Како може Европа да се прилагоди на екстремните горештини?

Како може Европа да се прилагоди на екстремните горештини?

Интензивните топлотни бранови ќе станат почести во Европа, бидејќи ефектите од климатските промени се влошуваат. Какви решенија користеле другите региони погодени од топлина за да ги ублажат ризиците?

Земјите ширум Европа се соочуваат со засилен топлотен бран во текот на неделава и го вклучија алармот во некои региони, каде се очекува да бидат регистрирани рекордни температури.

Во Шпанија, каде температурите веќе се искачија на 46 Целзиусови степени, властите предупредија за здравствените ризици кои произлегуваат од  изложеноста на екстремна топлина и ги повикаа луѓето да седат или под сенка или во климатизирани простори и да пијат обилни количества вода.

„Топлиот бран погодува големи делови од Европа и ќе се интензивира“, изјави портпаролката на Светската метеоролошка организација, Клер Нулис, на брифинг со новинарите во Женева.

Ефектите од климатските промени продолжуваат да се влошуваат и нападите на екстремни летни горештини стануваат норма во Европа. Има предупредувања дека тоа ќе се случува сѐ почесто. Историски благата клима на континентот брзо се менува, а тоа поставува огромен број предизвици пред земјите, кои се обидуваат да се прилагодат.

Ова се проблемите кои се препознатливи за некои од областите кои се најподложни на топлина во светот. Многу од решенијата што ги развија за да ја победат топлината може да понудат корисни модели и за Европа.

Промена на начинот на кој живееме и работиме 

Многу луѓе во Европа сè уште мислат дека високите температури се новина и не се свесни за опасностите што ги имаат врз здравјето. Здравствените власти како Британската национална здравствена служба ја повикаа јавноста да ги промени своите навики, избегнувајќи го сонцето помеѓу 11 и 15 часот и да научи да ги забележува раните знаци на топлотен удар.

Во регионите погодени од топлина низ светот се користат уште посеопфатни кампањи за подигање на свеста за да се охрабрат луѓето да ги променат своите навики за работа, дружење и вежбање за време на опасно топли периоди.

Ахмедабад во западна Индија, кој страда од редовни напади на екстремни горештини, разви серија акциски планови за топлина во последната деценија, кои ги координираат активностите меѓу државата и локалните заедници. Кога се издава предупредување за топлина, тоа се прави преку ТВ, радио и текстуална порака, а на јавни места се рекламира специјална телефонска линија.

Здравствените групи во заедницата имаат задача да допрат до ранливите; работодавачите се повикани да обезбедат сенка и одмор за работниците, од кои многумина работат на отворено; а храмовите, библиотеките и автобуските постојки се пренаменети во центри за ладење и точки за дистрибуција на вода.

Работодавците во Европа ќе мора да ги променат своите ставови за работа на отворено или во лошо проветрени простори, дури и ако тоа е по цена на продуктивноста. Германските синдикати веќе сугерираа дека во особено топлите денови работниците треба да имаат право на продолжени паузи за ручек во заштитените места обезбедени од нивниот работодавец.

„[Работодавците] треба да ги заштитат своите работници, а потоа владите треба да се погрижат и работниците да бидат заштитени… без разлика дали се работи за сиеста, добивање флексибилно работно време, започнување порано или обезбедување почести паузи“, изјави за ДВ Сари Коватс, професор по јавно здравје во Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

Indien | Obdachlose in Neu-DelhiБездомници одмораат под сенката на мост во Делхи

Системи за здравствена заштита отпорни на топлина  

Летото традиционално е период кога има помалку работа за европските здравствени институции, но со екстремните горештини кои сѐ почесто се случуваат, здравствените системи треба да се подготват за зголемување на бројот на пациенти предизвикани од топлотни бранови.

Истражувањата покажаа дека топлотните бранови ги зголемуваат посетите во итната помош за најмалку 10%, бидејќи многу луѓе доаѓаат со симптоми на дехидрација, топлотен удар и гадење. Посебно се изложени на ризик постарите од 65 години, што значи дека повозрасната популација во Европа е многу ранлива.

