Конфискација место уривање на дивоградбите со цел да се спречи понатамошната експанзија на нелегално изградени објекти – бара градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Тој денеска (4.04) ваквата своја идеја ја поткрепи и со документи. До ЗЕЛС поднесе Иницијатива за конфискација на дивоградби, која интензивно била подготвувана изминатиот период.
„Место да трошиме пари од буџетот за рушење, предлог законските измени кои ги иницирам овозможуваат општините да иницираат постапка за конфискација на нелегално изградените објекти пред надлежните органи“, информираше Герасимовски преку социјалните мрежи.
По конфискација, идејата е општините да можат да ги употребат објектите за потребите на граѓаните. Оваа измена, вели Герасимовски, би била огромен чекор напред во однос на превенција од идни дивоградби.
Урбанистичко насилство
Ваквата иницијатива се поднесува во период кога граѓаните речиси секојдневно алармираат за некоја нова дивоградба која што никнува на падините на Водно и во најатрактивните делови на градот, каде и покрај апелите да се сопре градежната инвазија, багерите и понатаму продолжуваат да копаат. Герасимовски смета дека е време да се направат крупни промени за заштита од урбанистичко насилство.
Општина Центар има неколку големи дивоградби на нејзината територија, чие рушење чини стотици илјади евра. Но, општината ги нема тие средства.
Во фокусот на јавноста изминатиот период беше парцелата кај Универзална сала и пропаѓањето на улицата, поради што изградбата на објектот беше сопрена. Утврдено е дека инвеститерот не ги заштитил околните објекти, а пропишани му се и парични казни.
Има и други дивоградби, на пример на Пластичарската улица, чија што градба е прекината, но се бара кој е инвеститорот. За овој објект е потпишано барање за уривање, но општината бара конфискација.
Најголем број на незаконските активностиси, според надлежните, се прават за викенд или за празници, поради што инспекциите излегуваат почесто на терен.
Огромни трошоци за уривање
Само за една градба на Водно се потребни пет милиони денари за уривање, но само онеспособување, а не целосно отстранување на нелегалниот објект.
„Со динамит ќе се урнат потпорните ѕидови на бесправните објекти, но ќе остане грда сликa. За да се отстрани само една градба чини многу“, изјави неодамна Герасимовски.
Поради тоа, општината бара начин за измена на законите, бидејќи во моментот немаат законска можност за конфискација. Надежите се дека иницијативата едногласно ќе биде усвоена за да се побараат законски регулативи и измени за таквите објекти да бидат конфискувани од државата и да се искористат за друга намена од која полза ќе имаат граѓаните.
Очекувањата се дека со иницијативата ќе се штеди буџетот на општината, но и ќе се добијат нови објекти кои може понатаму да бидат пренаменети за различни цели.
Проблеми со дивоградбите имаат сите општини. Најаларматна е ситуацијата во главниот град, како и во Охрид и Струга, кои се под мониторинг на УНЕСКО.