Искрена прочка или бесрамно лицемерие?

Искрена прочка или бесрамно лицемерие?

Пишува: Зоран Милошески

„Нашата историја е повеќе прочуена со предавници отколку со херои. Така кажуваат и народните песни. Најубавите деца сами си ги јадеме или ги подметнуваме во туѓа служба, како кукавицата своите јајца во туѓите гнезда. Некој војвода има речено: за да станеш предавник, доволно е да си Македонец. Ништо не ти треба друго и ништо повеќе. Господ да ни е на помош, би рекол, зашто и нашиот господ е шпион…“

„Небеска Тимјановна“, Петре М. Андреевски

Денеска е Прочка или Велики Поклади, ден во православието на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на велигденскиот пост. Религискиот аспект на Прочка е во манифестацијата на искрена љубов кон ближните, ден кога се следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето, ден кога помладите бараат прочка од повозрасните.

И денеска социјалните мрежи ќе бидат преплавени со верска иконографија, а во месинџер и преку СМС ќе стигнуваат десетици „копи пејст“ пораки со желби за проштевање, добро здравје, благосостојба, „љубов и мир во светот“. Вистинска 24-часовна нирвана, за да веќе утре ги извадиме маските и го покажеме своето вистинско лице. Да се вратиме на старите навики и, онака чесно и поштено, јавно и бесрамно, “братски“ да си ги вадиме очите еден со друг, секогаш и секаде кога за тоа ќе имаме прилика.

Дали на Прочка вистински бараме прошка и вистински си проштеваме, или е сето тоа дел од нашиот фолклор наречен „лицемерие“? Дали времето и животот направија да бидеме такви, или такви отсекогаш сме биле?

Цитатот од почетокот на текстот, земен од романот на Петре М. Андреевски „Небеска Тимјановна“, недвосмислено ги решава сите погоре поставени дилеми.

Македонската историја е преполна со неброени примери за предавства и братоубиства. Впрочем, најголемите македонски синови од илинденскиот период и антифашистичката револуција, биле убиени откако на непријателот му биле предадени од страна на нивни соборци, соседи, пријатели… Лицем светци, срцем в’лци.

Лицемерието е првиот чекор кон предавството. Помеѓу нив се лажното пријателство, лажната љубов, лажниот патриотизам и уште многу други лажни нешта како составен дел од вистинскиот живот.

Некогаш, во времето пред појавата на фејсбукот, кога луѓето ги посетуваа домовите на своите блиски и драги луѓе, имаше многу повеќе искреност во барањето и давањето прочка. Социјалните мрежи и мобилните телефони само го забрзаа ширењето на лицемерието. Бидејќи, со еден „клик“ на пораката, вашите „поздрави и честитки“ за миг стигнуваат на стотици адреси. Покрај другите, и до луѓе кои во животот или никогаш не сте ги сретнале, или пак не сакате на патот да ги сретнете.

Кога зборуваме за лицемерието, неизоставно е споменувањето на еден феномен кој по ова прашање, како народ, не’ скицира на најпластичен начин.

На почетокот на плурализмот и повеќепартискиот систем, делењето пропаганден материјал по домовите на граѓаните во време на изборна кампања, знаеше да биде прилично ризична партиска активност. Во тоа време, кога политичките субјекти сеуште го немаа јасно дефинирано својот електорат, во ситуација кога активистите на една од двете најголеми партии од македонскиот политички блок ќе тропнеа на вратата на членови или гласачи од спротивниот табор, често доаѓаше до конфликтни ситуации. Во најдобар случај, инцидентите завршуваа со лупање на вратата пред носот на изненадените теренски активисти, а неретко и со размена на „сочни“ пцовки, па дури и физички пресметки.

Од тие причини, во следните неколку изборни циклуси, аналитичките центри на двете партии точно знаеја кој стан или куќа е „црвен“, а кој „син“, односно која врата треба да ја прескокнат, а на која да тропнат.

Меѓутоа, во последните 3-4 изборни кампањи дојде до целосен пресврт по однос на политичкото изјаснување и комуникацијата со „теренците“ на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, граѓаните до толку се извештија во криењето на својата наклонетост кон едната или другата страна, што без разлика за која партија агитираат партиските активисти, тие со насмевка го земаат понудениот пропаганден материјал и „во доверба“ кажуваат дека на претстојните избори ќе гласаат токму за нивната партија. Нема повеќе трескање врати, закани и фаќање за гуша. Сега, до денот на гласањето, сите сме си „наши“.

Прагматичност или лицемерие?

Денеска е Прочка. Христијански е да се простува. Простете ми.

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …