Како се промовира една општина?

Како се промовира една општина?

Пишува: Сотир Габелоски

Една општина не се промовира само преку „онлајн“ или телевизиски промоции и ангажирање на „пи-ар“ агенции, туку на начин што целосното работење на една локална самоуправа е во функција на маркетинг и создавање позитивна слика – навремено подмирување обврски, успешност во работата, отворена комуникација со граѓаните.

Неодамна имавме случај кога Општина Аеродром, една од општините со сериозно нарушен углед и намален рејтинг кај своите граѓани, ангажираше маркетинг агенција за „подобро да ги комуницира активностите на локалната самоуправа“. Маркетинг агенцијата во секој случај ќе помогне во подобра промоција на сите активности и поблиско запознавање на работата на Општината со граѓаните, но она што маркетинг агенцијата не може да го покрие е евентуално неподмирување долгови, неплаќање сметки, неодговорно менаџирање со јавните пари, затвореноста на градоначалникот и слично, работи кои што негативно влијаат на угледот на Општината. Со напишаното не давам било какви позитивни или негативни квалификации за функционирањето на општина Аеродром, затоа што не ми се познати детали од нејзиното работење, туку наведениот пример е во функција на илустрација на поентата.

Прифаќањето предлози од граѓаните, вклучување на граѓани и зруженија во локални манифестации, мала финаниска еднократна помош во случаи на итност, отворен разговор со граѓаните и многу други „ситни“ нешта ја промовираат општината на „пазарот“.

Во рамки на проектот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција 2014-2020, учествував на работилница во областа на активниот туризам на кој во неколку наврати  беше потенцирано дека промоцијата „од уста на уста“, е всушност најдобрата промоција на една општина, здружение, компанија, неформална група на граѓани. Примерите наведени во претходниот пасус, доколку бидат спроведени, ќе ја овозможат токму таа маркетинг стратегија која предавачот на споменатата работилница, искусен и едуциран човек од областа на активниот туризам, ја вреднува како највисока од сите.

Токму заради овие причини, на почеток реков дека маркетинг агенциите или пак самостојната промоција на проекти и активности од страна на институцијата, не се доволни за да се обезбеди успешна промоција на една општина, затоа што тука спаѓа севкупното работење на локалната самоуправа. Примерите на поголем број општини низ државава кажуваат дека делот на нивната промоција го опфаќа само „фалењето“, но не и задоволувањето на суштинските потреби и побарувања на граѓаните.

За илустрација и пример како се промовира една општина, ќе го напоменам работењето на локалната самоуправа во Крушево, која за една година без владината помош која стоеше на располагање, го врати целосниот долг на општината и оттогаш навремено ги подмирува сите финансиски обврски. Во манифестациите кои ги организира Општината од година во година се вклучуваат се повеќе луѓе, пристап до градоначалничкиот кабинет има секој граѓанин, и тоа секој ден од неделата, а Општината делува како сервис и посредувач меѓу граѓаните и останати институции при евентуални проблеми на граѓаните. Паралелно со ова, за „приказната“ да биде целосна, работата треба да биде проследена со приближување на активностите на Општината до граѓаните.

Промоција на една општина е многу повеќе од интервјуа, менаџирање на социјални мрежи и ангажирање на маркетинг агенции. Целокупното работење на локалната самоуправа влијае на угледот на институцијата, преку работата на секое одделение и односот на секој вработен.

Тоа е најдобриот начин за промовирање на една општина – со работа, домаќинлак и добра комуникација со граѓаните и медиумите.

Прочитајте повеќе

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Работната група на Советот за човекови права на Обединетите Нации (ОН), денеска (2 мај) во …