Контраспин николоски

Контраспин: Николоски нуди граѓаните да оладат од ЕУ додека ВМРО-ДПМНЕ не ја среди државата

Кога внимателно ќе се погледнат сите изјави на ВМРО-ДПМНЕ во последните 30 дена во поглед на евро-перспективите и преговорите со ЕУ, менувањето на Уставот итн, особено последната изјава на Николоски што ја анализираме, произлегува дека оваа партија засега декларира став дека преговарачкиот процес со ЕУ треба да биде во мирување.

Николоски и ВМРО-ДПМНЕ се за евроинтеграции, преговарачкиот процес ќе продолжел и без уставни измени, само најпрво новата власт за 6 месеци до една година да ја среди земјата. После тоа Бугарија ќе имала сериозен притисок да се откаже од мегаломанските барања од страна на ЕУ, која покрај притисокот врз Софија би изразила волја за нови преговори/разговори за измена на преговарачката рамка, пишува „Вистиномер“ во својот Контраспин.

Текстот го пренесуваме во целост:

„Дали ВМРО-ДПМНЕ во програмата на евентуални предвремени избори би понудила прашање кое што се однесува на уставни измени, бидејќи актуелниот став на ВМРО-ДПМНЕ е дека никој нема мандат од граѓаните во моментов да прави уставни измени?“ Ова беше прашањето од новинарот до потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски, во чиишто одговори може да се препознае спинување.

Спин: Не, не, ние уставни измени не нудиме, само тој план што го имаме и кој е врзан за предвремени избори, значи како да ја извадиме државата со овие три столба, со цел Македонија да почне преговори за членство во ЕУ. Затоа што, да не се лажеме – сега  земјите членки не прават никаков притисок врз Бугарија во моментов, како што нема и во изминатите неколку години од страна на најголемите земји членки на ЕУ… Затоа што мислат дека Македонија не е подготвена за членство во ЕУ, пред се поради виското ниво на криминал и корупција. Ние прво тоа треба да го смениме за да почне притисокот врз Бугарија – прва опција или втора опција е ова што го прават СДСМ и ДУИ – да прифаќаат се што Бугарија ќе побара.

Тоа е едната работа, втората работа е понудивме хрватски модел, што всушност беше споменуван од власта… Во моментот кога рековме ајде да ја препишеме преамбулата како во Хрватска, власта рече дека не сака…Зошто? Затоа што ова крие едена голема длабочина на проблемот со Бугарија. Зашто ако се прифати нашиот предлог ќе биде јасно каква држава е Македонија – национална држава на Македонците и малцинствата кои живеат во неаДоколку се прифати предлогот на СДСМ и ДУИ Македонците ќе бидат израмнети со Бугарите, што е цел на Бугарите…  

Стојам на тоа дека Македонија може да почне преговори со ЕУ. (Новинар: Без уставни измени?) Да. Зошто? Затоа што средена Македонија внатре ќе значи сериозен притисок врз Бугарија, за Бугарија да се откаже од овие максималистички барања кои што ги има…(Новинар: Колку години ќе ни требаат да ја средиме Македонија?). Па мислам дека за 6 месеци до една години државата може да се среди. Сите знаат каде се дувлата на корупција и мислам дека може да се среди тоа(од 16 минута во видеото)

[Извор: ТВ Сител – разговор со А. Николоски; Датум – 10.04.2023]

Контраспин: Уште кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека „не отстапува ни милиметар“ од политиката, дека нема да прифати уставни измени под бугарски притисок и без гаранции од ЕУ, како и дека имал план заснован на три столба кој ќе ја извлече државата, а кој предвидува вонредни избори во јуни годинава, јасно беше дека партијата има не баш јасен став што со ЕУ перспективата во светло на веќе прифатената преговарачка рамка.

Потоа дојде еден вид „димна бомба“ дека тврдиот став на партијата може да се промени. Таа „димна бомба“ беше дека прифаќа измени на Уставот уште веднаш ако се смени по хрватскиот модел, каде што во преамбулата, речиси идентична со нашата, постои суверен народ – хрватскиот и националните малцинства кои се 22 на број.

Оттогаш, секоја изјава на Мицкоски или на други функционери на ВМРО-ДПМНЕ ја повторуваат тезата дека тоа ќе значи чекор во насока на унитарноста на земјата, дека Македонците на тој начин ќе го засилат идентитетот, бидејќи ќе се знаело дека тоа тоа е држава на Македонците, а дека другите во нејзе се малцинства, итн, итн. Така и Николоски во интервју за ТВ Сител, појасни дека таквата изменета преамбула ќе имала ептен големо значење, бидејќи „доколку се прифати нашиот предлог национална држава на Македонците и малцинствата кои живеат во неа ќе биде јасно каква држава е Македонија. Доколку се прифати предлогот на СДСМ и ДУИ, Македонците ќе бидат израмнети со Бугарите“.

Станува збор за чист спин и чиста манипулација од еден едноставен факт – Преамбулата во Уставот е воведен декларативен дел, кој суштински не ги решава односите во државата. Второ, повеќе експерти  изминатите денови посочија, прво, дека ние го имавме хрватското решение до 2001 година, а потоа како резултат на потребата да се избегнува мајоризацијата за повеќе прашање се пристапи кон уставен модел кој ја дефинира државата како мултиетничка, а во пракса со некои решенија влече и кон бинационалност.

