Софија Бугарија

Кавги во Софија за нацрт-извештајот за напредокот на РСМ

Додека во фокусот се ставени правата на Бугарите во РСМ, во длабока сенка останува односот на Софија кон пресудите на Европскиот суд за човекови права за здруженија на Македонците во Бугарија.

Пратеникот на ИТН, Тошко Јорданов, го обвини европратеникот Илхан Ќучук од ДПС, кој е известувач во Европскиот Парламент за напредокот на Северна Македонија, дека од нацрт-извештајот го отстранил амандманот кој ги вклучува точките за етничкиот прогон и проблемите на лицата со бугарска самосвест во РСМ, вклучувањето на Бугарите во Уставот и потребата историјата да се заснова на оригинални документи.

Во интервју за БНР, Ќучук ги демантира таквите обвинувања. Тој вели дека „ништо не отстранил“, туку дека неговите колеги не дале поддршка за еден од 22-та компромисни текстови што тој ги подготвил. Според Ќучук, неподдржаниот текст бил „доста поширок од самата идеја за впишување Бугарите во Уставот, и се однесувал на билатералните прашања, вклучително и за Историската комисија“.

На прашањето зошто од неговите колеги немало согласност за таа точка, Ќучук не даде конкретен одговор, а фокусот го насочи во сферата на човеките права.

„Се обидуваме да направиме нешто што е многу сложено – да ги осовремениме историските факти и да ги претвориме во политичка реалност. Многу пати сум кажал дека најдобриот начин да одиме напред во односите со Северна Македонија е мерката на човековите права и слободи. Овој пат во Извештајот беше вметнат специјален дел во кој се осудува насилството врз луѓе кои се определуваат како етнички Бугари во РСМ, нешто што претходно никогаш не било, затоа што насилството или провокациите – конкретните инциденти, не биле толку чести или не сме знаеле за нив, ако биле такви. Тоа е изразено во Извештајот“, вели Ќучук, дополнувајќи дека има и многу објаснувања што сѐ направила Бугарија, и што пропуштила со оглед дека немала редовна влада.

Извештајот се однесува за период од пет години, а Ќучук објаснува дека тој е само еден од седумината кои одлучуват во Комисијата за надворешна политика.

Илхан Ќучук известувач на Европскиот парламент за РСМ
Илхан Ќучук известувач на Европскиот парламент за РСМ

Тој првично предложил 22-та текстови да се гласаат во пакет, но со оглед дека едниот (спорниот) не ги исполнил очекувањата на другите, останало да им предложи да гласаат за секој текст посебно. Првото гласање е на 27-ми јуни во Комисијата за надворешна политика, но Ќучук повеќе очекувања има од големото гласање во пленарната сала. Притоа го нагласува и неговиот придонес за одредени прашања.

„Има многу текстови кои се мој придонес за тоа – јазикот на омразата и сите провокации, обиди и акти на насилство врз луѓе кои се дефинираат како Бугари – да бидат осудени во Извештајот. Овие текстови наоѓаат широка поддршка“, вели известувачот за РСМ, а според него таква поддршка имала и идејата за впишување на Бугарите во Уставот и за отворање на сите архиви од бившата УДБА. Досега стигнале околу 320 амандмани, од кои голем број од бугарските европратеници.

Николоски: Политиката на негација носи само тензии

И додека во фокусот се правата на Бугарите во РСМ, во длабока сенка останува односот на Бугарија кон слободата и правото на здружување на Македонците во Бугарија, особено по пресудите на ЕСЧП.

„Бугарија не е посветена и не ги спроведува своите обврски како членка на Советот на Европа“, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на групата на ЕПП во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

„Бугарија со години одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права. Има 14 пресуди на Судот поврзани со Македонците во Бугарија кои не се спроведуваат. На Македонците им е забрането да го користат и да го учат својот мајчин јазик, ограничено им е на правото на собирање, како и учество на избори. Овие пресуди мора да се спроведат! Националниот устав и судовите на Бугарија не можат да бидат над пресудите на Европскиот суд за човекови права. Советот на Европа преку свои механизми ја притиска Бугарија во оваа насока. Но ние како Македонија мора да се грижиме за Македонците во Бугарија и затоа бараме да почне со спроведување на пресудите. Тоа ќе е добар чекор кон зголемување на довербата меѓу двете држави. Сегашната ситуација е потврда на политиката на негација на Бугарија и носи само тензии“, вели Николоски.

На истата тема во април годинава тој говореше пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, што наиде на реакции од бугарски претставници, кои дури побараа да му се суспрендира правото на Николоски да говори од името на ЕПП.

Тој потсетува дека на 451. состанок на Комитетот на министри на Совет на Европа, побарано е Бугарија повеќе да не го одбива регистрирањето на здруженија кои имаат за цел „признавање на македонско малцинство во Бугарија“, врз основа на мотиви кои се во спротивност со пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Станува збор за шест правосилни пресуди, од кои три за „ОМО Илинден“ (конечни во 2006, 2012 и 2018 година) за „Јордан Иванов и други“ од 2018 година; за „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија и Радонов“ од 2020 година и „Василев и Друштвото на репресирани Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор“ од 2020 година, кои се разгледуваат како „комплексен проблем“.

Бугарија и понатаму ќе биде следена во (не)спроведувањето на оваа група на пресуди. Од бугарските власти беше побарано да дадат информации за тие прашања до 31-ви мај годинава, а Комитетот на министри одлучи да го продолжи разгледувањето на овие случаи на состанокот закажан за септември годинава. Притоа, Советот на Европа ја изрази својата подготвеност, во отсуство на опиплив напредок пред нивниот состанок во септември 2023 година, да го поканат претседавачот на Комитетот на министри да испрати писмо до бугарските власти, барајќи од нив да најдат брзи решенија со цел целосно и ефективно да ги почитуваат нивните обврски кои произлегуваат од пресудите на Судот во овие случаи.

Уште една „реприза за ОМО Илинден

И покрај ова, праксата на Софија остана непромената.

„Организацијата која се бори за признавање на македонското малцинство кај нас – ОМО „Илинден“ направила обид да се регистрира во Пловдив, но Агенцијата за регистрација одбила. Тоа е веќе потврдено и од Окружниот, и од Апелацискиот суд, и одлуката на второстепената инстанца е конечна“, објави минатиот месец „24 часа“.

Медиумот пренесува дека во статутот на ОМО „Илинден – Пловдив“ било наведено дека целите на организацијата се засноваат на „несомнениот и очигледен факт дека македонското малцинство во Бугарија е реалност повеќе од 100 години“.

„Составот на Апелациониот суд во Пловдив, кој го разгледувал случајот, утврди дека текстовите во статутот на ОМО „Илинден“ се во спротивност со чл. 44, ст. 2, од Уставот, кој гласи: ‘Се забрануваат организации чија активност е насочена против суверенитетот, територијалниот интегритет на земјата и единството на нацијата, кон поттикнување расно, национално, етничко или верско непријателство, кон кршење на правата и слободите на граѓаните, како и организации кои создаваат тајни или милитаризирани структури или се стремат да ги постигнат своите цели преку насилство’. По оваа основа, беше потврдено одбивањето да се регистрира здружението“, објави „24 часа“.

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …