Јас ќе ти завршам работа!

Јас ќе ти завршам работа!

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

По дефиниција, институциите од централната и локалната власт треба да бидат сервис на граѓаните. Затоа секој од нас е даночен обврзник – за да добие услуга од вработените во секоја од 1302-те државни институции. Оттука, должност на секој вработен во јавната администрација е да одговори на потребите на граѓаните и на потребите на општеството во целина.

Но, што во суштина се случува? За да заврши човек некоја работа во Катастар, не може да оди на шалтер и да отпочне процедура која ќе биде завршена во разумен, законски предвиден рок. Туку, му треба пријател, некој кој го познава тој што треба да си ја заврши основната работна задача за којашто е платен со парите на оној на кој му треба услугата. Разликата помеѓу добивање на услуга од институцијата по редовна процедура, или со пријател, вообичаено, еден просечен македонски граѓанин го чини половина животен век.

Како треба да изгледа пријателот? Треба да е близок човек до директорот, познат бизнисмен, некој значаен човек од моменталната структура на власт, или едноставно некој кој се знае со “главните”.

За да заврши човек некоја работа во една општина, за што има и судска извршна пресуда, без да има пријател му требаат 10-20 години (зборувам за конкретен пример), а со пријател 10-15 години. Нели со пријател беше полесно? Не, не, пријателот можеби има “јака” позиција, но нема да може да влијае врз вработениот во општината, затоа што се од различна партија. Вработениот што работи во општината знае дека, поради неговото партиско вработување во “друго време”, нема шанси да биде унапреден. Затоа, нема што тој сега да работи, местото му е секако загарантирано и со, и без да ги исполнува работните обврски!

Ова се многу мал дел од језивите примери од македонското секојдневие на “Јас ќе ти завршам работа”. Скоро секој возрасен човек кој имал контакт со институциите има доживеано исто или слично искуство, но мора да се потенцира дека прифатливоста на ваквиот начин на (не)функционалност го одзема основното право на достоинствен живот на граѓаните. И на оној кој работи во институцијата, бидејќи тој никогаш нема да доживее професионално работење, одговорно однесување и реална почит од страна на другите, но и на оној на кој услугата му е потребна, кој ќе се мачи и понижува за некој да му заврши работа којашто му следува. Без, притоа, да има било каква сигурност дека ќе ја добие бараната услуга. А, достоинството и интегритетот не може да го има ни кај “пријателот”, бидејќи тој секојдневно завршува работа која е надвор од процедура, или пак е договорена процедура која формално е законска.

Апсурдно е некој што извршува одредена задача во државна институција и зема плата од буџетот, за извршување на неговата работна обврска да ни вели “Јас ќе ти завршам работа“. Небаре ни врши услуга надвор од “описот и пописот“ на неговото работно место, заради која треба да му бидеме бескрајно благодарни. Не смееме да го дозволуваме повеќе тоа! Бидејќи истото е основа за корупција, односно за она другото што потоа следува: “Јас ќе ти завршам работа, па ти после ќе ми се оддолжиш“!

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …