Кога јагнињата ќе стивнат

Кога јагнињата ќе стивнат

Пишува: Зоран Милошески

„Нашите животи завршуваат оној ден кога ќе останеме тивки за прашањата кои нѐ засегаат.“

Мартин Лутер Кинг

Поминаа изборите, стивнаа јагнињата.

Исчезнаа бунтовниците, онеправданите, слободоумните, независните, борците за човекови права, душегрижниците за здрава животна средина… После толку голема изборна врева и џева, после толкав гнев и револт, фрустрации и разочарувања – молк!

Останаа само инцидентните изолирани коментари на социјалните мрежи на „бунтовниците без причина“, кои чат-пат не’ потсетуваат дека ниту после промената на власта на локално ниво, не сме ја достигнале нирваната.

Што се случи после победата на мицковци на локалните избори? Освен организираното и теледиригирано сликање на новоизбраните градоначалници со проектите од нивните претходници од СДСМ… се разбира, во друштво на идеологот на “втората епоха“… тргнаа ли работите на подобро?

Живеат ли граѓаните поспокојно отколку пред два месеца? Им се даде ли шанса на непартиските и слободоумни граѓани, наспроти партиските војници? Се деполитизираа ли локалните самоуправи? Почисти ли се улиците? Поевтинија ли комуналните услуги? Дишеме ли почист воздух? Не? Ништо од ова?

Ами, чуму тогаш неподносливата тишина?

Каде се “онеправданите“ комуњари кои добија “само“ по две-три вработувања во фамилијата и уште по едно две-унапредувања на веќе вработените? Нели со своето гласање за опозицијата го казнуваа и туркаа неправедниот СДСМ, со цел да му дадат шанса на правичното ДПМНЕ?

И сега? Стивнаа затоа што дојдоа правдината и слободата, или пак затоа што ја прифатија девизата дека кротките јагниња од две мајки цицаат?

Исто или слично размислуваа(т) и повеќемина актуелни, како и некои сега веќе сменети директори и раководители, кои за најблиски соработници и советници си поставија „непартиски“ вмровци, со надеж дека седејќи на две столици и кокетирајќи со спротивниот табор, при промена на власта ќе ги зачуваат позициите. Или барем ќе си „купат“ раководна позиција со половна фотелја во некоја полузатемнета канцеларија.

Арно ама, притоа изумија дека тие другите поинаку функционираат. Заборавија дека ДПМНЕ не е исто што и СДСМ!

И покрај низата примери како поткрепа на кажаното, поголем дел од оние кои не ги зафатил бранот на промените, или пак тие кои директоруваат со институции кои се под владина капа, сеуште не ги напуштил оптимизмот дека ќе бидат исклучок од правилото. Дека заради својата понизност, кодошлак и сервилност, ќе куртулат од долгата рака на „Белата палата“. Мери им умот, крој им капата! Дури сега станува јасно колку многу бил во право Маркес, кога рекол оти лудите луѓе не се луди ако ја прифатиш нивната логика.

Педесетина дена после оставката на Заев, уште чекаме да се јават јунаци од мајка родени и да преземат одговорност за изборниот пораз. Иако, декларативно, сите се едногласни во папагалското повторување на паролата „СДСМ изгуби од СДСМ“, никој од големите директоришта на државните институции, со чесен исклучок на двајца-тројца, не го вперил прстот во себе. Тезата дека одговорноста за поразот е колективна, а заслугата за победата индивидуална, не поминува!

Сите тиа, а ги има многу на број, располагаат со огромни буџети, вработуваат маса народ, креираат и спроведуваат владини но и партиски политики, го зголемуваат или урнисуваат угледот на Владата и институцијата, на државата… И кога е веќе така, тогаш чинот на поднесување оставки беше нешто кое мораше да се случи.

На тој начин ќе постигнеа троен ефект:

  1. ќе покажеа дека чистиот образ и моралниот аспект, им се поважни од функцијата на која дошле исклучиво заради партиската припадност;
  2. ќе не’ убедеа дека плачењето по Заев и инсистирањето на негово останување на двете лидерски позиции не било заради лицемерие и страв од губење на функциите кои ги извршуваат, туку високо морален чин, демонстрирање чувство на одговорност и одлучно застанување на страната на лидерот;
  3. со поднесените оставки ќе му го олеснеа патот на новиот претседател и мандатар да состави тим по сопствен избор, согласно неговата визија за функционирање на партијата и Владата.

Бидејќи сето ова изостана, тие само го потврдија мислењето кое јавноста го има за најголемиот дел од нив: дека личниот интерес бил нивната „ѕвезда водилка“. Дека годините, за некои и децениите поминати во владините кабинети, собраниските клупи и директорските фотелји, се нивната единствена „идеологија“. Дека свесно, од лукративни причини, без око да им трепне, дозволија целата одговорност за изгубените избори да падне само на Заев. И дека првиот момент кога тој ќе ја напушти Владата и ќе замине за Струмица, во еден глас ќе кликнат: „Кралот е мртов, да живее кралот!“.

Да не остане некажано: со заминувањето на Заев, “несреќа“ ги снајде и локалните тафтабити, кои маме му расплакаа на довчерашниот претседател, малтретирајќи го, секој од нив на дневна основа, со по 15 пораки и 20 повици. Нивното висење, пак, по ходниците на „Бихаќка“ и „Илинденска“ и континуираната злоупотреба на времето, трпението и достапноста на Заев, ги надмина сите „црвени линии“. Сега, со изборот на неговиот наследник, тој филм се симнува од репертоарот. Оти Ковачевски не е Заев. Така треба и така мора да биде.

Ковачевски треба да го спроведе на дело она коешто Заев го најави. Чистка, метла, генералка… како сакате наречете го. Вистинскиот момент е сега, на самиот почеток на практикување на највисоката партиска функција. Не го направи ли тоа одма и веднаш, се’ понатаму ќе биде веќе видена импровизација чиј резултат ќе биде испорачан на првите следни избори. Кога и да се случат.

СДСМ нема време за губење. Уште повеќе тоа важи за новиот лидер, особено кога се знае дека за скоро ќе треба да седне и во премиерскиот кабинет. Работата е – сега или никогаш! Оти, да не заборавиме: нема втора шанса за прв впечаток!

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …