиција на социјална изолација и правна несигурност долго време, за да се задоволат потребите на пазарот на трудот“.

Можни се поатрактивни политики за доселување

„Она што е секако јасно е дека без одлучни интегративни политики кои ги подразбираат и прашањата за јазикот, образованието, обединувањето на семејствата и слично, не може да се зборува за создавање стабилни услови за живот на луѓето што доаѓаат. Тоа сепак е политичка одлука. Постои цела низа добри практики што може да се усвојат, но за воопшто да се размислува за тоа, потребно е интеграцијата да се постави како долгорочна цел“, заклучува Ведрана Баричевиќ, посочувајќи на можноста притисокот на пазарот и недостигот на работна сила да ја принудат Хрватска да усвои поатрактивни политики на доселување.

Но, засега тоа се само претпоставки и проекции кои се засноваат на искуство од други средини, а сигурно не би било лошо да се земе предвид и историјата на иселувањето на хрватските граѓани. Многумина од нив заминаа без јасен план освен работа и заработка, но голем дел од нив потоа трајно останаа во Германија, Австрија, Швајцарија, Шведска. Денешните доселеници во Хрватска често го сакаат истото за себе и за своите семејства, само што никој официјално не ги прашува за тоа, ниту пак за тоа се води сметка.

Ведрана Баричевиќ на крајот вели дека и јавноста би можела да помогне за подобро профилирање на јавните политики за ова прашање, т.е. општеството со својот притисок врз државата. Приликите се менуваат речиси преку ноќ и наскоро односите ќе може правилно да се насочуваат само со многу повеќе труд отколку што е потребно сега.

Прочитајте повеќе

Олимпијада 2024: 10.500 спортисти и 300.000 кондоми

Олимпијада 2024: 10.500 спортисти и 300.000 кондоми

Во следните три недели Париз ќе биде домаќин на Олимписките игри 2024. Ви нудиме одговори …