Според сегашните трендови, годишните смртни случаи поврзани со екстремни горештини во ЕУ би можеле да се зголемат од околу 2.700 годишно на 30-50.000 во 2050 година, се вели во документот на Европската комисија објавен минатата година.

Подготвеноста ширум Европа е зголемена од смртоносното лето 2003 година, кога температурите над 40 Целзиусови доведоа до тоа болниците во Франција да бидат преплавени од пациенти, особено постари лица. Сега градовите како Париз имаат широки системи за надзор и специјални акциски планови за топлина.

– повеќе: Фотографија на денот: Пожари и огромни горештини

Но, Коватс вели дека свеста за опасностите по здравјето од топлината сè уште може да се подобруваат.

„Има еден вид недостаток на свест кај персоналот на првата линија, медицинските сестри и лекарите… а исто така постои недостиг на свест кај пошироката јавност, така што луѓето честопати не се доживуваат себеси во ризик“, рече таа.

Државата Одиша, во источна Индија, постигна успех во намалувањето на смртните случаи од жештината по смртоносниот топлотен бран во 1998 година, во кој починаа повеќе од 2.000 луѓе. Таму, СМС-пораките и билбордите се користат за издавање јавни здравствени предупредувања за ранливите луѓе кога температурите достигнуваат опасни нивоа, додека болниците создаваат привремени одделенија за болести поврзани со топлина и го зголемуваат бројот на персоналот.

Бидејќи интензивната топлина може да ги оштети електричните мрежи, на здравствената инфраструктура ѝ се потребни дополнителни мерки. Болниците во Алабама и Калифорнија ја загубија електричната енергија за време на топлотните бранови, што резултираше со високи внатрешни температури. Од поновите болници во САД се бара да имаат резервно производство на електрична енергија за да гарантираат континуирана климатизација.

Italien | Fluss Po trocknet ausЗемјите ширум Европа се соочуваат со засилен топлотен бран

Поладни, поодржливи градови 

Главниот град на Виетнам, Ханој го вклучи ладењето во својот план за развој до 2030 година, кој осигурува дека постоечките зелени површини се заштитени од брзата експанзија на градот и има за цел да ја зголеми густината на дрвјата и покриеноста со вода во центарот за седум пати по лице. Како резултат на тоа, се предвидува дека урбаните температури ќе бидат приближно исти во 2030 година како и во 2011 година, и покрај очекуваниот пораст на населението од 2,5 милиони.

Градовите исто така треба да ги намалат температурите во затворени простории, особено во домовите и работните места. Климата е вообичаено решение, но е скапо и штетно за животната средина.

Махила Хаусинг Траст, кој работи во 10 градови во Индија, работи со жени во области со ниски приходи за да им помогне да најдат прифатливи решенија за прегреаните домови. Боење ѕидови и покриви со рефлектирачка боја може да одбие до 80% од енергијата на сончевата светлина, а додавањето на ползавци, почва и растенија во саксии врз домовите може да ги намали температурите внатре за дури 2,5 Целзиусови степени.

– повеќеФотографија на денот: Копнеж по разладување

Архитектот Јатин Пандја од Ахмедабад се осврна на традиционалните форми на архитектура за да најде одржливи решенија за справување со топлината. Многу згради во западен стил во градовите како Бангалор се изградени со челик и стакло и бараат постојана климатизација. Но, неколку векови пред ова да биде опција, индиските домови користеа тенди за да обезбедат сенка, а дворови и затворени прозорци за да создадат проток на воздух за ладење.

„Не се работи за вртење на часовникот наназад, но народната [архитектура] ви дава увид во локалните постапки во деновите пред електричната енергија“, вели Пандја за ДВ. „Тоа беа многу едноставни логички принципи кои денес лесно можат да се прилагодат“.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Гала премиерата на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“, што се одржа на 9 декември …