Интелектуално воскреснување

Интелектуално воскреснување

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Карло Шмит, професор по политичка филозофија, социјалдемократ, еден од творците на Уставот на Сојузна Република Германија, уште пред повеќе од половина век напиша:„Тешко на државата, тешко на општеството кое не е способно да го истрпи интелектуалецот, човекот кој им ги кажува непријатните вистини”.

Што е интелектуалец? Што е антиинтелектуалец? Како се однесуваме ние како општество кон интелектуалците?

Доколку ги отвориме енциклопедиите, ќе видиме дека образованието не е одлучувачки фактор за сознанието на вистината за општеството. За тоа докажуваат многу образовани личности кои своето знаење го ставале во служба на „воспоставените моќници”, а не во служба на општественото добро. Положбата на интелектуалецот е насочена кон собирање, чување, обработка, критика и создавање на различни вредности и верувања. Секогаш една идеја е условена од психолошките, социолошките и историските услови, но вистинитоста за идејата не е.

Една идеја се покажува како вистинита или невистинита дури откако ќе задоволи одредени критериуми, односно кога нема да противречи на еден општо прифатен начин на проверка. Интелектуалец е секој оној, кој за животна цел ја има поставено оваа разумна идеја која го одредува неговиот начин на мислење, верување, вреднување и делување, без разлика на неговото потекло, општествен статус или формално образование. Во секое општество постојат луѓе кои собираат, обработуваат, толкуваат, шират, создаваат разни духовни творби, водени од интересот да го запознаат светот, а не да владеат со него или да го користат за други потреби. Од ова се согледува и разликата помеѓу вистинскиот и лажниот интелектуалец – првиот живее за идејата, а вториот од идејата! За вистинскиот интелектуалец знаењето е причина, а за лажниот средство да се заработат пари или да се освои власт или моќ.

Доколку се проба да се угнети нагонот за создавање кај интелектуалецот, тој се спротивставува на притисокот, бидејќи без отпор тој би останал духовно тром. Помалку го интересира редоследот на нештата, повеќе го радува изненадувањето. Тоа се луѓе кои создаваат и затоа тешко се прилагодуваат.

За интелектуалците се вели дека, како што рударите вадат злато од длабочината на „мајката земја”, така тие вадат чисти вредности од длабочината на колективната душа. Како што во една прилика вели Ниче: „Колку вистина поднесува и на колкава вистина се осудува еден дух? Тоа за мене стана вистинско мерило на вредност”- да се биде интелектуалец, е да се стави потребата за вистина над останатите потреби.

Од друга страна, антиинтелектуалноста ги претставува оние лица кои не можат да поднесат различни мислења и затоа се борат сите да мислат исто, односно – да не мислат. Кога општеството се бори против интелектуалците, тогаш докажува дека од општествените односи се исклучува она што е умно, вредно, мудро и добро.

За антиинтелектуалците често се поставува прашањето:„Дали може да веруваш во човек кој во една уста има два јазика?”. Ваквите луѓе вистина глумат, а лажно живеат.

Гулдер вика дека интелектуалецот треба да знае дека ниту еден судија не е неутрален, според тоа мора да биде праведен. Објективноста не е неутрален став, бидејќи да си објективен значи во исто време да ги исклучиш останатите ставови кои тоа не се. Доколку општеството би било разумно и умно организирано, нема да има потреба од наука, со самото тоа што науката постои и во основа ја претставува критиката на општеството. Затоа не е случајно што научните истражувања секаде во светот се во полза на решавања на општествените различни области кои се однесуваат на решенија кои им се потребни на луѓето. Постои огромна маса на луѓе кои не знаат и не можат да ги искажат во јавност своите лични неволји, затоа се потребни критички мислители кои ќе бидат јавни толкувачи на нивните приватни неволји. Како што вика Милс:„Интелектуалецот мора од личните тешкотии на бројната маса на луѓе да постави јавни прашања, од поединечни проблеми на многубројни луѓе да создаде општествен проблем за кој ќе се бара најсоодветно решение”.

Нашата земја голем период беше заглавена во незнаењето за почит кон интелектуалецот од било која област. Денес се очекува и се верува дека тоа време е зад нас. Затоа, денес скромно и мудро проникнуваат различни размисли со цел да го освежат и оплеменат општествениот простор кој гушеше предолго. Сметам дека ова е периодот во кој политичкиот систем ќе се реставрира во делиберативна демократска форма и ќе настапи период на „интелектуално воскреснување”, кој е неопходен за развојот на позитивните европски вредности и кај нас.

Ова не значи дека ќе биде лесно, не значи дека ќе биде веднаш прифатено, но значи дека секој од нас има индивидуална одговорност за да го минимизира антиинтелектуалецот во себе и покрај себе!

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …