Колку во пракса работиме да ги задржиме младите дома?

Колку во пракса работиме да ги задржиме младите дома?

Пишува: Сотир Габелоски

Уште еден стратешки документ посветен на младите се изработи и усвои, но што ќе видиме од неговата имплементација?

Праксата во Македонија покажува дека на хартија може да имаме се’, но во пракса да видиме малку. Нивото на имплементација на Законот за младински прашања и младински политики е ниско. Претходната стратегија за млади во пракса исто така не беше видлива, така што останува во наредниот период до 2027 година да видиме што ќе се имплементира од новата стратегија произлезена од Законот за млади.

Националната стратегија за млади 2023 – 2027 ги детектира проблемите онакви какви што се и тие се појдовна точка и основа за предложените цели и активности. Податоците велат дека во изминатите години невработеноста е намалена за повеќе од 10 отсто, но таа е се’ уште над европскиот просек.

Голем проблем е пристапот до образование. Статистиката покажува дека до 18-годишна возраст, од вкупно 11 години поминати на училиште на ефективно учење отпаѓаат 7.3 години.

Желбата за иселување останува висока, со тоа што дури 20 отсто од иселените се со високо образование. Од големо значење за младите е заштитата на животната средина, со посебно внимание на чистиот воздух, а и покрај големата употреба на интернетот, дигиталните вештини се на загрижувачко ниско ниво.

Стратегијата определила релевантни појдовни точки и проблеми кои ги гледаме секој ден. За секоја област, за секој предизвик на младите понудени се цели, резултати и решенија преку повеќе области, како што се младинско учество, информирање, образование, здравје и други. Предвидени се активности и за вклучување на младите во воспоставувањето на правната држава и борбата со корупцијата. Но и натаму останува главното прашање: Колку од напишаното на хартија ќе се преслика во пракса?

Новата Национална стратегија за млади 2023-2027 предвидува и мониторинг алатки, како и институции одговорни за нејзина имплементација. Сепак, праксата во нашата држава создава реален страв за нејзино неимплементирање и ако веќе се посветило големо внимание да се креира стратегијата, тогаш двојно повеќе треба да се насочиме кон нејзина имплементација. Особено во период на големо иселување на младите, на проблеми во образованието кои се провлекуваат со години и на нарушување на правниот систем.

Младите се најголеми жртви на сите скорешни и тековни негативни процеси и појави. Тоа се одразува како на нивната ментална состојба, така и на процесот на вработување и ги тера да ја зграпчат првата шанса за иселување. Ако во предвидениот рок овој документ се имплементира во значителен процент, тогаш имаме право да кажеме дека сме се потрудиле да направиме нешто за младите да останат тука.

Време е младите да станат приоритет. Националната стратегија за млади 2023 – 2027 и измените на Законот за младински прашања и младински политики, е вистинска можност за тоа.

Прочитајте повеќе

Со грда кампања не бива горда Македонија

Со грда кампања не бива горда Македонија

Познатата предизборна шема како и сиве 30 и кусур години тече како матен Вардар. Какви …