Откако синдикатите на Јавното сообраќајно претпријатие денеска се заканија дека автобусите од утре нема да превезуваат патници ако не им се исплати септемвриската плата, на главниот град му се заканува целосен колапс на јавниот автобуски превоз.
Последниот рок, како што посочија синдикалните лидери, за исплата на платите е денеска до 14 часот. Како што додаваат тие, пред десетина дена веќе ја известиле градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека ако не им биде исплатена платата до средината на октомври ќе престанат со работа.
Веднаш по ваквата најава со соопштение се огласи ЈСП Скопје, од каде велат дека платата на вработените ќе им се исплати наредниве денови.
Но, понатаму велат оти парите за платите треба да ги исплати Владата, односно централната власт, и од дел од општините не прецизирајќи за кои точно општини станува збор. Наводно, тие треба да исплатат заостанати обврски за организиран превоз за одредени категории патници. ЈСП, исто така, не посочува на кои точно категории патници се мисли. Но, велат дека тоа се парите „со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП“.
„Очекуваме дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието“, велат од ЈСП правдајќи се дека и покрај енергетската криза, не ја зголемиле цената на билетите.
Додаваат дека откако дошол новиот в.д. директор, бил ставен во возна состојба целиот возен парк, биле поправени дел од нефункционалните рампи за лица со посебни потреби, и 50 возачи биле примени на работа со договори на неопределено време.
Инаку, на претходниот директор на претпријатието си замина пет месеци откако беше назначен на функцијата, а неодамна оставка си поднесе и директорот на ЈСП Турс. Градоначалничката Арсовска на местото в.д. директор на ЈСП Скопје го назначи Александар Стојковски еден ден откако приватните превозници кои се вклучени во јавниот превоз престанаа да сообраќаат на линиите 19 и 20 поради неисплатени долгови. По пишувањата на медиумите, долговите на превозниците им беа подмирени и тие продолжија со работа.
Инаку, Владата редовно го субвенционира работењето на Јавното сообраќајно претпријатие кое нуди бесплатен превоз за пензионерите, учениците и студентите. Едно од главните ветувања на Арсовска во изборната кампања беше воведувањето на бесплатен јавен превоз за сите. Нешто што до сега не е исполнето.
Од доаѓањето на Арсовска на чело на ЈСП беа повторно воведени ноќни возења за 11 автобуски линии, кои беа исклучени како превентивна мерка поради ширењето на ковид-19 вирусот.
„Воведувањето на ноќни линии е почеток на промените за подобар јавен градски превоз што е дел од програмата на раководството на ЈСП и на Градот Скопје“, соопштија тогаш од Градот Скопје.
Исто така, воведена беше и нова автобуска линија од Сарај до Радуша, како и од Жданец преку Трнодол до „Скопје Сити Мол“.
Во август годинава, Градот Скопје, со ребалансот на буџетот за годинава, го одби веќе одобрениот заем во износ од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за иградба на системот на брз автобуски транспорт (БРТ).
Од Министерството за транспорт и врски тогаш за Мета.мк информираа дека Градот Скопје на чело со градоначалничката Данела Арсовска, одбило да го реализира проектот за брз автобуски транспорт во Скопје, од нејасни причини, без никакво образложение.
Бројот на патници во јавниот автобуски превоз во главниот град опаѓа со години наназад.