Газа

Израелските сили го прошируваат нападот врз Газа, погодени 600 цели во изминатото деноноќие

Во одделни твитови, израелските одбранбени сили соопштија дека авион нападнал цели на Хезболах на либанска територија и дека борбен авион нападнал сириска територија

Израелските воздухопловни сили соопштија дека погодиле 600 цели во изминатото деноноќие, додека израелските одбранбени сили го прошируваат нападот врз Газа, пренесе „Гардијан“. Една од целите бил реонот околу универзитетот Ал-Азхар, од каде било најавено дека ќе се лансира противтенковска ракета.

Израелските сили, исто така, нападнале цели во Сирија и Либан, како одговор на лансирањето од тие области во Израел, соопштија одбранбените сили на земјата. Во одделни твитови, израелските одбранбени сили соопштија дека авион нападнал цели на Хезболах на либанска територија и дека борбен авион нападнал сириска територија.

Има дополнителни информации за уште еден напад на израелските сили на бегалскиот камп „Џенин“ на Западниот Брег, при што се верува дека се убиени најмалку двајца Палестинци.

Вчера, на уште 33 камиони со хуманитарна помош било дозволено да поминат во Газа од Египет. Тоа е најголемиот број камиони со помош што поминале за еден ден од почетокот на конфликтот, но хуманитарните работници изјавија за „Асошиејтед прес“ дека помошта сè уште е очајно мала и дека е неопходно да се зголеми.

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден телефонски разговарал со Бенјамин Нетанјаху вчераутро.

„Претседателот повтори дека Израел ги има сите права и одговорности да ги брани своите граѓани од тероризам и ја нагласи потребата да го стори тоа на начин во согласност со меѓународното хуманитарно право кое има приоритет на заштитата на цивилите“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Русија не ја уништи армијата на Украина

Русија не ја уништи армијата на Украина

Не е точно дека Русите ја уништиле украинската армија, таа уште ја брани територијата на …