Обвинувањата на опозицијата, ВМРО ДПМНЕ и Левица, дека власта, СДСМ и ДУИ, водат антиевропска политика може да биде добра вест доколку е искрена и означува почеток на политичката борба за побрзо и поуспешно остварување на обврските кои произлегуваат од преговорите на Македонија со ЕУ. Тоа би бил голем пресврт по долгогодишните јалови, штетни и многу често подземни и примитивни меѓупартиски пресметки за освојување на власта, кои немаат допирни точки со европските вредности и стандарди. Вистинскиот мегдан за политички натпревар би бил полн погодок ако оди во насока кој побрзо и поуспешно ќе ги решава домашните задачи зададени од Брисел.
Се` друго е еднодневна провокација, саркастичен одговор на опозициските партии за обвинувањата од страна на власта дека тие се кочничари на евроатланските интеграции. Дури и да се претерува во толкувањата на двете страни за негативните и фалбите за позитивните оценки во годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија, тие се покорисни, отколку популистичките лаги за велепредавства на националните и идентитетски посебности на македонскиот народ. Македонија не загуби ниту една своја идентитетска посебност во изминатите 31 година независност. Ама, многу загуби што од лидер на западен Балкан во реформите остана на опашката.
Неспособност и кукавичлук на политичките лидери
Точно е дека имаше блокади однадвор, од соседите и од самата ЕУ, но и од внатре со неспособноста и кукавичлукот на политичките лидери и партии да изградиме за 31 година просперитетно општество. Огромни се штетите од налудничавата потрага по антички идентитет и пославно минато и од ендемската корупција и организиран криминал. Успесите кои беа неопходни во сузбивање на овие две најголеми аномалии на македонското општество, без разлика дали тоа го бара Европа од нас или не, сигурно ќе ги зајакнеше позициите на Македонија во преговорите и со комшиите и со ЕУ. Испуштени се повеќе шанси со помали отстапки и побезболни компромиси Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО заедно со Хрватска.
-Повеќе од авторот: Нови оптимистички прогнози на академик Коцарев
Во кластерите на ЕУ, или како што порано се нарекуваа поглавја, во кои се набројани стотици реформски зафати и промени, нивното исполнување и примена во практиката е суштината на сестраниот развој на македонското општество, забрзување на демократските процеси, владеење на правото, побрзиот економски развој, повисоки достигнувања во сите области кои се наведени во сите партиски програми, кои се ветувани во сите предизборни кампањи, но во најголем дел не се остварени.
Со децении слушаме и гледаме ветувања за решителна примена на владеење на правото, судски реформи, повисоки демократски дострели, побрз економски раст, повисок стандард на граѓаните, изградба на современа инфраструктура, автопатишта, брзи железници, енергетски објекти, гасификација, подобра здравствена заштита на населението, подобро образование, реформи во земјоделството, ефикасна заштита на човековата околина, паметни градови, решителна пресметка со организираниот криминал и високата корупција…Да не набројуваме понатаму, бидејќи сето тоа и многу повеќе е содржано во обврските од кластерите, но и во партиските определби и програми на сите релевантни политички партии кои наизменично се во власта и во опозиција, но малку од сето тоа е остварено.
На повидок нема консензус за ЕУ
И сега кога по децениски исчекувања и надежи почнуваат преговорите со ЕУ, неискреноста за европските определби се гледа во фактот дека во Македонија ни оддалеку не е на повидок консензус, или предзнак за заеднички став за стратегиските државни интереси и на огромно мнозинство граѓани, содржани во сите документи, собраниски декларации, национални стратегии и партиски програми. Нема ни милиметар поместување кон вообичаениот чин на консензус, кој беше присутен кај сите држави кандидати за членство во ЕУ во време на преговорите.
Меѓусебните критики меѓу политичките партии во периодот на преговори со ЕУ главно беа насочени кон доцнењето во исполнување на обврските од поглавјата и тие беа мерило и главен адут за останување, или за промена на власта на изборите. Во Македонија, на стартот на преговорите процесот е обратен. Не само што нема заеднички став по ниту едно прашање од државните приоритети, туку недовербата кон западна Европа се крева на точка на вриење со една опасна манипулација дека Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ, дека преговорите не се почнати, а нема ни да почнат, дека во тек е распродажба на националните интереси, дека бугаризацијата и асимилацијата водат кон исчезнување на македонската нација и држава, дека македонскиот јазик само што не е избришан од светската лингвистичка карта, дека е изгубено нашето историско минато, се предлагаат нови сојузи и раскинување на веќе склучени и ратификувани договори со соседите со лажни ветувања, дека кога ќе дојде до промена на власта ќе се направат нови подобри договори.
Извор: DW
Целиот текст ТУКА