И, како што вели професор Денко Малески за нас „тоа е надминат концепт“:

Со тој (Охридскиот –н.з.) договор станавме мултинационална држава, факт кој не можеше да го сокрие ниту една прилично несмасна формулација на преамбулата на новиот устав. Наложен однадвор како спасоносно решение за младата македонска држава, моделот успешно го одржува мирот во земјата, еве веќе дваесет години.

Истото го мисли и професор Петар Атанасов:

Овој предлог не може да се реализира, прво, затоа што ние сме отидени многу понапред и сега е несериозно да се враќаме назад, а каков-таков, ние сме нашле рамнотежа со најголемата друга етничка група – Албанците – по 9.30 во видеото).

Професор Владо Поповски, еден од пишувачите на Уставот во 1991, и учесник на подготовка на решенијата од 2021 година, исто така, смета дека:

Хрватскиот модел би можел да се примени, но само ако има консензус, кој кај нас очигледно го нема (1:15 видеото од разговорот).

Сите измени на Уставот, т.е. постепеното воведување на уставните амандмани, прво во 1992, па во 1998, па во 2001 година… може да се проследат на линкот на Собранието на РСМ. А суштината на измените по 2001 година, е дека амандманите од IV – XVIII, прогласени на 16-ти ноември, се токму резултат на Охридскиот рамковен договор. И токму тие амандмани се „таа рамнотежа“ за која зборува Атанасов или „тоа спасоносно решение – модел што успешно го одржува мирот 20 години“ – за кој зборува Малески.

Така што, дури и да се согласат малцинските заедници во С. Македонија да се смени преамбулата, никој нема да се согласи да се менуваат амандманите и тие од 2001 година и тие што беа на неколкупати подоцна усвојувани. Оттука, менувањето на преамбулата по хрватскиот модел со којшто ќе се овозможи прифаќање на Бугарите во Уставот како малцинство, што го нуди ВМРО-ДПМНЕ, е „димна бомба“ и спин, пред сè, зашто е невозможно решение, а второ само менување на преамбула нема да смени ништо суштински во уставно-правниот поредок во С. Македонија.

Исто е спин дека прифаќањето на измените што ги предлагаат СДСМ и ДУИ ќе значи изедначување на Македонците со Бугарите и дека Бугарите ќе станеле конститутивен народ што било спротивно на АСНОМ и на Крушевската Република. Прво, не значи дека немало и лица што се чувствувале за етнички Бугари и во востанието од 1903 во Крушево и за време на НОВ, а второ, внимателното пишување на новата преамбула за да се додадат Бугарите, Евреите, Хрватите, Црногорците, можеби и други, треба да биде токму резултат на експертската комисија, па потоа и на собраниска комисија за уставни измени што ќе биде формирана во втората фаза на уставните измени. Процеси што ВМРО-ДПМНЕ очигледно ги избегнува, па оттука не може да се шпекулира како ќе биде формулирана новата преамбула во Уставот и дали Македонците ќе бидат изедначени со Бугарите и од историска смисла, од времето на Крушевската Република и од времето на АСНОМ.

„Државата ќе ја средиме за 6 до 12 месеци“

Уште еден голем и очигледен спин кажа Николоски за време на интервјуто. Дека власта на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја средела државата за 6 месеци до една година. Па дури и да мисли само на состојбите во областа на борбата со корупцијата, зашто ги потенцира дувлата на корупција, кои се познати, како што вели. Борбата со корупцијата трае најмалку од 2002 година кога е формирана ДКСК, што значи дека таа борба трае најмалку 20 години, а успешните резултати сè уште се далеку. Еве, да претпоставиме да има 100 процентно политичка волја и ниту еден коруптивен кадар во сите ешалони на некоја идна власт на ВМРО-ДПМНЕ, плус со некој коалиционен партнер. За една година тие нема да можат да ги пополнат институциите докрај, а камо ли да зборуваме за исполнување на промените од Стратегијата за антикорупција до 2025 и неопходните реформи во правосудството и кај органите на прогон, за да зборуваме за успешно „средување“ на државата – само во областа на корупцијата. Така што и овој став на Николоски изречен и во име на ВМРО-ДПМНЕ, а врзан со ставот дека Македонија може да има преговори со ЕУ без да се смени Уставот, е манипулација, т.е. спин.

* * *

Кога внимателно ќе се погледнат сите изјави на ВМРО-ДПМНЕ во последните 30 дена во поглед на евро-перспективите и преговорите со ЕУ, менувањето на Уставот итн, особено последната изјава на Николоски што ја анализираме, произлегува дека оваа партија засега декларира став дека преговарачкиот процес со ЕУ треба да биде во мирување. До кога? Најмалку додека не ја средат државата за 6 месеци до една година, па после Бугарија да се откажела од мегаломанските барања под притисок на ЕУ, која освен притисокот би изразила волја за нови преговори за измена на преговарачката рамка.

Пишува: Теофил Блажевски

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Платата на премиерот е 140.450 денари, а на министрите по 115.540 денари

Платата на премиерот е 140.450 денари, а на министрите по 115.540 денари

Владата јавно ги објави платите на претседателот на Владата, како и на министрите. Според објавените податоци, највисока …