Комплетно завршува рехабилитацијата на патната мрежа на потегот од Гостивар до Кичево

Комплетно завршува рехабилитацијата на патната мрежа на потегот од Гостивар до Кичево

„Посветено работиме на создадавање квалитетна патна мрежа низ целиот западен дел на земјата. Во таа насока, целосно го реконструиравме патот од Гостивар до Стража и Кичево, и ги рехабилитиравме патните правци Маврово – Никофорово, Колари – Кичево, Гостивар – Србиново и Боговиње – Врапчиште. Во моментов работиме на рехабилитација на делницата Здуње – Гостивар, а наскоро ќе започнеме и со рехабилитација на регионалните патни правци Маврови Анови – Жировница и Карпалак – Желино“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешниот увид во рехабилитацијата на патниот правец Здуње – Гостивар.

Рехабилитацијата на патниот правец Здуње – Гостивар опфаќа 4,6 километри и е со вредност од 520 илјади евра. Градежните работи се одвиваат со добра динамика и се очекува патот да биде завршен во текот на месец ноември.

Mинистерот Сугарески потенцираше дека покрај рехабилитацијата на регионалната патна мрежа, со засилено темпо се работи и на изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

„Досега изградивме, рехабилитиравме и реконструиравме 770 километри патна мрежа со вкупна вредност од преку половина милијарда евра. Годинава ќе ја завршиме со преку 500 километри рехабилитирани патишта, од кои најголем дел регионални патишта кои биле заборавени и не беа рехабилитирани со децении. Овој тренд ќе продолжи и во следната година во која планираме рехабилитација и реконструкција на дополнителни 450 километри регионални и магистрални патишта низ државата, како и 70 милиони евра за изградба и санација на локални патишта и улици низ општините“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека ова е последната делница која останува да се заврши на потегот од патарина Гостивар, па се до Кичево и ќе биде рехабилитирана до крајот следниот месец.

„Делницата од Гостивар до Кичево комплетно ја завршивме, остануваат да се завршат уште овие 4,6 километри. Оваа делница десет дена ќе биде затворена за користење со цел побрзо да се асфалтираат 8 километри пат, па ги замолувам граѓаните за разбирање и трпение во текот на овие денови. Исто така, сакам да истакнам дека во овој момент комплетно се чисти автопатската делница од Гостивар до Скопје“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

На новинарско прашање во врска со изградбата на автопатот Скопје – Блаце, директорот Китанов истакна дека јавниот повик за избор на Изведувач е во тек и ќе заврши на 29 ноември, а буџетот е зголемен за 250 милиони денари. Китанов додаде дека во меѓувреме веќе се работи и на проектирање на останатите 10 километри од автопатот.

Прочитајте повеќе

Пендаровски и Џафери со честитки

Пендаровски и Џафери со честитки по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, …