Кој е Алан Форд и зошто е толку популарен кај генерациите родени пред 1980 година?

Кој е Алан Форд и зошто е толку популарен кај генерациите родени пред 1980 година?

Во времето пред интернет, младите имаа свој извор на „мимови“ и „роустови“* – стрипот „Алан Форд“, чие издание на хрватски јазик имаше култен статус низ цела бивша Југославија. Во рамки на напорите за воведување едукативни содржини во и за медумската сфера, Мета.мк со дозвола на авторот го пренесува есејот „Наивец во светот на злите“ од Томислав Османли**, кој објаснува дел од причините зошто овој стрип е толку омилен кај луѓето родени пред 1980 година.

Наивец во светот на злите
Магнус и Банкер: „Алан Форд“, или за цивилизациската гротеска

Кој е Алан Форд и зошто е толку популарен кај генерациите родени пред 1980 година?
Различни изданија на „Алан Форд“.

„Њујорк. Најголемиот град на САД. Статуата на слободата, облакодери, девет милиони мравки што живеат во прекрасни згради полни со изобилие… и онаму каде што го нема“, точно со тој ненавестувачки сладникаво-социјален опис започнува првата епизода на еден од најомилените и бездруго најдобри црнохуморни стрипови, серијата „Алан Форд“, инаку една од најомилените меѓу младата популација на 70-те, не само во некогашните Ју-простори.

Горниот текст бездруго има „историско“ значење, зашто се појави во првата сторија на еден од најособените стриповски погледи на светот, во тетратката од џебен формат, лапидарно насловена – „Групата ТНТ“.

Така, „Алан Форд“ се појави 1969 година, креиран од перата на двајца Италијани со (како набрзо ќе се покаже) сосем откачен поглед на целокупната современа стварност: сценаристот со „уметничко име“ Макс Банкер (Max Bunker) и на цртачот што се потпишуваше со псевдонимот (доставен повеќе на циркуски отколку на стриповски артист) – Магнус (Magnus).

Црна пародија

„Алан Форд“ е стрип на социјални контрасти во кој авторите постапно го откриваат својот поглед на нештата и ја градат базичната теза според која живееме во свет на краен егоизам и бездушност, на материјалистички прагматизам, корупционерство, експлоатација, во тотална хипокризија, во свет во кој човечкиот живот и вредности се само – средство за живот на другиот: посилен, помоќен, поагресивен. Така Магнус и Банкер ни предаваат непресушна галерија откачени ликови што функционираат во едно наполно искривоколчено и хипокритско социјално милје. Во неговите повисоки социјални слоеви, вонидеолошки откриваат тие, функционира истата бескрупулозна логика како и во сламовите и бедните квартови на метрополата со огромни димензии и со исти такви социјални контрасти.

На тој начин во „Алан Форд“ се зацртува црната пародија како поглед на стварноста што за авторите не е ништо до една откачена, црнохуморна – гротеска. Во овој стрип е симнат моралниот вел и суровата стварност е соголена до самата, цинична вистина: лицемерноста на една етика што е само параван за ниските страсти на граѓанските слоеви. Меѓу нив и бездушниот свет на сиромаштијата, се испоставува, суштински разлики нема. Постојат само правилата на социјална игра на слоевите, но и истата алчна, бездушна, грабежлива, криминална (не)човечка реалност, насекаде. Со други зборови, нашата општествена стварност е една општа – црна пародија.

Во црнохуморниот стрип на Магнус и Банкер се слика неисцрпната галерија на најоткачени ликови, типови и појави преземени од реалноста, но пред тоа до апсурд искарикирани. Нови, противречни карактери, креатури и појави непрекинато, духовито го изненадуваат гледачот: душевни криминалци, луди домаќинки, пијани суперхерои, себични милијардери, бездушни убавици, чукнати научници, вампири со човечки слабости и… нечесни заштитници на правдата, редот и законот, среде општото беззаконие, криминал и хаос, особено во лицето на главните јунаци, детективите од парадржавната група што ја носи чудната кратенка позајмена од најчувствителниот експлозив: Те-Ен-Те.

Во тој сосем откачен и зол свет сместен е единствениот позитивец, поетичниот и наивен јунак на стрипот, нежниот и русокос сиромашко Алан Форд. Алан е позитивниот исклучок што го потврдува правилото на сеопштата човечка негативност. Тој е поставен тука за да се разликува од него, да го јакне контрастот и да ја покажува неговата тотална поместеност, барем според начинот и точката на гледање на авторите.

Кој е Алан Форд и зошто е толку популарен кај генерациите родени пред 1980 година?
Насловната страница на епизодата бр. 50 на „Алан Форд“, насловена „Така настана Групата ТНТ“.

Во епизодата „Така настана групата ТНТ“ дадени ни се предисториите на сите седум човеколики и двата четвороножни јунаци од менажеријата на откачената детективска тајна група. Како што може да се претпостави, ни малку славни и поттикнувачки, во нив ни се претставува едно интернационално друштво на бедници со биографии не сосем достојни дури и за ансамблот на еден потпросечен патувачки циркус, а камо ли за една компанија со правдољубиви намери и цели. Но таква, и таа сосема добро се вклопува во редот на сомнителните појави и вредности од кои е прикрпен овој откачен и неморален свет, таа универзална ујдурма на сплетки, неморал, алчност и насилие. Со други зборови, тоа не баш многу складно друштво го чинат лумпенпролетери, собрани во земјата на иднината и градот – Големо јаболко, од целиот несреќнички свет.

На чело на групата се наоѓа нејзиниот основач легендарниот „Број 1“, еден прониклив лажго и измамник, паралитичар во чудно склепана инвалидска количка и метузалем на којшто дури му се заборавиле и годините на старост, со особено развиената, полезна дарба на педантен евидентичар – на туѓите животни петна и слабости.

Под него се наоѓа дебелкавиот „Шеф“ чиешто „цивилно“ име е, ни помалку ни повеќе, туку – Гервасиус Твинклеменкелссон, селски писар, женет за машкуданката и намќорка Хортензија којашто се простува од животот (и му ја овозможува слободата) по рушење на нивната трошна куќа врз неа, што е предизвикано токму од нејзиниот нескротен темперамент.

Дел од ликовите од стрипот: Алан Форд, Сер Оливер, Еремија, Шефот, Грунф, кучето Носиште, Боб Рок, папагалот Клодовик и Број 1.
Третиот член по стартот во ТНТ е Еремија (со презиме Трупиште), еден неуспешен чистач на чевли и продавач на лимони по њујоршките улици, инаку доселеник од сончева Италија кому што њујоршката клима му ги поткрева сите можни болести, а најмногу неиздржливата – хипохондријата.

Сер Оливер-Оливер е лик со строг благороднички израз и по малку запуштен изглед, но сеедно со видни статусни знаци: халф-цилиндер и монокл. Тој непрекинато пледира на своето лордовско потекло, а покажува талент за непресушно фалсификување и крадење како кај криминалец од најнеблагороден сој.

Тука е и Грунф фон Грунф кој по сопствено укажување, како натурализиран Американец „од основа го изменил презимето“ во – Грунф. Типично за Германец по потекло тој е научник во групата ТНТ кој покажува чудна наклоност кон гестикулацијата со војничкото истегнување на раката позната како поздрав од едно неподобно историско раздобје во „стариот крај“; во подалечното минато бил сведок, ако не и причина, во загинувањето на прославениот Црвен барон.

Потоа, тука е Боб Рок, едно невротично кусле со огромен нос, пелерина а-ла Шерлок Холмс и мноштво комплекси под неа, по потекло од Алабама (не државата, туку државниот затвор), син на одметник и затвореничка и еден од четворицата браќа-близнаци што, до колку такво нешто постоеше, 6и биле реинкарнација на Далтоните. Особено од стрипот за Среќко Молњата (Lucky Luke).

