И НЕПРАВДАТА ЌЕ ПУКНЕ ОД СРАМ

И НЕПРАВДАТА ЌЕ ПУКНЕ ОД СРАМ

Пишува: адв.Жарко Стеваноски

Правосудниот систем (линкот судство-јавно обвинителство), кај нас е воспоставен и функционира по принципот „почешај ме, за да те почешам”. Или во превод, како граѓани навикнати сме да гледаме како судиите ја покриваат нестручноста и штетата која јавните обвинители ја прават со своето постапување спрема странките и буџетот на државата, а овие од своја страна им се оддолжуваат и ги покриваат грешките на судиите, кога за тоа има потреба. Со чест на исклучоци, се разбира.

Ним не им е битен кредибилитетот на државата и оценките на ЕУ за правосудството и затоа секоја година имаме такви забелешки во извештаите на Европската комисија, кои се однесуваат на напредокот или поточно речено за уназадување во напредокот во правосудството. Секоја втора апликација пред Европскиот суд за човекови права, завршува со пресуди против државата за повреда на некое човеково право предвидено со конвенцијата и протоколите, а државата го плаќа цехот, колкав и да е. По тој повод, тука одговорност од именуваните не се бара, нели, по доброто старо начело „не одговара за искажано мислење и постапување”.

Ваквата долгогодишна пракса во државата одамна ги има преминато границите на нормалата, па како таква претставува далеку пострашна „шема” од онаа која се јавува кај кривичните дела од областа на организираниот криминал, во било која сфера од Кривичниот законик.

Следете го примерот со Италија и ќе ви биде јасно колку децении сме назад со реформите во правосудството. Ние сеуште не сме стигнале до тоа дереџе мафијата да разнесува судии и јавни обвинители, што е уште пострашен податок кој укажува на компатибилноста на мафијата со правосудната функционалност. Но затоа сме до чекор од „преку глава” тоа да го стори обичниот граѓанин, па потоа со песна да изробија како човек.

Затоа и ние како адвокатска фела сме далеку за да можеме да зборуваме за еднаквост на оружјата во постапките во кои ги застапуваме интересите на странките. А на добар дел од нас полесно им е да се придружат на „шемата”, отколку да го сочекаат исходот на постапките пред Европскиот суд за човекови права и до крај да ја истераат правдата… ако на крајот на денот така може да се нарече.

Во таа смисла, илузорно е да се очекува дека било какви законски измени во насока на зголемување на одговорноста на судиите и јавните обвинители и нејзина индивидуализација, ќе вроди со плод. Напротив, долгогодишните меѓусебни линкови ќе зацврснат уште повеќе, поради ефектот на меѓусебна „нужна одбрана” од ново поставените построги норми.

Затоа, мислам дека реформите во правосудството треба да бидат процес во кој, преку повеќегодишна ревизија извршена од страна на домашни и странски експерти на веќе сработеното од страна на сите судии и јавни обвинители поединечно, ќе може да се очекува извршување на каква таква природна селекција помеѓу стручните и професионални кадри, од нестручните и непрофесионални во фелата.

Впрочем, нездраво е да се очекуваат здрави промени во правосудството преку ноќ, затоа што секоја брза промена го носи бремето на јавната осуда за некаква партизација на судството. И тоа ќе наликува на обична промена на чорапи на смрдени нозе, каква што впрочем сме имале можност да гледаме низ годините.

За крај, ќе се обратам до моите колеги од судството и јавното обвинителство, со мува или без на капата, со следниот предизвик: ако сте кадар, излезете како адвокати макар на еден ден и почувствувајте како се заработува лебот, бркајќи ја правдата која ја изградивте”.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …