Томислав Османли

Издаден „Столб што пее“ – четвртиот роман на Томислав Османли

Деновиве излезе од печат новиот роман на истакнатиот македонски писател Томислав Османли, „Столб што пее“.

„Романот е со сложен хронотоп и наратив составен од девет меѓусебно поврзани текови, соединети во матицата на романот, којшто го следат и го засилуваат впечатливи документарни елементи: автентични фотографии, агенциски вести, tweet-ови, два природно вметнати расказни цитати од „Делата апостолски” на Новиот завет, интернет адреси и – посебно –  четири музички QR-кодови во органска врска со насловот и метафората на „Столбот што пее“. Неговото дејство е транс-историско и се одвива паралелно: во антиката, во дваесеттото и во ова столетие. Почнува во првиот век на нашата ера кога еден умирачки антички мелограф и филозофски поет ќе нѝ ја остави најстарата преживеана песна од древните времиња, што се гласи со лирски тон и со  оптимистичка порака; преку малоазиската војна 1919-1922 која е еден меѓунационален и меѓуверски масакр изведен во продолжение на Првата светска војна…; сѐ до нашево совремие, до оваа травматична 2022 година и новото опасно завојувано столетие. Романот дава жестока панорамска слика на вековите и посебно на оваа епоха на глобално распалувани војни“, се вели во описот.

Столб што пее роман на Томислав Османли
Столб што пее“ – четвртиот роман на Томислав Османли

За четвртата книга на наградуваниот македонски автор, издавачот и писател Глигор Стојковски ќе напише насловен „Археологија на човековата омраза“. Новиот роман на Томислав Османли е еден вид книжевен крик за масовните човечки страдања од неизлечивата болест на историјата и на жестоките војни, на насилноста, одмаздољубивоста, суровоста како својства на т.н. цивилизација низ целиот нејзин тек, нараснати особено денес – вели Глигор Стојковски за романот  „Столб што пее“ – Оваа книга носи еден згуснат наратив посветен на драматичната разлика што постои меѓу мирољубивите учења, догми и доктрини на луѓето од дух, од морал и човекољубие… и на самата тврдокорна, насилна суштина на историјата на омразите, што Османли впечтливо ја истражува и разотрива во својот извонреден роман. Ова е уште едно ангажирано, возбудливо книжевно дело на Османли“, пишува Стојковски во предговорот насловен „Археологија на човековата омраза“.

Романот „Столб што пее“ е во издание на „ВиГ Зеница“ и поддржан Министерството за култура. Книгата може да се најде во книжарниците на Или-или и на Литература.мк на ул. Македонија, Сити Мол, Ист Гејт, книжарниците  во Буњаковец и во Градски трговски центар во Скопје.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …