Контраспин: Сомнителна ефикасност на „планот од три столба за излез од кризата“ на ВМРО-ДПМНЕ

За волја на вистината, вакви спинови се предизвикани и може да се слушнат и од другата страна, од СДСМ, и може да се сметаат само како изнуден контра-одговор.

Најголемата опозициска партија по интервјуто на нејзиниот лидер Мицкоски на 23.03. 2023 година инсистира на тоа дека има „план за да се преброди кризата“ (со уставните измени н.з.), но не кажува дека спроведливоста и ефикасноста на тој план се речиси невозможна мисија, со што, на некој начин спинува. Во меѓувреме, продолжуваат и спиновите околу тоа која партија колку расположливи пратеници има во сопствените редови за уставните измени, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

ВМРО-ДПМНЕ во соопштение со јавноста комуницира со тврдења во кои може да се препознае спин:

Спин: Ковачевски нема мнозинство за уставни измени, се повеќе пратеници му откажуваат лојалност…

СДС и ДУИ се движат кон ќорсокак. Наместо Ковачевски да ја држи цела Македонија во заложништво, треба да го распушти Собранието и да одиме на предвремени парламентарни избори.

ВМРО-ДПМНЕ има план како да ја преброди кризата, кој се темели на три столба, за кој се потребни првин избори и промена на власта.

[Извор:ВМРО-ДПМНЕ – Сооопштение;Датум – 27.03.2023]

Контраспин: Опозициската парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ во последните три дена неколкупати комуницираше со јавноста обидувајќи се да ја убеди дека има успешен план за уставни измени и излез од кризата и дека тој е единственото решение, бидејќи владејачката СДСМ немала мнозинство ниту во сопствените редови за такво нешто.

И двете тврдења се на некој начин спинови, т.е. извртувања на вистината, затоа што станува збор за непроверени факти. Но, најпрво за првото посериозно тврдење дека имаат (успешен) план за излез од кризата кој се темели врз три столба.

Овие комуникациски пораки започнаа од интервјуто на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски минатата недела во „Само интервју“ на канал 5 ТВ.

Откако неколкупати беше прашан да ги искоментира ставовите од високи претставници на ЕК (Жозеп Борел) околу преговарачката рамка, како и средбата и разговорите со други дипломати и со шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок која тој ден беше во посета на Скопје, Мицкоски прво рече дека неговите средби со дипломатите знаат да бидат и непријатни и на нив да има и притисоци, потоа дека „немал намера да отстапи ниту милиметар“ од тврдата позиција дека нема да се согласи на уставни измени, за на крај да каже дека има план кој се заснова на три столба, „економски, политички и национален“, кој предвидува најпрво да се оди на предвремени парламентарни избори во јуни годинава.

Еве имаме план, прифатете го планот (мисли на ЕУ)вели Мицкоски

На прашањето Дали тој план ќе доведе до отворање преговори со ЕУ, Мицкоски вели „Апсолутно“…На прашањето „А ако не биде прифатен?“, Мицкоски вели „ако не биде тогаш немаме партнер во процесот“. Тој потоа поентира:

Ако не биде прифатен мојот план и трите столба содржани во тој план, јас немам намера да прифатам уставни измени под овие услови. А дали тоа ќе значи стопирање или тоа ќе значи барање план Б, тоа не зависи од мене. Тоа зависи од тие таму, кои што доаѓаат овде (мисли на ЕУ и претставници на ЕУ или на нивните земји членки, а целиот цитиран и прераскажан дијалог може да се погледне од 26-та до 30-та минута во видеото).

Сето ова излегува  дека лидерот на опозициската партија нуди решение на кризата преку прифаќање на неговиот план од страна на ЕУ, кој најверојатно треба да значи тие да ја притисната коалицијата на власт СДСМ-ДУИ за да се согласат на предвремени избори, а потоа на изборите, очекувајќи дека ќе добие мнозинство, новата влада де факто да влезе во процес на репреговарање на Преговрачаката рамка. Потоа од нејзе би биле исфрелни деловите за протоколите со Бугарија кои содржат и резултати од работата на мешовитата историско образовна комисија. А тоа веројатно ќе содржи и барање за репреговарање на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство со Бугарија, за кој и Мицкоски во интервјуто потсети дека има такви клаузули и можности, итн, итн….

Ова, пак, значи дека  ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски навистина имаат план, но тој план на некој начин е мошне несигурно решение од аспект на остварливоста (и од страна на ЕУ и од страна Бугарија), па оттаму, тврдењето дека „ВМРО-ДПМНЕ има план како да се преброди кризата“ е спин, зашто инсистирањето на тој план може да значи влегување во уште поголема криза. Во најмала рака, како што оценуваат некои аналитичари, „партијата има план за статус кво“.

Што се однесува до делот од тврдењето дека премиерот Димитар Ковачевски нема ни во сопствените редови пратеници за уставните измени (се повеќе пратеници му откажуваат лојалност), тоа тврдење може да се смести во извртување на реалноста, т.е. спин, зашто нема ниту еден валиден аргумент како поткрепа на таквото тврдење. Иако, за волја на вистината, вакви спинови се предизвикани и може да се слушнат и од другата страна, од СДСМ, и може да се сметаат само како изнуден контра-одговор.

Пишува: Теофил Блажевски

Прочитајте повеќе

мицкоски

СДСМ: Мицкоски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија

Соопштение за јавност на СДСМ Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола …