Климатските промени погубни за влажните живеалишта во Преспа

Климатските промени погубни за влажните живеалишта во Преспа

Долготрајните суши, намалените врнежи, видното намалување на водостојот, особено кај Големото Преспанско Езеро, се само дел во низата последици од климатската криза која во преспанскиот слив зема сè поголем замав.

На 2 Февруари, Светскиот ден на влажни живеалишта, од Македонското еколошко друштво (МЕД) апелираат дека влажните живеалишта во Преспа треба да се приоритет за заштита и управување поради климатските промени и бројните закани врз нив. Посочуваат дека во преспанското сливно подрачје тие важат за прибежиште за биолошката разновидност, играјќи и клучна улога за добросостојбата на локалните заедници што низ вековите се развиваат покрај нив.

„Со проширувањето на појасот од трска и намалувањето на влажните ливади се стеснуваат мрестилиштата за рибите, а тоа на долг рок може силно да го погоди рибарството. Без евловиот крајбрежен појас ќе ја снема заштитата од ерозија и поплави, нутриентите што се одлеваат од земјоделските површини нема да се филтрираат, а нови вакви живеалишта ќе има сè помалку. Ако пресушат влажните живеалишта, водоземците ќе ги загубат своите репродуктивни јадра и со тоа ќе загубиме важен регулатор на штетници како комарци и други инсекти“, велат од МЕД.

Посочуваат дека организациите од Преспанет во 2021 година изработија прекугранична карта на влажни живеалишта, според која се лоцирани 13 приоритетни живеалишта со еколошка вредност, од кои седум се среќаваат во трите земји. Направено е и истражување на најважните притисоци и закани кон нив, како и насоки со кои ќе се конципираат соодветни предлози за реставрација.

„МЕД, дома и прекугранично, беше пионер во обновата на евлови шуми, како приоритетно живеалиште од ЕУ, и тоа во Паркот на природата „Езерани“. Досега во рамки на подрачјето реставрирана е површина од 0,8 ha со засадување на 1.000 садници, а притоа уште 2.000 садници беа произведени во соработка со локалниот расадник на јавното претпријатие „Национални шуми“ во Асамати“, велат од организацијата и додаваат дека во „Езерани“ се спроведени и пилот-активности за управување со влажни ливади на површина од над 10 хектари.

Обновата на влажните живеалишта низ преспанскиот слив позитивно се влијае на локалните заедници, а со управување на влажните ливади и други крајбрежни живеалишта може да се произведе значително количество крма и да се одржува напасувањето на стоката.

„Кај Малото Преспанско Езеро сточарите активно косат и имаат корист од производството на бали, а притоа, напасувајќи ја стоката на конкретни крајбрежни површини тие ги регулираат и растителните заедници. Исто така, од сламата произведена преку активностите за управување со влажните ливади во „Езерани“ корист имаа локалните сточари и репродуктивниот центар за елени во Националниот парк „Галичица“, со што се создаде скоро идеална сообразност меѓу заштитарските активности во поширокиот преспански регион“, велат од МЕД.

Најважниот меѓународен договор за заштита на водните живеалишта е Рамсарската конвенција. Целта на прогласување на рамсарските подрачја е да се зачуваат и мудро користат сите водни живеалишта преку активности кои се преземаат и на локално и на национално ниво, како и преку меѓународна соработка.

Преспанското Езеро е прво Рамсарско подрачје во Македонија, имајќи ја предвид важноста на овој два до три милиони години стар екосистем кој продолжува да обезбедува добра и услуги за луѓето. Речиси 90 отсто од светските влажни живеалишта се деградирани од 1700 година и овие хабитати се губат речиси три пати повеќе од шумите.

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …