Кобниот автобус поминал технички преглед во октомври, но не бил пријавен во базата на Министерството за транспорт

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вечерашната прес-конференција по повод автобуската несреќа што се случи во Бугарија, изјави дека на кобниот автобус-учесник во незгодата последна извршена проверка на техничката исправност му била направена на 5 октомври 2021 година. Тој рече дека првичните информации говорат оти во автобусот имало двајца возачи.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека кобниот автобус со кој се случила несреќата не се наоѓа во електронската база на Министерството за транспорт и врски, иако скопската компанија „Беса транс БТБ“ во 2018 година добила лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Тогаш таа доставила целокупна документација и ја добила лиценцата, но конкретниот превозник е заведен со четири возила кои поседуваат лиценци за превоз и четири возачи.

Сепак, возилото кое учествувало во сообраќајната несреќа немало извод од лиценца, односно превозникот вршел транспорт на патници без извод од лиценца за конкретното возило. Поради ова, Министерството за транспорт и врски отпочна постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот. На денешната седница, Владата на РСМ го задолжи Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор над таа компанија, изјави Бочварски.

Тој додаде дека согласно актуелниот закон, превозникот е должен веднаш, а најдоцна за 15 дена, да го извести Министерството во поглед на пријавување или одјавување на возило или возач.

Бочварски додаде дека контролата и надзорот над превозот на патници и стоки е во надлежност на Државниот инспекторат за транспорт. При констатиран недостаток од нивна страна, Министерството за транспорт и врски може да ја одземе лиценцата.

Бочварски додаде дека контрола на поседувањето на извод од лиценца за возилото може да се направи и на граничните премини, односно Царинската управа по закон може да провери дали возилото го поседува овој документ и ако не го поседува, тогаш тој требало да биде запрен.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека во текот на денот овозможиле измена на ковид протоколите, со што членовите на семејствата кои имаат потреба да патуваат во Софија, тоа може да го направат без ограничувања. Активиран е и СОС телефон и во текот на денот, додека од Министерството за надворешни работи биле контактирани сите семејства на загинатите за да бидат информирани, но и биле  контактирани и семејствата на преживеаните лица.

Османи дал насока да се пратат двајца искусни дипломати во Софија за да се зголеми човечкиот капацитет на амбасадата во Софија, како би им се помогнало на граѓаните во процесот на идентификација на жртвите на трагедијата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека веќе е извесно оти организацијата и трошоците околу враќањето на жртвите ќе бидат на товар на државата.

Спасовски рече дека тим на МВР од униформираната и сообраќајната полиција, како и од одделот за криминалистички вештачења, се упатил во Бугарија. Од земјава заминале и стручни служби, како и од обвинителство.

Прочитајте повеќе

Со државна церемонија беше оддадена почит на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија и им беа предадени на семејствата

Со државна церемонија беше оддадена почит на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија и им беа предадени на семејствата

Со државно-воена церемонија, денеска на Меѓународниот аеродром во Скопје беше организиран пречек на посмртните останки …