Како се купувале „Плацовите на Водно“?

Бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова денеска сведочеше во случајот „Плацеви на Водно“. Тој е потписник на полномошното со кое во Македонија се отвара фирмата Сирах инженеринг, ќерка фирма на оф-шор компанијата Сирах лимитед од Белизе, преку која се купени спорните плацови. Обвинет, меѓудругите во овој случај е поранешниот премиер Никола Груевски. Според обвинението Груевски тие парцели ги купил за себе со партиски пари.

Бизнисменот вели дека и купувањето на плацовите и купувањето на два стана во Скопје ги направил откако за тоа го замолил, неговиот добар пријател во тоа време, Сашо Мијалков, тогашен прв човек на УБК и прв братучед на Груевски. Но според Ивановски, Мијалков никогаш не му кажал кој е тајниот пријател за кого Мијалков бара услуга, туку подоцна од „бомбите“, односно од прислушуваните разговори сфатил дека услугата всушност била за Груевски.

Бизнисменот вели дека била формирана и друга фирма ИКТ инженеринг основач на таа фирма била секретарката на Ивановски, преку која бил купен уште еден плац на Водни и два стана, но не на име на Груевски, иако пари за помалиот стан обезбедил Груевски. Подоцна возачот на Груевски му дали документи на Ивановски, за закуп на тие станови, а документите ги потпишала секретарката на бизнисменот.

За време на денешното рочиште бизнисменот беше испрашуван и од Мијалков лично. За време на вкрстеното испрашување, Мијалков праша дали Ивановски има материјален доказ дека тој му се јавил и побарал да се потпише како основач на фирмата. Ивановски одговори дека тој му се јавил по телефон и дека нема материјален доказ.

„За да има доказ, требало да ги снимам сите наши разговори“, рече Ивановски.

Ивановски денеска рече и дека во 2018 му се јавил Груевски од унгарски број и од Ивановски барал стан во Центар за неговата сопруга и за децата. Груевски е во бегство и живее во азил во Унгарија. Ивановски му рекол на Груевски дека нема станови за продажба во Центар. Ивановски рече дека во 2020 повторно имал телефонски повик од унгарски број, но не одговорил на тој повик оти не го слушнал телефонот. Тој на прашање на обвинителката, одговори дека тој повик бил откако давал исказ за случајот „Плацови на Водно“.

Ивановски вели дека со Груевски контактирал претходно како градежник, но за Плацовите на Водно Груевски не му се јавил.

Обвинети во овој случај, освен поранешниот премиер Никола Груевски, се и неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева, кои се товарат за „перење пари“, како и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

За време на денешното рочиште беше кажано и дека обвинетиот Јордан (Орце) Камчев, кој се наоѓа во притвор, на почетокот на ноември ќе биде посетен од советник од бугарската амбасада во Македонија. Судијата Никола Трпков даде дозвола посетата да биде на 5 ноември. Амбасадата на Бугарија побарала советник од амбасадата да го посети Камчев, кој има и бугарско државјанство.

Мијалков и Камчев се во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Турција одобри екстрадиција на осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска: Љупчо Палевски – Палчо

Турција одобри екстрадиција на осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска: Љупчо Палевски – Палчо

Министерството за правда ја потврди екстрадициајта на Палевски, првоосмоничениот во двојното убиство на 14-годишната Вања …