Интернет преплавен со лажни реклами за лекови

Интернет преплавен со лажни реклами за лекови

Измислени лекари на лажни реклами промовираат наводни препарати за простата и потенција. Вистински лекари се злоупотребуваат за реклами за лекови.

Во Македонија е урологот, доктор Катерина Велјановска или Камелија Радулевска, во Србија доктор Даница Стојадиновиќ, во Босна и Херцеговина доктор Саида Дервишевиќ, во Хрватска доктор Мирјана Павковиќ, во Албанија доктор Катерина П. Ајо, во Унгарија доктор Варга Пироска…

Истата фотографија, симната од интернет, се користи за лажни реклами со кои се промовираат наводни лекови за простатитис и потенција. Некогаш тоа е чај, некогаш некакви капки, некогаш се некакви таблети. Цените се движат од 2.000 денари нагоре.

На друга реклама, наводен доктор Стојан Димитриевски рекламира некакви препарати за болки, отоци и грчеви во нозете.

Но, пребарувањето на интернет покажува дека такви доктори во Македонија не постојат. Фотографиите, пак, најчесто се купени од странски сајтови за продажба на фотографии.

Интернетот е преполн со слични вакви реклами за препарати за слабеење, за болки, за потенција, за лекување габички на нозете… Тие не се промовираат само преку социјалните мрежи, туку и преку некои сериозни информативни сајтови. Ваквите реклами, објавени преку платформата за реклами на Гугл, обично стојат на крајот на веста. Ваквите наводни лекови се порачуваат директно од интернет, а не може да се купат во аптека. Сајтовите преку кои се нарачуваат вообичаено не се регистрирани во Македонија.

Лекови Реклами Македонија
Истата фотографија, симната од интернет, се користи за лажни реклами со кои се промовираат наводни лекови за простатитис и потенција

Претходно, имињата и фотографиите на познатите доктори Никола Пановски и Вело Марковски беа злоупотребени за Фејсбук реклами со кои се промовираа наводни лекови против паразити. Двајцата лекари реагираа дека не промовираат никаков лек за паразити и го пријавиле случајот во полиција.

Претседателот на Македонската асоцијација на уролози, доктор Оливер Станков, пак, пријавил злоупотреба на името на асоцијацијата за промовирање на препарат кој ниту го одобриле или препорачуваат, ниту пак чуле за него.

Лекарска комора – Производи штетни за здравјето 

Лекарската комора на Македонија бара од институциите да бидат ажурни и да ги санкционираат ваквите случаи. Тие ги повикуваат граѓаните да не купуваат никакви лекови пред да се консултираат со нивниот матичен лекар.

Интернет
Интернетот е преполн со реклами за препарати за слабеење, за болки, за потенција, за лекување габички на нозете

„Дополнително ги предупредуваме граѓаните дека ваквите производи може да содржат материи кои сериозно би наштетиле на нивното здравје. Дури и во случај кога препаратите не содржат штетни материи, со самото тоа што им се препишуваат лековити својства кои реално не ги поседуваат, граѓаните намерно се доведени во заблуда и со тоа се загрозува нивното здравје“, реагира Лекарската комора.

МВР поднело три кривични пријави 

Во МВР велат дека постапувале по три пријави од лекари дека биле злоупотребени нивните лични податоци како наводни промотори на одредени препарати за здравствена употреба.

„Во сите три случаи поднесена е соодветна кривична пријава до надлежното јавно обвинителство кое согласно ЗКП е надлежно по однос на информации за посочениот предмет. Инаку, напоменуваме дека Министерството за внатрешни работи во повеќе наврати и во разни прилики изминативе години апелира до граѓаните да внимаваат на овој вид измами“, велат во МВР.

Тие посочуваат дека нелегалната трговија со вакви или слични производи преку интернет може да се пријави и во Агенција за храна и ветерина,  Државниот инспекторат за храна и ветеринарство, МАЛМЕД, Државниот пазарен инспекторат, УЈП итн.

Микробиологот, доктор Никола Пановски вели дека од МВР нема информација до каде е случајот со неговата пријава.

„Ги дознале по име и презиме, телефон. Ги казниле со по некои смешни 200-300-500 евра, ама не знам понатаму, дали им ја затвориле фирмата, дали уште ги продаваат тие лекови, ни збор од полицијата“, вели тој.

Вели дека на некои реклами го претставувале како кардиолог, кардиохирург, на некои како светски познат научник кој открил некаков нов лек и многу луѓе го прашувале дали е вистина, по што го пријавил случајот во полиција. Пановски вели дека биле злоупотребени и други негови колеги.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Добра волја за пошироко толкување на Преспанскиот договор нема ниту партијата која ќе го предводи …