Избори во САД: Демократите ја задржаа контролата врз Сенатот по клучната победа во Невада

Избори во САД: Демократите ја задржаа контролата врз Сенатот по клучната победа во Невада

Демократската партија во САД ја задржа контролата врз Сенатот по најавата дека клучната битка во Невада ќе заврши во нивна полза, со што се зацврстува настапот на Демократите на среднорочните избори, откако партијата во голема мера ги надмина очекувањата.

Демократската сенаторка Кетрин Кортез Масто го победи републиканскиот противкандидат Адам Лаксалт, поранешен државен јавен обвинител кој беше поддржан од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, јавува „Гардијан“.

Со победата на Масто во Невада и онаа на Марк Кели во Аризона, Демократите ги обезбедија клучните 50 места во Сенатот кој брои вкупно 100 места. Републиканците во моментов остануваат со 49.

Ројтерс пренесува дека во Џорџија во декември ќе се одржи втор круг од изборите, но дури и да победи републиканскиот кандидат, соодносот на местата во Сенатот ќе биде 50 наспроти 50. Во ваков случај Сенатот ефективно ќе биде контролиран од Демократската партија, бидејќи со изедначени гласови одлуката паѓа на потпретседателката Камала Харис.

Републиканската партија, од друга страна, забележа слаби резултати на конгресните избори. Партијата се надеваше дека „црвен бран“ ќе ја зафати САД и дека контролата на горниот дом на Конгресот (Сенатот) ќе падне во нивни раце.

„Гардијан“ пишува дека победата на Демократите претставува поттик за претседателот Џо Бајден, откако неговата партија им се спротивстави на стравувањата дека неговиот низок рејтинг, дополнително отежнат од високата инфлација, ќе биде казнет на изборите.

Во Републиканската партија, губењето на Сенатот фрли сомнежи врз тековната доминација на Трамп врз партијата. Истакнати републикански фигури отворено апелираа до Трамп да не објавува кандидатура за претседателските избори во 2024 година, која тој се очекува да ја најави во текот на следната недела.

Контролата врз Претставничкиот дом сè уште останува нејасна, а според резултатите, во моментов повеќе претставници има Републиканската партија.

Прочитајте повеќе

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го изгласа Планот за раст за Западен Балкан, што е досега најамбициозниот финансиски …