И конечно, Алан Форд. Главниот јунак чијашто биографија започнува во дом за напуштени деца, младичот што сакал да биде цртач, а станал детектив; наивен, срамежлив, романтичен и плашлив, Алан е несреќно вљубен во бездушната убавица Маргот. Тука сè уште и Сквики и оклапушениот пес Носиште, членови на детективската група. И херојскиот круг на ТНТ е комплетно затворен.

Или пак, допрва отворен?!

Случајот „Форд“

Кој е Алан Форд и зошто е толку популарен кај генерациите родени пред 1980 година?
Најпознатиот аланфордизам: „Сега е момент за големи одлуки! Подобро да живееш сто години како милионер, отколку седум дена во беда!“

„Форд? Рековте Форд? Убаво презиме Имате ли, можеби, роднини во Детроит?“ -заинтересирано го распрашува Сер Оливер-Оливер нашиот наивен јунак при нивното запознавање (во втората епизода на стрип-серијата „Шуплив заб“) алудирајќи се разбира, на евентуалната семејна врска со магнатот на автомобилската индустрија. А, Алан, инаку посиромашен и од црковен глушец, од врската со богатите го има само тоа свое случајно совпаѓање – во презимето. Тој материјален „статус“ всушност е и единствената сличност меѓу членовите на најоткачената детективска група на светот.

Стрипот за Алан Форд и компанијата (ТНТ) всушност е обид за уривање на сите можни херојско-моралистички митови и вредности, по пат на соочување со вечно победничката – животна опачина. Во оваа творба на „деветтата уметност“, нема убаво и позитивно, освен самиот главен јунак, таа наивна единка оставена како островце во океанот на цивилизацискиот хохштаплерај. Сè е толку безнадежно црно, аморално и бесперспективо што е напросто – смешно. Жените се грозоморно грди, но користољубиви, лакоми и агресивни, а убавиците заводливи, лесноверни или ужасно итри. Јунаците се плашливци без каква и да е доблест. Луѓето се човечни само во нивните слабости. Со еден збор светот е морбиден. Богатиот дел хипокритски и егоистичен, а неговиот сиромашен дел подготвен на сè за малку материјална корист, што бездруго ја урнисува и последната идеолошка социјална надежност.

Најпознатиот аланфордизам: „Сега е момент за големи одлуки! Подобро да живееш сто години како милионер, отколку седум дена во беда!“
Во „Алан Форд“ стварноста и фикцијата се пресретнуваат на еден не надстварен, не надреалистички, туку и на еден „подреалистички“, суров и моралистички опстуктивен гротескен начин. Во „Алан Форд“ се доградува сликата на единката изгубена во големиот свет на неискреноста и обесчовеченоста, што имено таквата состојба на нештата го тера на темпераментно реагирање, на акција, на снаоѓање и на барање спас. Но, иако се работи за една очајна реалност, „Алан Форд“ ни од далеку не е слика на еден свет на очајници.

Бескомпромисноста и искреноста на критичкиот поглед на авторите се всушност оние темелни квалитети во серијата „Алан Форд“ што ги тераат читателите да ја сакаат оваа проникливо и даровито реализирана, карактеролошка и социолошка црнохуморна студија.

Кој е Алан Форд и зошто е толку популарен кај генерациите родени пред 1980 година?
Дел од мурал од центарот на Скопје со еден од главните ликови во стрипот „Алан Форд“ – Боб Рок и неговата најпозната реплика. Фото: Мета.мк. Авторски поглед низ темни очила

Авторски поглед низ темни очила

Стрипот „Алан Форд“ е роден во главата на сценаристот Макс Банкер, еден даровит Миланец роден 1939 година чиешто вистинско име е Лучано Секки и кој 1960 влегува во издавачката куќа „Корно“ („Рог“) и раководи со стрип-едицијата „Гордон“. Својот псевдоним Макс Банкер го зема две години подоцна, кога станува сценарист и ги создава литерарните предлошки за стриповите „Црна Маска“ (1962). „Криминал“ (1963), „Магманус“ и „Алан Форд“ (1969), а подоцна и за „Даниел“ (1976, којшто во најголем дел го црта Магнус), за списанието „Еурека“ што го уредува до 1967 година, Банкер го пишува сценариото „Фуше, еден човек во Револуцијата“.

Цртачот на „Алан Форд“ е познат како Магнус што е псевдоним за Роберто Равиола, роден во Болоња 1939 г. Равиола почнува како илустратор, а по средбата со Банкер и издавачот „Корно“, се определува за работа на стрип. Го прифаќа псевдонимот Магнус под којшто креира бројни херои за џепните стрип изданија. Негови цртачки творби се „Криминал“ (1964), „Сатаник“ (1965), „Денес Коб агент ЅЅ 018“ (1965), „Џезабел“ (1966) и „Алан Форд“ (1969). Меѓу 1968 и 1970 за месечникот „Еурека“ ја црта серијата „Магманус“, а 1974 се посветува на по „арт“ серии „Познаникот“ (1975), 1980 година го работи стрипот „Миледи 3000“ и „Друмски разбојници“. На џебниот формат му се враќа со „Некрон“ и со стрипот за возрасни „110-те пилули“ (1986) и „Маѓепсани жени“ (1988).

Сепак, нивно најзабележано остварување беше и останува оној стриповски поглед низ темните очила на цивилизацискиот морал и човечки менталитет, стрип серијата за „Алан Форд“.

Кој е Алан Форд и зошто е толку популарен кај генерациите родени пред 1980 година?Цртежот на Магнус е прецизен, линиски. Стрипот делува како една контрастна црно-бела структура (без сиви меѓутонови) во која, од разбирливи причини, бојата на тушот е значенски доминантна. Стилот на „Алан Форд“ е полукарикатурален (полу-реалистичен) како одлика што најдобро ја предочува црнохуморната димензија на предочените ликови и амбиенти. Цртежот е сконцентриран на ликовите и на нивните психолошки реакции, мошне ретко и на физичката динамика. Затоа во „Алан Форд“ нема промени ниту во плановите (обично подалечни крупни, „портретни“ зафаќања), ниту во содржините на „квадратите“ кои се инаку рамномерно распоредени по два на страница од џебен формат. Тоа инсистирање на непроменливата визура едновремено ја сугерира и идејата за непроменливите содржини што ја исполнуваат гротескно доживеаната реалност.

Жанровска и универзална пародија

Стрип-серијата „Алан Форд“ негува особен однос кон детективскиот жанр. Таа, имено, го пародира но не запира таму. Таа е творба што ги има квалитетите на еден општ и парадигматичен поглед на светот и историјата. Со тоа што тој светско-историски поглед и на тој универзален план неуморно дејствува како една остра, но духовита, гротескна пародија.

И светлата антика, како и мрачниот среден век, исто како и сегашноста, со еден збор севкупната историја, е дадена како голема митолошка, херојска – измама. Магнус и Бункер историјата на победите ни ја откриваат како минато на случајни добивки, но и како дијахронија на човечкиот егоизам, алчност, откаченост, суета и глупост… значи како историја на човечките слабости, како минато полно со грешки и маани (од кои произлегува истата таква – сегашност!) што се разубавено, лажно претставени како след на јуначки подвизи, како во епизодите во која се зборува за античката „победа“ на дебелиот Леонида кај Термопилите, за „херојското“ загинување на генералот Кастер од Бикот Кој Седи, или за други класични или посвежи историски настани.

На тој начин, Магнус и Бункер ни ја сугерираат својата непомирливо прагматичка филозофија: не занесувајте се – ова е единствениот вистински постоен меѓу сите (историски митологизирани или идеолошки ветени) светови. Ова место, населено со грди, валкани, себични, сиромашни приглупи, луди и зли креатури, што така го населуваат не само денес туку – отсекогаш! Ова место во кое не можеш да бидеш дури ни наивец меѓу злите и откачените, туку само и единствено, еден од нив. Чест на исклучоците; тие се осудени да бидат или губитници, или пак позитивни јунаци во гротескните стрипови на животниот апсурд. Пораката што неутешно извира од црнохуморниот стрип за Алан Форд и компанијата е немилосрдно едноставна: не е сè така црно како што на прв поглед изгледа. Поцрно е.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …