Пишува: Зоран Милошески
Во тоа време наставниците не ги бркаа од работа заради политичка неподобност. Ниту пак некој ги уценуваше со одработување на „приправнички стаж“ преку одење на партиски митинзи, носење списоци со имиња на 10 или повеќе сигурни гласачи, ниту шак со ставање лајкови и споделување фејсбук статуси објавени од матичната партија.
Во тоа време вината за лошите оцени на своите деца, родителите не ја бараа во наставниците.
Уште ми зујат ушите од првата и единствена шлаканица со која после една родителска средба ме „даруваше“ татко ми, заради како војници наредените единици во првото тримесечие од втората година во прилепската Гимназија. Ама ниту тој, ниту мајка ми, не го вперија прстот во професорите заради „немање разбирачка“ за нивниот син кого хормоните здраво го трескаа од земја и за кого фудбалот беше најважната работа на светот. Немаа никаква дилема дека причината за „бандерите“ лежеше во незагреаното столче.
Во тоа време наставниците беа почитувани и од учениците, и од нивните родители. Во тоа време, наставниците беа закон!
Денес, добар дел од оценките на крајот од школската година се пишуваат во комитетите и партиските штабови. Кон крајот на мај до директорите на училиштата стасуваат пусулчиња со навезени двојки и петки, кои тие ги трансферираат до класните раководители, на кои пак им останува само да ги внесат во дневникот и свидетелствата. Понижувачки и недостоинствено како за наредбодавачите, така и за извршителите.
За жал или за среќа, останаа просветни работници кои држат до својот авторитет и интегритет. Велам за жал, затоа што се малку, а среќа затоа што што колку-толку, сеуште ги има.
Како по некое непишано правило, секоја година после локалните избори се повторува безмалку истата приказна: оние кои во изминатите 4 години не успеале да се стекнат со решение за засновање работен однос на неопределено време, остануваат на улица.
Ниту овој први септември не беше исклучок од правилото. Напротив. Чистката на „неподобните“ беше темелна и бескрупулозна.
Без никаква вина, огромен број наставнички кадар остана надвор од образовниот процес. Ковачите на туѓи судбини им ја одзедоа можноста професионално да се реализираат, им го скратија правото да го работат она за коешто се образувале и кое го одбрале како своја животна професија.
Притоа, никој не се занишува да праша, како на образовниот процес ќе се одрази елиминирањето на толкав број наставници, кои со години биле дел од истиот тој процес? Како тоа ќе се одрази на учениците? Ги праша ли некој нив за мислење? Постои ли некаква, макар и површна анализа или оцена за квалитетот на педагозите и воспитувачите на нашите, на вашите деца, кои со еднострана партиска одлука на некакви си локални моќници, се исфрлаат од системот?
Конечно, што е со хуманиот, што со социјалниот аспект во целата оваа приказна? Помисли ли некој од егзекуторите, како им е на оние на кои со еден потег, без око да им трепне, им ги уништија соништата? Влезе ли некој макар за миг во нивната кожа? Се праша ли некој дали тие луѓе имаат семејства? Како ќе им објаснат на своите деца дека од овој први септември наместо во дневниците, ќе се потпишуваат во списоците на Агенцијата за вработување?
Не постои протеза за ампутирана душа. Само оној кој ја поминал оваа голгота и на свој грб го носел товарот на психичката болка, само тој кој без своја вина бил избркан на улица и бил доведен на прагот на егзистенцијата, ја разбира маката на обесправените наставници и на сите останати довчерашни вработени од други институции, кои ги снајде истата судбина.
Што понатаму? Како и во сите претходни ситуации – ништо!
Едните ќе излезат со реакција дека новата локална власт неправедно им го зела лебот на наставниците, другите кратко ќе одговорат – нема ништо незаконски, и вие го правевте истото.
И тука завршува се’. Оти државата нема, или не сака да има механизми со кои ќе ги заштити немоќните, а ќе ги санкционира моќниците.
Ама, кармата е чуден феномен. Кога-тогаш ќе чукне на сечија врата и ќе ги израмни сметките. На крајот, животот секогаш ни го враќа она што им го даваме на другите!