Контраспин: Левица формално не е против зачленување во ЕУ, ама суштински е

Контраспин: Левица формално не е против зачленување во ЕУ, ама суштински е

„Не во ЕУ по секоја цена“ поради „тектонски геополитички промени“ и поради „губење на интегритет и суверенитетот на земјата“ со сите договори досега. Така вели членката на Президиумот на Левица Јована Мојсоска. Ако во исто време не се кажува јасно алтернативата, која, нели, „секогаш ја има“,  Левица ја извртува вистината дека е само анти НАТО, а не и анти ЕУ партија. Зашто, лажна е тезата дека „таа алтернатива“ не носи никакви опасности по мирот и интегритетот на земјата, а тоа значи уназадување на процесите најмалку две и пол децении наназад и целосно одалечување од ЕУ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Во видео интервју  за „Слободен печат“, одговорајќи на прашања дали се и антиевропска партија, како што често ги обвинуваат и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, членката на Президиумот на Левица Јована Мојсоска искажа партиски ставови во кои има спин:

Спин: Ние одамна тврдиме дека нема евро-атлантски интеграции, има европски и има атлантски…иако во последниов период гледаме дека ЕУ станува заложник на НАТО интересите, иако и таму има веќе има обиди, особено во Франција да не зависат безбедносно од НАТО, односно Европа да си создаде безбедносни сили. Апсолутно, ние сме против НАТО, тоа е во секој статут на секоја левичарска партија во светот. НАТО го надмина своето време за кое беше формирано. Ние сме за ЕУ, но не по секоја цена. Особено во услови кога се менува, има тектонски промени на геополитичкиот поредок, ние не можеме да говориме дека нема алтернатива, особено ако искуството пoкажува дека секое наше приближување кон тие евро-атлантски интеграции го деградирале интегритетот и суверенитетот на државата. Почнете уште од 1995-та, Рамковен договор, Преспански договор, па дури и кога рековме дека со Преспански договор ги завршивме сите отворени прашања, Пендаровски тврдеше дека нема отворени прашања, сега стигнавме до 2022, да повторно кога Бугарија, која беше губитник во Втората Светска Војна, сега да нè уценува. И од тој аспект, јас воопшто не сум приврзаник дека нема алтернатива… (од 7.30 мин. до 9.17 мин.)

[Извор: СП/Утрински печат – Ј. Мојсоска– датум: 07.02.2023]

Контраспин: Јована Мојсоска, членка на раководството на парламентарната партија Левица, искомуницира со јавноста дека партијата е за зачленување во ЕУ и според тоа не е антиевропска партија, но не по секоја цена, поради две причини – „тектонски промени на геополитичкиот поредок“ и штетноста на сите договори што Македонија ги потпишала досега во насока на евро-атлантските интеграции, а кои се одразиле „на суверенитетот и интегритетот на државата“. Истакнувањето на овие две генерални причини е извртување на вистината, т.е. спин.

Прво, во периодот по осамостојувањето на Македонија, по референдумот од 8-ми септември 1990, формирањето на првата Влада и Собрание во 1991 година и сè што следуваше потоа, светот, а особено Европа, исто така, беа вовлечени во тешки и турбулентни процеси и настани, кои, исто како и денес, може да се наречат „тектонски промени на геополитичкиот поредок“. Од паѓањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија, распадот/самоукинувањето на СССР, до најголемата војна во Европа – војната/војните во поранешна Југославија (до оваа сега во Украина), нејзиниот распад, преку Дејтонскиот мировен процес во 1995 и војната НАТО-СР Југославија од 1999, па краткиот граѓански воен конфликт/судир во Македонија во 2001 година, итн.

Тектонските геополитички процеси оттогаш па до денес се бележат и на другите континенти, а не само Евро-Азискиот. Па, сепак, во сиот овој тектонски геополитички потрес од цели две децении, можеби и повеќе ако ги сметаме и Калифатот и речиси распадот на Ирак, Сирија, Авганистан, статусот на Хонг-Конг, итн. – сите парламентарни партии од 1991 г. до влезот на Левица во Собранието на изборите во 2020 година, со мали временски колебања на две-три мали партиии од 1999-2001 година, секогаш биле со генерална политика дека иднината на земјата е членството и во НАТО и ЕУ.

И тоа не е само поради географската место-положба на РС.Македонија, туку и токму поради тие гео-политички промени кои ја условиле и севкупната економија, трговските односи, природното гравитирање на луѓето што заминувале од Македонија и подобрите услови за живот кои во 20-ти и 21-ви век ги барале пред се во Европа, а нивната помош на домашната економија преку стотиците милиони евра дознаки во земјата е значајна. Од тука, да се тврди дека тектонските геополитички процеси се една од причините за „не во ЕУ по секоја цена“ и за реторички, без малку философски одговор дека „секогаш има алтернатива“, де факто е извртување на вистината, т.е. спин.

Левица би ги моделирала и укинала клучните договори

Ова погоре можеби уште појасно доаѓа до израз од многу попрецизниот одгoвор на Мојсоска на прашањето кое беше поставено и хипотетички и како појаснување на „црвените линии“ на Левица околу Охридскиот и Преспанскиот договор, ако утре дојдат на власт:

Прашање: Често го критикувате Преспанскиот договор, сега и Вие тоа го кажавте, не како Јована Мојсоска, туку и како партија, а го критикувате и Охридскиот рамковен договор. Дали тоа значи дека со вашето доаѓање на власт тие договори би биле/би имало обид за нивно менување, за укинување и…?

Одговор: Апсолутно. Видете, во пракса се докажа дека тие договори кои требаа да бидат гарант на регионалната стабилност и мир, напротив, не ја остварија својата функција. Во однос на Рамковниот договор се покажа дека после 20 години е само партиско орудие за гарантирање на политичката моќ на ДУИ…Во однос на Преспанскиот договор, сите видовме како се одвиваше, тоа беше едно понижување, силување на демократијата и сите принципи, со вадење на пратеници осудени за тероризам….Тоа беше силување на народната воља на референдумот кој беше неуспешен и апсолутно, секоја власт кога ќе дојде на власт има историска должност да ја поправи оваа неправда која беше нанесена, има должност да ја реализира народната волја која што беше искажана на тој 30-ти септември 2018 година, кога народот јасно и гласно кажа дека не е за ЕУ и НАТО по секоја цена… (од 13.50 мин. – до 16.50 мин.).

Настрана невистината дека Рамковниот договор „е виновен“ што се претворил во орудие кое често ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и други албански и македонски партии го злоупотребуваат, факт е дека Охридскиот или т.н. Рамковен договор, ја ослободи негативната енергија што се собираше кај албанските етнички партии од Македонија од првиот Устав во Р.Македонија од 1991 година и многу честата просрпска, па и проруската политика што се водела во земјата во периодот 1991-1998 година во однос на Албанците во земјата (следење на политичките методи на Србија/Русија кон укинувањето на автономијата на Косово) .

Контраспин: Левица формално не е против зачленување во ЕУ, ама суштински е
Од воениот конфликт 2001 во Македонија. 

Тој Рамковен договор од 2001 г., ги научи граѓаните на Македонија на зборот коегзистенција и значително ги намали меѓу-етничките тензии. Рамковниот договор и уставните измени од 2002 година, можеби донесоа непопуларни мерки како што се амнестија, голгота на припадниците на полицијата и на армијата за остварување на нивните законски права за отштета или платено лекување, стриктна примена на Бадентеровото правило, вработување според т.н. Балансер, неговата, навистина, можеби застареност и потреба од укинување, итн., но сепак, големата слика е дека придонесе за мир во земјата, намалување на етно-шовинизмот и генерално губењето на волја кај двете најбројни етнички заедници недоразбирањата да ги решаваат по пат на оружје. Освен ова, ја зголеми свесноста за правата на сите други малцински заедници во земјата, свесноста за потребата и важноста од недискриминација по сите основи, дури и денес, кога е актуелно прашањето со уставно набележување на Бугарите во РСМ.

Со сите слабости и правни пропусти кои на земјава може да и се треснат од глава многу скоро преку Европскиот суд за човекови права (одлуката најавена 16-ти февруари за аболицијата на поранешниот претседател Г. Иванов), истото може да се каже и за Преспанскиот договор. Со мала додавка, дека референдумот од 2018 иако е правно „неуспешен“, но на референдумските ливчиња тие граѓани кои се изјасниле, околу 650 илјади важечки гласови, во над 90 отсто рекле Да, додека над еден милион одбиле да се изјаснат, што автоматски значи дека, без оглед на причините, решиле да не го искористат своето право да се изјаснат.

Овој, исто така асиметричен договор, сепак, освен болната промена на името од Република Македонија во Република Северна Македонија, земјата ја внесе во НАТО-заложбата на сите парламентарни партии од 1993 до денес, со исклучок на Левица, помогна и околу склучувањето на договорот за почеток на преговори со ЕУ, што се покажува како мошне важно во сегашните „тектонски промени на геополитичкиот поредок“.

Според тоа, ставот на Левица искажан преку Мојсоска за промена или укинување на договорите (до крајот на интервјуто таа се изјасни и за измена на Преговарачката рамка со ЕУ и раскинување на договорот со Бугарија – легитимно право запишано во овој договор), се извртување на вистината или спин, зашто во тој случај станува јасно дека Левица спинува дека е про ЕУ партија, бидејќи де факто, ќе дојде до замрзнување и оддалечување на ЕУ аспирациите на земјата.

* * *

Во исто време, ако не се кажува јасно алтернативата, која, нели, „секогаш ја има“, Левица ја извртува вистината дека таа алтернатива не носи никакви опасности по мирот во земјата, а тоа значи уназадување на процесите најмалку две и пол децении наназад. Со тоа, сите други ставови на Левица од борба со корупција, укинување на привилегии, анти-монополски и анти-лихварски закони, итн., кои се сосема корисен сет на политичката понуда во земјава, губат на некој начин од нивната важност, што е дополнителна штета во развојот на демократијата и човековите права на граѓаните.

Поради погоре искажаните аргументи, може да се оцени дека изјавите на Јована Мојсоска од Левица во однос на двете главни причини зошто не за влез во ЕУ по секоја сцена, се спин.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Царинска управа колаж медикаменти

Царинска управа: Спречен шверц на 1,7 тони медикаменти штетни по здравјето на граѓаните

Царински службеници на влез на Меѓународен Аеродром Скопје спречија шверц на 1,7 тони медикаменти, Силденафил …