Корупција, неказнивост и бегства

Корупција, неказнивост и бегства

Њузлетер 24.03.2023. Сериозна корупција во власта, отсуство на судска независност, констатира Стејт Департментот во извештајот за човековите права, во делот за Македонија. На сите им е познато, а никој ништо не превзема.

Сериозна корупција во власта

Неказниво поминуваат серија корупциски афери, не потсети деновиве американскиот Стејт Департмент во најновиот извештај за човековите права. Се нотира сериозна корупција во власта, отсуство на судска независност, напади врз новинари.
„Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судот и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото“, се наведува во извештајот.

Владата останува најголемиот работодавач во земјата, па доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција, која е една од главните грижи на граѓаните.
Владата во извештајот чита напредок во многу области. За ВМРО-ДПМНЕ извештајот е доказ за нефункционален систем. Целиот извештај за Македонија ТУКА.

Корупцијата е клучен проблем и за целиот Балкан

На проблемот со неказнивоста на корупцијата, во повеќе наврати, укажува и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
„Сите земји од Западниот Балкан имаат многу работа да завршат. Борбата со корупцијата, како што велам често пати е најверојатно најголемиот долгорочен предизвик за целиот регион“.

Сакам да видам повеќе напредок во регионот во борбата против корупцијата“ изјави деновиве Ескобар на брифинг по повод договорот од Охрид за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Според него,овој договор е обврзувачки за двете страни.

Борбата во ДУИ за Чаир

Неказниво, па дури и без никаква истрага, поминуваат многу наводи за корупција меѓу функционери на ДУИ. Но, затоа, неистомислениците од редовите на партијата суптилно се отстрануваат. Приврзаниците на „Огнената група“ и оние на лидерот Али Ахмети и неговата десна рака Артан Груби, си ги мереа силите на митинзи во скопски Чаир.

Сепак, партиските превирања во ДУИ не ги засегаат премногу чаирчани. Најголем дел од жителите на оваа општина се децидни – политичарите крадат и не мислат на народот. Ретки се оние што се задоволни од животот во скопски Чаир.

На граѓаните не им е гајле за битката на ДУИ за Чаир

Дали не крадат и банките?

Криза или не, за банките мора да има профит, па наплаќаат за провизии за сѐ и сешто. Нормално, неказниво, бидејќи сѐ е по закон. Сами си ги одредуваат провизиите.
Минатата година, банките во Македонија имале нето-заработка од над 100 милиони евра, само од провизии и надоместоци.

Провизија за плаќање уплатница на шалтер – 50 денари, провизија за водење сметка 40 денари месечно, провизија од 9 денари за трансакција ако ја платите преку електронско банкарство, провизија за друга трансакција – 100 денари, трошок за користење електронско банкарство 35 денари, аплицирање за кредит 600 денари. Овие суми се различни во различни банки. Па, дали не „дерат“ банките, проценете сами.

„Бегство“ од јавна администрација

Кога има раширена корупција која поминува неказнето, судството е под политички притисок и не функционира како што треба, многу луѓе бегаат од државата.
Релативно нов тренд е и „бегањето“ од државна служба, главно поради платите. Двајца судии избегале од Македонија да работат како камионџии во Германија, велат во Синдикатот, па што останува за другите. Дел од административците заминуваат во приватниот сектор, каде што платите се повисоки, а други бегаат во странство.

Оние на коишто им фалат пари, а не сакаат да ја напуштат земјава, летно време земаат неколку месеци неплатено, па сезонски работат во странство, за со тие пари да може да преживеат. Па така, во јавната администрација ќе останат само тие што „клатат врата“.

Бегство од затвор, како на филм

Најмалку осум затвореници, осудени на тешки затворски казни, со месеци копале тунел за да избегаат од затворот Идризово, кој се наоѓа на околу 19 километри од центарот на главниот град на Македонија, Скопје.
Речиси два месеци надлежните следеле што и како се прави околу тунелот, пред на 21 март полицијата да соопшти дека во соработка со други безбедносни агенции спречиле организирано бегство од заворот.

Според податоците на Управата за извршуваше санкции лани од затворите избегале 250 луѓе. Најголем дел од нив користеле слободен викенд, по што не се вратиле во затвор.
Македонија е рекордер по бегства од затвор, со речиси 700 бегства на 10.000 затвореници, се наведува во годишниот извештај на Советот на Европа за затвореници.

Инфографика - Тунелот за бегство од Идризово низ бројки
Инфографика – Тунелот за бегство од Идризово низ бројки

Мистериозни експлозии и труења во Бугарија

Бугарската индустрија за оружје беше клучен снабдувач со оружје за Украина. Но, токму во тие објекти, во изминатата деценија се случија неколку експлозии во кои беа уништени поголеми количества оружје и муниција. Имаше и труење на познат бугарски трговец со оружје. Речиси сите пожари и експлозии во складишта за муниција останаа нерешени или бугарските власти ги оквалификуваа како несреќи.

Бугарското досие за застој на истрагите ги поттикна сомнежите дека властите не сакаат целосно да ја испитаат сомнителната руска вмешаност. Критичарите ја обвинуваат Бугарија дека ја одолговлекува истрагата за нерешените експлозии.

Извор: Радио Слободна Европа

Специјалниот проект на РСЕ и документарецот, ТУКА

Прочитајте повеќе

Виралниот ТикТок предизвик „Супермен“ испраќа тинејџери и средношколци во болница

Виралниот ТикТок предизвик „Супермен“ испраќа тинејџери и средношколци во болница

На видеа на ТикТок, има деца кои намерно не го прифаќаат ученикот кој скока врз …