Кој е крив?

Кој е крив?

Пишува: Сотир Габелоски

Дали само властите во овие 30 години се одговорни за иселувањето од државата и губењето на квалитетниот кадар? Или, одговорноста ја делат сите оние кои имале можност да работат и да вработуваат луѓе, за денес да се соочиме со растечки недостиг од квалификувана работна рака?

Изминатиот период македонскиот етер е исполнет со информации и проекции за состојбата со работната сила во Македонија. Заминувањето на докторите е веќе стара приказна, а се’ поактуелна станува темата за увоз на евтина работна сила.

Проблемот со иселувањето, не само на младите, станува алармантен. Луѓето си одат затоа што не се задоволни од овдешните услови за живеење, но и заради недостатокот од работна сила во земјите од Европа, што значи полесно наоѓање на добро платена работа во туѓина.

Податоците за иселувањата се такви какви што се – поразителни. Во последните дваесетина години на Македонија и’ се случува егзодус, а ние се занимаваме со барање одговори на прашањето, кој е поголем виновник за недостигот на работна сила – СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ?

Во изминатите 30 години, македонските претприемачи и газди имаа можност да направат нешто повеќе за своите вработени. Неправедното вреднување на трудот на вработените, ниските плати и непочитувањето на работничките права, доведе до нивно заминување во Хрватска, Германија, Словенија… Од тие причини, дел од одговорноста за „егзодусот“ сносат и добар дел од македонски бизнисмени, стопанственици и газди, не само властите.

На социјалните мрежи и низ медиумите, можат да се сретнат најразлични видувања и коментари за овој проблем, но најсилен впечаток ми оставија коментарите и ставовите на некои стопанственици. Нивната несамокритичност и изземањето од вината за севкупните состојби, не заслужува било каков коментар.

Споделената одговорност на бизнис секторот со владините политики по однос на проблемот со иселувањето на македонските граѓани, признавањето на сопствената вина, е она што бизнисмените во моментов можат најмалку да го направат. Се разбира, секогаш постојат исклучоци од правилото, но факт е дека, генерално, многу од учесниците на пазарот на трудот можеа да направат многу повеќе за своите вработени.

Денес, можеби е доцна за многу работи, но што поскоро проработат општествената и личната совест и одговорност, толку побрзо ќе пристапиме кон решавање на проблемот што, за почеток, ќе значи запирање на трендот на напуштање на државата.

Институциите мора да зајакнат во насока на заштита на работникот и создавање достоинствени услови и квалитетна работна средина за вработените. Од друга страна, претприемачите да не се фокусираат исклучиво на максимизирање на профитот, туку да покажат солидарност и почит кон своите вработени, но и кон потрошувачите.

Тоа нека биде првиот чекор во креирањето стратегија за проблемот кој е од круцијална важност по иднината на државата.

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …