Кети Смилеска: Свесното ширење дезинформации од страна на опозициските медиуми, нема ништо заедничко со христијанските вредности

Пишува: Зоран Милошески

Дури ни во деновите кога светот се бори со пандемијата на КОВИД-19, а граѓаните на нашата држава од православна вероисповед се спремаат за одбележување на празникот над празниците, Христовото Воскресение – Велигден, медиумите блиски на опозицијата не престануваат со ширење дезинформации на сметка на Владата и функционери од владејачката СДСМ.

Деновиве, откако и’ беше потврдено присуство на коронавирусот, на удар на клеветнички написи и објави на социјалните мрежи полни со омраза, се најде пратеничката на СДСМ од Прилеп, Кети Смилеска. Трендот на свесно пласирање невистини со цел манипулирање на јавноста продолжи и вчера, откако во повеќе опозициски медиуми, меѓу кои и Курир и Вечер.мк, беше објавена класична дезинформација во која беше кажано дека сопругот на прилепската пратеничка, бил директор на болницата во Прилеп.

Во изјава за ПУБЛИКУМ, пратеничката Смилеска истакна дека во моментите кога на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, се бори со коронавирусот, не е ниту хумано, ниту пријатно да се читаат дезинформации кои немаат ништо заедничко со вистината.

„Во овие денови кога христијаните го празнуваат Велигден на начин поразличен од било кога досега, кога голем број граѓани на нашата држава, меѓу кои и јас, се соочуваме со болеста, Курир и останатите медиуми блиски до опозицијата продолжуваат со ширење лаги и уште еднаш потврдуваат дека немаат ништо заедничко со христијанските вредности. Жалам што без никаков повод, во целата оваа ни малку пријатна состојба го вмешуваат и моето семејство, што од само ним познати причини, свесно шират дезинформации. Мојот сопруг целиот свој живот работи во трговија, во приватниот сектор и никогаш не бил вработен во државна институција. Најмалку пак, директор на прилепската болница“, потенцираше Смилеска.

Смилеска ја искажа својата благодарност до целиот медицински персонал од Инфективната клиника, по чии заслуги таа во моментов се наоѓа во добра здравствена состојба.

„Сакам да им се заблагодарам на медицинските работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за грижата која ја покажуваат, но истовремено да им оддадам признание и на сите останати медицински лица од другите здравствени институции во нашата држава. Сите тие, кои беспоштедно и деноноќно се борат за зачувување на здравјето и животите на нашите граѓани, се вистински херои на ова време. Во оваа прилика, на сите граѓани од православна вероисповед им ги честитам Велигденските празници и, пред се’, им посакувам добро здравје. Останете дома, тоа е најдобриот начин да го зачувате вашето здравје и здравјето на вашите блиски“, порача прилепската пратеничка на СДСМ, Кети Смилеска.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …