собрание

Институт за демократија: Собранието го достигна дното на недоверба кај граѓаните во последниве четири години

Истражувањето покажува и дека повеќе од половина (56%) од испитаниците сметаат дека воведувањето отворени листи, со што на парламентарните избори би гласале за личност, наместо за партиска листа, би придонело за поквалитетен пратенички состав во Собранието

На скалата од 1 (најлошо), до 5 (најдобро), во 2023 година граѓаните ја оценија работата на Собранието со средна оценка 2,2 која бележи пад на скалата споредено со изминатите четири години.

Ова го покажува истражувањето на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ППП). Институтот во периодот февруари – април 2023 година спроведе комбинирано истражување со теренска анкета и девет фокус-групи за подобро да ја истражи јавната перцепција за работата на Собранието и политичките партии, квалитетот на живот, политичките прашања и довербата во Северна Македонија.

Доминантен дел од граѓаните во истражувањето сметаат дека Собранието има значајна улога во политичкиот живот на државата, но повеќе од половина од испитаниците не се запознаени со тоа што се работело во Собранието во изминатиот период.

Институт за демократија: Собранието го достигна дното на недоверба кај граѓаните во последниве четири години
Фото: Социетас Цивилис

Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја користи докрај својата уставна надлежност за контрола над Владата, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, скоро половина (46%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо спротивниот ефект. Имајќи ги предвид пратеничките прашања како една од алатките на Собранието за надзор над извршната власт, граѓаните се поделени во однос на тоа дали тие се користат соодветно или служат за критика или реклама.

„Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека повеќето од пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните. Дополнително, половина сметаат дека излагањата на пратениците се малку или воопшто не се аргументирани. Анкетираните граѓани, исто така, сметаат и дека на здруженијата на граѓаните треба да им се овозможи поголема вклученост во работата на Собранието. Кога станува збор за односот помеѓу пратениците, најголем дел од граѓаните го опишале како непријателски и натпреварувачки. Дополнително, граѓаните-испитаници имаат впечаток дека пратениците на седниците често или секогаш користат говор со кој ги омаловажуваат и ги деградираат своите колеги од други политички партии“, се вели во истражувањето.

Истражувањето покажува и дека повеќе од половина (56%) од испитаниците сметаат дека воведувањето отворени листи, со што на парламентарните избори би гласале за личност, наместо за партиска листа, би придонело за поквалитетен пратенички состав во Собранието. Со оваа изјава целосно се согласуваат 20%, а делумно се согласуваат 36% од испитаниците. Вкупно 25% од граѓаните сметаат дека воведувањето отворени листи нема да има влијание врз квалитетот на пратеничкиот состав во Собранието.

Настанот на кој беше презентирано истражувањето го отворија Роберт Скот Хислет, виш постојан директор на НДИ и тим лидер на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) и Марко Трошановски, Претседател на Институт за демократија (ИДСЦС).

Хејзлет рече дека пратениците, за да покажат одговорност пред јавноста, треба да размислат за етички реформи и реформи во кампањите како и за поголем законодавен надзор.

„Граѓаните во Северна Македонија се загрижени што пратениците ефективно не одговараат на потребите на граѓаните и сметаат дека пратениците ги застапуваат нивните лични интереси (80%), интересите на политичката партија (75%) и бизнис интересите (64%)“, рече Хислет.

Трошановски потенцираше дека за да се подобри перцепцијата за Собранието клучна е неговата активна надзорна улога врз извршната власт.

„Ако сакаме Собранието да се претвори во вистински законодавен дом, како врховна институција на суверенитетот на граѓаните, тогаш надзорната функција односно контролата на властa, барањата на одговорност, како и земање предвид на сите извештаи на ДЗР и посочените пропусти од Антикорупциската комисија, е нешто што мора да се направи во следниот период“, рече Трошановски.

Истото истражување покажа дека највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници, војската и полицијата, а најниска доверба имаат обвинителството, судството и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …