Фудбал на мали голчиња

Фудбал на мали голчиња

Пишува: Зоран Милошески

Животот си има свои правила. Пишани и непишани. И нив, едноставно, мора да ги почитувате. Од првиот миг кога ќе се осознаете себеси и светот ќе почнете да го гледате низ сопствената призма, се’ до судниот ден.

Се обидовте ли да се надмудрувате со животот, да го потцените или игнорирате она коешто тој детално и темелно го планирал за вас, бидете сигурни дека битката сте ја изгубиле од старт.

Прескокнувањето или заобиколувањето на животните скалила, по правило и без исклучок, никогаш не се исплаќа. Не од финансиски или од аспект на стекнување материјални добра, туку заради непроценливата и ненадоместлива загуба во процесот на градење на личниот карактер и елементарниот чоештилак. Нешто кое доколку не се случи навреме, на самиот почеток на животното патешествие, никогаш нема да се случи.

Патувањето низ животот, градењето приватна и професионална кариера, си има свои чекори и фази кои мора редум да се поминат. Тоа е, отприлика, како играњето фудбал на мали голчиња.

За да некогаш воопшто и дојдете во ситуација да одиграте макар и еден натпревар, прво треба да ги научите правилата на играта. Правила кои во времето кога фудбалот се играше во секое маало, знаеја да се разликуваат и да ја содржат спецификата и посебноста на секоја улица.

А за да ги научите сите финти и најситни детали и финеси, кои во подоцнежните животни фази често се клучниот „икс фактор“, мора со целосно внимание да гледате десетици и десетици натпревари. Да видите како тоа го прават оние кои сонцето го здогледале пред вас. Да запаметите дека „енц“ не е секогаш пенал, ама затоа три корнери – да. Да направите јасна дистинкција како треба, а како не треба да се игра. Кој е добар, а кој лош играч.

Со тек на време, ќе ви дозволат да бидете „логистика“ и директно да се вклучите во организацијата на натпреварите: да најдите 4 камења кои ќе ја имаат улогата на стативи, точно да ја измерите ширината на двете голчиња, со канти вода да ја полеете неасфалтираната улица за да не се крева прашина до небо, да се пикате под коли и да ги прескокнувате комшиските огради со цел час поскоро да ја вратите на терен испуцаната топка, а после натпреварот да појдите до најблиската самопослуга и да купите ладни пива кои, по правило, ги плаќа поразениот тим.

Само со вака помината школа, имате шанса еден убав ден да ја почувствувате магијата на фудбалот на мали голчиња и да станете макар просечен тимски играч.

За нешто повеќе од тоа, треба многу повеќе: добар играч се создава со многу работа, ама лидер се раѓа!

Нашето 32-годишно битисување како независна и самостојна Македонија, покажа дека не сите од оние кои ја креираат сегашноста и одлучуваат за иднината на граѓаните и државата, или поточно речено, малку кој од нив, ја завршил школата за маалски фудбал на мали голчиња.

Не само што некои никогаш не ја научиле суштината на играта и не ги сфатиле нејзините правила, не само што никој не ги бирал во својот тим, туку максимумот кој го достигнале бил да се најдат во улогата на стативи. Ама дури и тогаш, ако внимателно ја следеле играта, со малку акал, желба и талент, можеле нешто да научат.

За да биде трагикомедијата уште поголема, не само што биле стативи, туку наместо со лицето, кон теренот биле завртени со га.от. И, нормално, ниту нешто можеле да видат, уште помалку да научат.

Сепак, на многумина од таквиот ков, хендикепот да имаат „дупка“ во елементарната практична настава не им бил пречка да истрчаат на големиот терен.

Од средношколските училници, факултетските амфитеатри или бирото за невработени, директно во директорските фотелји, пратеничките клупи, министерските и градоначалничките кабинети. Без дарба, знаење и визија. Лидерство, пак – ич!

И после ќе се чудиме зошто сме таму кај што сме!?

Прочитајте повеќе

ДКСК ќе бара одговорност за случајот со Академијата на судии и обвинители

ДКСК ќе бара одговорност за случајот со Академијата на судии и обвинители

Одлуката на Вишиот управен суд која во неколку наврати заврши во корист на ДКСК не …