Клучните фактори за иселување и работа во странство - угоре високо, удолу длабоко

Клучните фактори за иселување и работа во странство – угоре високо, удолу длабоко

За 60 отсто е зголем процентот на Македонци кои бараат работа летово во Хрватска во однос на истиот период лани. „Од секаде заминуваат па дури имавме пример на двајца судии од помали судови во внатрешноста да напуштат држава, да работат како камионџии во Германија“. Оваа неодамнешна изјава за РСЕ на Трпе Деановски претседателот на Синдикатот на вработените во државната администрација сликовито го покажува разочарувањето од состојбите што резултира со времено или постојано иселување. Според анализи на повеќе меѓународни и македонски организации клучните проблеми се: корупција, криминал, (не)правда, економија, сиромаштија, образование.

„Од судии, па камионџии“, неодамна изјави за Слободна Европа. Со сета почит кон професијата камионџии, овој факт е поразителен за судската професија. Но и тоа не е се’ , вели Трпе Деановски.

Тој наведува и дека дел од административците заминуваат во странство. Летно време земаат неколку месеци неплатено, па сезонски работат во странство, за со тие пари да може да преживеат. Најактуелна дестинација во изминативе години е јадранскиот брег, односно Хрватска.

Тоа го потврдуваат и агенциите за посредување при вработување во странство кои велат дека освен невработени, лица без соодветна стручна подготовка, земјоделци, градежници… на сезонска работа заминуваат и вработени, кои земаат неплатен одмор за да заработат нешто дополнително.

Дека егзодуси поради војни, сиромаштии имало во минатото е познато. Дека младите заминуваат на работа или студии и во изминативе 20 – тина години, исто така, е познато. Многумина од нив не се враќааат.

Над 4.000 македонски граѓани од почетокот на оваа година добиле дозвола за престој и работа во Хрватска, која пред ова лето се соочува со огромен недостиг на сезонски работници. Како што ни изјавија од хрватското Министерство за внатрешни работи за Сакам да кажам, бројот на одобрените работни дозволи за македонските граѓани е зголемен за 60% во споредба со истиот период лани.

Статистичките податоци добиени од Пописот и од Светската Банка пак се поразителни. Во земјата, според пописот, во 2021 имало речиси 200 илјади луѓе помалку отколку пред 20 – тина години. А во овие бројки не спаѓаат сезонските работници кои времено ја напуштаат Северна Македонија.

Според извештај на Светската банка нарачен „Миграцијата и одливот на мозоци во Европа и Централна Азија“, од 2019 а со податоци заклучно со 2017, четвртина Македонци родени во земјата, односно 25,7 отсто, живееле надвор од земјата.

Зошто бегаат, младите – средношколска дилема

„Уште кога завршував основно знаев дека сакам да учам во странство и решена сум за тоа бидејќи знам дека има многу подобри можности надвор. А и нашиот едукативен систем не е толку добар. Имам слушано од други а и од самиот настан разбрав дека надвор многу повеќе се обрнува внимание на студиите, додека тука те оставаат сам на себе“, вели средношколката од Орце Николов, Анастасија П, која учествуваше деновиве на дебата на средношколците од гимназијата Орце Николов, во Скопје на настан организиран од ученичката организација „Оrce Talks“, со намера на младите да слушнат различни гледишта.

Средношколците, оние кои рекле ќе останат и оние кои најавиле дека ќе заминат на оваа дебата како главна причина за размислувањата за тоа го посочија образованието.

Но, образованието е само дел од севкупната приказна на, како што велат аналитичари, бесперспективноста со која се соочуваат македонските граѓани. Со други зборови, секој со својата мака.

Четири од петте главни проблеми на граѓаните со години се поврзани со економијата, но се чини дека нема решенија за тие проблеми. Платите со години растат, а невработеноста се намалува, но тоа очигледно не е доволно.

„Ако се мерите со себе има напредок, но ако се споредите со светот, се гледаат огромните разлики“, вели аналитичарот Сефер Селими.

Со години наназад, според истражувањето на Меѓународниот републикански институт објавено во март минатата година, главните проблеми што ги посочуваат граѓаните се од економска природа: невработеност, сиромаштија, ниски плати.

Клучните проблеми за кои политичарите немаат решение

Ако на ова се додаде 18-годишното чекање пред вратите на Европската Унија, нешто што, и според министерот за надворешни работи Бујар Османи, е основа на надежта дека ќе биде подобро, нештата стануваат уште појасни. И како капак на се доаѓаат корупцијата и криминалот, односно неказнивоста или бавната правда.

Според меѓународната организација Транспарени интернејшнал, Македонија е на 85-то место (од 180 држави) со 40 индексни поени на Индексот на перцепција на корупција. Иако се бележи минимално подобрување од 2021 година, сепак државата во 2022 година ја одбележаа големи корупциски скандали.

Тоа го констатира и американскиот Стејт Департмент во неодамна објавениот извештај во кој се нотира владина корупција, недостиг на одговорност за родово и семејно насилство, нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во затворите, насилство и закани за насилство врз новинари, злосторства кои вклучуваат насилство и закани за насилство насочени кон припадници на ЛГБТ-и заедницата.

Инфографика - Иселување и причини за иселување од Северна Македонија
Инфографика – Иселување и причини за иселување од Северна Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски на ова, меѓу другото, гледа и како охрабрување на реформите.

„Довербата во судството ќе се врати со реализацијата на процесот на ветинг, за кој е потребна поддршка од САД и ЕУ. Во меѓувреме, состојбите може да се превенираат со носење на законски решенија-Закон за конфискација на имот. Исто така, оваа состојба може да се надмине и со задолжителната електронска распределба на предмети во судовите и јавните обвинителства“, коментираше тогаш Ковачевски во делот на забелешките за правосудството.

Угоре високо, удолу длабоко

Нерешавањето на проблемите придонесе македонските граѓани лебот и среќата да си ја бараат надвор од земјата, на запад. Според последниот попис во Македонија расте бројот на стари, а се намалува бројот на млади и работоспособни луѓе. Ако во 2002-ра имало 907 илјади млади под 29 години, сега се 638 илјади, што е за 270 илјади помалку. Според пописот, има над 200 целосно иселени места во Македонија.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Полициска акција во затворот Идризово

Полициска акција во затворот Идризово

Во најголемиот затвор ,,Идризово” во Скопје, денеска биле извршени претреси. Од обвинителството ја потврдуваат акцијата, …