„Францускиот предлог го поларизираше општеството. Граѓаните се како во бунило – на кого да му веруваат, која страна да ја фатат?“, вели социологот Илија Ацески за ДВ.
Францускиот предлог предизвика ерупција на полемики, протести, незадоволство и расправии во македонското општество, поларизирајќи го на три страни – едни кои ја прифаќаат владината стратегија за прифаќање на предлогот и брз старт на преговори со ЕУ, другата – која безусловно го отфрла предлогот којшто смета дека е на штета на македонскиот идентитет и јазик, и трети кои бараат подолготрајни консултации, расправии и анализи околу предностите и евентуалните замки коишто ги содржи компромисниот документ со Бугарија. Место дијалог во општеството, се почесто се води битка во ринг меѓу двете спротивставени страни, во која и преку лични навреди се дискредитира противникот. Се навредува и оној којшто ќе заземе страна, но и оние коишто се обидуваат да останат неутрални во процесот и да ги видат двете страни на понудената француска паричка.
Психолошки товар
„Ова е голем психолошки товар за граѓаните – за што да се определат, на кого да му веруваат, која страна да ја фатат?“, вели социологот Илија Ацески за ДВ.
Според професорот, целата ова ситуација предизвика збунетост кај граѓаните, дијалогот се води само околу„НЕ“ и „ДА“ за францускиот предлог, иако многумина не ја знаат содржината на документите околу кои се полемизира. Како во бунило се креира мислење преку постови на социјалните мрежи во кои се споделуваат тврдења за наводна „фуснота според која македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот“, нешто што воопшто не е содржано во документите.
„Според мене, идентитетот ниту некој ни го поклонил ниту може да ни го одземе. Македонскиот идентитет се формирал како и идентитетите на сите други држави на Балканот – од втората половина на 19 век, низ бурна историја во 20 век, за да се формира колективната меморија дека ние сме Македонци и нема отстапки од тоа“, вели Ацески.
Меѓупартиска пресметка
Кога идентитетот влезе во меѓупартиска пресметка, според социологот, тогаш излегоа на површина историските, психолошките, антрополошките и социолошките проблеми во земјата. Се подели политичкото битие во македонската стварност – една страна тврди дека нема да даде ништо, а другата страна убедува дека е заштитен македонскиот идентитет и јазик.
„Претседателот Стево Пендаровски имаше умерен став дека – не добиваме се, но и дека не губиме многу – што го амортизираше поларизираното општество. Мора да имаме предвид дека процесот во Европската Унија ќе трае со години, така што во одреден момент ако сметаме дека Бугарија повторно уценува, можеме да се повлечеме“, вели Ацески.
Тој е дециден дека „не може на сила никој да не внесе во ЕУ, ниту пак ние можеме да се убедуваме дека можеме надвор од ЕУ процесите“. „Да бидам искрен, да тргнеме од претпоставката дека ќе почнеме преговори- се наметнува прашањето зошто е тоа важно? Бидејќи јас тука го гледам излезот за да почнат сериозни реформи во земјата. Немаме друг излез, за земјата друг излез не постои“, вели социологот.
Професорот вели дека треба да се воспостават елементарни односи согласно европските стандарди, со што ќе се стави ред особено во трошењето на буџетските пари. Само на тој начин ќе се стави крај на злоупотребите. Зошто да почнеме преговори? Бидејќи тоа ни дава надеж дека нешто ќе тргне напред во земјата. А ако Бугарија повторно условува во иднина, ЕУ има доволно капацитет и вредности за да стави крај на тоа.
Извор: DW