израелска војска во газа

Израелските војници ја опколија Газа, државниот секретар Блинкен пристигнува во Израел

Американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Израел за да изврши притисок за хуманитарна „пауза“ во борбите со Хамас и поголема хуманитарна помош во опколената Газа, пренесува Асошиејтед Прес

Израелските трупи го зајакнаа опкружувањето на Газа, во време кога американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Израел за да изврши притисок за хуманитарна „пауза“ во борбите со Хамас и поголема хуманитарна помош во опколената Газа, пренесува Асошиејтед Прес.

Oд Белата куќа, во меѓувреме, изјавија дека сите паузирања во борбите треба да бидат привремени и локализирани, и инсистираа на тоа дека нема да го спречат Израел да се брани.

„Кога ќе видам палестинско дете – момче, девојче – извлечено од урнатините на некоја зграда, тоа ме погодува во стомакот, исто како што гледам дете од Израел или од кое било друго место“, им рече Блинкен на новинарите пред да замине за Израел, објави Ројтерс.

Во меѓувреме, тензиите продолжија да ескалираат долж северната граница со Либан, пред говорот планиран подоцна за денеска на Хасан Насрала, лидерот на Хезболах, сојузник на Хамас. Тоа ќе негов прв јавен говор откако Хамас го нападна Израел минатиот месец, поттикнувајќи стравувања дека конфликтот може да стане регионален.

На околу 800 луѓе – вклучително и стотици Палестинци со странски пасоши и десетици повредени им беше дозволено да го напуштат Појасот Газа преку преминот Рафа, според договорот меѓу САД, Египет, Израел и Катар, кој посредува со Хамас.

Израел дозволи повеќе од 260 камиони кои превезуваат храна и лекови преку преминот, но хуманитарните работници, според Асошиејтед Прес, велат дека тоа не е доволно. Израелските власти одбија да дозволат влез на гориво.

Според Министерството за здравство на Хамас во Газа, бројот на загинати Палестинци во војната достигнал 9.061 луѓе.

Повеќе од 1.400 луѓе во Израел се убиени, повеќето од нив во нападот на Хамас на 7 октомври, кога започнаа борбите, а 242 заложници беа однесени од Израел во Газа од страна на милитантната група.

Со конфликтот кој се ближи на крајот од својата четврта недела, повеќе од една третина од 35-те болници во Газа не функционираат, а многу од нив се претворени во импровизирани бегалски кампови.

„Ситуацијата е повеќе од катастрофална“, изјавија од хуманитарната организација „Медицинска помош за Палестинците“, опишувајќи ги преполните коридори и големиот број медицински лица кои и самите се останати без дом.

Група независни експерти за човекови права на Обединетите нации предупредија дека Палестинците во Газа се во „сериозен ризик од геноцид“.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Германскиот канцелар Шолц

Зошто Шолц не може да распише нови избори како Макрон?

Претседателот на Франција, Емануел Макрон по европските избори распиша вонредни избори за францускиот парламент. Во …