Почнаа подготовките за уставните измени. До 10 април е рокот за номинирање на претставник во работната група за измени на Уставот на Република Северна Македонија, информираа денеска од Министерството за правда.
„Дописи се испратени до Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања, парламентарните политички партии, експерти кои имаат познавања на уставната материја“, стои во соопштението на Министерството за правда.
Во барањето за номинација на Министерството за правда наведено е дека во интерес на исполнување на обврската на земјава која произлегува од преговарачката рамка што ја усвоиле 27 земји-членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава.
„За таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на уставното право, кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени“, посочуваат од Министерството за правда.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ вчера изјави дека дека продолжувањето на нашата земја на патот до ЕУ не зависи ниту од Софија, ниту од Атина, ниту од Париз, ниту од Берлин, ниту од никого, туку од одлуката дали сакаме да продолжиме со реформите и пристапните преговори.
„Сметам дека вистинското прашање е дали сакаме да го фатиме најбрзиот воз за членство во Европската Унија, а не е дали можеме да смогнеме сили да ги направиме неопходните уставни измени, што ги има во нашата преговарачка рамка“, смета вицепремиерот Маричиќ.
Тој посочи дека имаме време до ноември, до крајот на скринингот, да ги завршиме обврските и доколку тоа го направиме, со одговорност, зрелост и свесност на сите политички актери, може да се очекува во декември годинава или во јануари идната година, да ги започнеме преговорите за Кластер 1 и поглавјата во него.
Маричиќ смета дека се можни и остварливи уставните измени, само дека прашање е дали ќе успеат оваа година, иако времето покажало како што вели тој „дека што повеќе ги одлагаме обврските тие стануваат потешки и проблемите стануваат поголеми“.
„Мислам дека нам ни одговара што поскоро ова да го завршиме затоа што тоа ќе ни ја отвори вратата, дури и без да ја прашаме Бугарија – така пишува во заклучоците – автоматски се свикува втората меѓувладина конференција и веќе влегуваме во сосема друго ниво на односи со Европската Унија“, рече Маричиќ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска порача дека кога се случува евентуална промена на Уставот има три чекори, при што првиот е во парламентот да дојде иницијатива со која се утврдува потребата за негово отворање, за што е потребна поддршка од две-третини од пратениците. Според Мицкоски, ние сега не сме ни на почетокот, туку пред почетокот.
„Во оваа фаза работни групи и уставни комисии не се формираат. Овде сега пред пратениците се доставува иницијатива за утврдување на потребата за отворање на Уставот. Мене ако ме прашате како човек преку глава ми е од работни групи каде неколкумина политичари седат во затворена просторија и одлучуваат за иднината на народот, а народот е против тоа“, рече Мицкоски.