Убиство со предумисла

Убиство со предумисла

Пишува: Зоран Милошески

Ден за ден, Прилеп тоне во сеопшт мрак. Во очај и беда. Системски и систематски се уништува. Чекор по чекор, како по книга. Убиство на градот со предумисла.

Вакво скандалозно нефункционирање на институциите, на политичките субјекти, на сите останати чинители на општествениот живот во градот под Марковите кули, ниту е чуено, ниту видено. Притоа, не знаеш кој е полош – власта или опозицијата?

Првите – некадарни и безидејни, вторите – обезличени и бескрвни. Збирно – Прилеп го допре дното!

Правењето привид дека нештата функционираат, е сепак само неуспешен обид за создавање розова слика и разубавување на грдата реалност. Оти, тактиката „нишај го возот да мислат патниците дека се движи“, е стара и евтина финта која не само што не го менува мнението за општиот впечаток, туку кај граѓаните создава и дополнителен револт заради потценувањето на нивната интелигенција.

Никој не е толку наивен и глупав за да поверува дека тивкото умирање на Градот Херој е сплет на несреќни околности.

Дека конечно дошол крајот на 19-месечното лошо менаџирање на Општината.

Дека исто толку долгата хибернација и самоизолација на опозицијата се должи на добро смислена пи-ар стратегија.

Дека баш од денес, 30-минутната пауза на директорите и раководителите на институциите нема да значи трипати по толку време, секој ден, без исклучок, поминато во прилепските бутици и угостителски објекти.

Сето ова е толку многу безобразно и вулгарно воочливо, што дури и за обичниот смртник чии скромни очекувања и барања од животот се од чисто егзистенцијален карактер, стана навредливо.

Заради личните интереси на мала група луѓе, заради бесрамното и по секоја цена ставање на личниот интерес пред општествениот, прилепчани станаа заложници на амбициите на партиските врхушки и “елити“ на двата табора.

И ако за нешто и едните и другите имаат подеднакви „заслуги“, тоа е што на голема врата ни го вратија гурбетот. Затоа не треба никој да се чуди што во вечерните часови низ Старата прилепска чаршија можат да сретнат само кучиња скитници, додека во исто време нашите млади печалат некаде на хрватското приморје.

Колку и да се труди човек да ја избегне замката од генерализирање на проблемот, неправедно ќе биде да се држат на дистанца и да се амнестираат највисоките функционери од двата уќумата.

Не само затоа што локалните лидери се нивен директен избор, туку и затоа што се добро запознати со случувањата во Прилеп, во Општинската организација, односно Општинскиот комитет. Не треба и не смеат да бидат амнестирани и затоа што, во најмала рака, имаат „командна одговорност“.

Ама, бидејќи од „Бихаќка“ и од „Белата палата“ нема никакви реакции или санкции за лошите политики на нивните сопартијци, неподелено е мислењето дека Скопје кренало раце од Прилеп.

Тешко е да се каже дали навистина е така. За промена на таквата перцепција, ќе треба да се случи нешто многу повеќе и поконкретно од она што досега се случуваше. Поточно, од она ништо кое досега се случуваше и се случува.

Човечки е да се греши, дури и во најдобрата намера. Исто како што е човечки на грешките да се укаже, грешките да се увидат и да се коригираат. Колку побрзо, толку подобро. За сите.

А дотогаш, браќа и сестри, другари и другарки, до првото разместување на фигурите… ако тоа воопшто некогаш се случи… сработете конечно нешто за градот и за граѓаните! Зарем е толку многу она што го бараме од вас: да престанете со апашлукот, да ги тргнете рацете од тендерите, да го баталите алашверешот, да имате троа исав, да живеете од плата и да покажете малку почит кон вашите сограѓани?

Оти, ова шо му го правите на Прилеп, на прилепчани, повеќе нема никаква смисла!

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …