Корупцијата во 2023: Мал напредок во борбата против корупцијата поради ранливите судски системи

Корупцијата во 2023: Мал напредок во борбата против корупцијата поради ранливите судски системи

Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година, објавен денеска од меѓународната организација Транспаренси интернешнел покажува дека повеќето земји постигнале мал или никаков напредок во справувањето со корупцијата во јавниот сектор. Глобалниот просек на Извештајот за индексот на корупција останува непроменет и изнесува 43 – дванаесетта година по ред, при што повеќе од две третини од земјите имаат бодови под 50. Ова укажува на сериозни проблеми со корупцијата.

И според Индексот за владеење на правото, светот бележи пад на функционирањето на правосудните системи. Земјите со најниски оценки во овој индекс, исто така, имаат многу ниски резултати во најновиот извештај за индексот на корупцијата, што ја нагласува јасната врска помеѓу пристапот до правда и корупцијата. И авторитарните режими и демократските лидери кои ја поткопуваат правдата придонесуваат за зголемување на неказнивоста на корупцијата и, во некои случаи, дури и ја поттикнуваат со отстранување на последиците за сторителите. Влијанието на нивните постапки е евидентно во земјите насекаде, од Венецуела (13) до Таџикистан (20).

„Корупцијата ќе продолжи да напредува сè додека правосудните системи не можат да го казнат престапот и да ги држат владите под контрола. Кога правдата се купува, а политиката се меша во неа, народот е тој што страда. Лидерите треба целосно да инвестираат и да ја гарантираат независноста на институциите кои го почитуваат законот и се справуваат со корупцијата. Време е да се стави крај на неказнивоста на корупцијата“, рече Франсоа Валеријан, претседател на Транспаренси Интернешанал.

Корупцијата во 2023: Мал напредок во борбата против корупцијата поради ранливите судски системи

Данска најнекорумпирана, полоши оценки и за Холандија, Шведска, Обединетото Кралство…

Извештајот за индексот на перцепција на корупцијата рангира 180 земји и територии според нивното воочено ниво на корупција во јавниот сектор на скала од нула (многу корумпирана) до 100 (најмалку корумпирана).

  • Данска (90) е на врвот на индексот шеста година по ред, а по неа следуваат Финска и Нов Зеланд со високи оценки од 87 и 85. Поради добро функционалните правосудни системи, овие земји се исто така меѓу првите во Индексот за владеење на правото.
  • Сомалија (11), Венецуела (13), Сирија (13), Јужен Судан (13) и Јемен (16) се на дното на индексот. Сите тие се погодени од долготрајни кризи, главно вооружени конфликти.
  • 23 земји – меѓу нив некои високо рангирани демократии како Исланд (72), Холандија (79), Шведска (82) и Обединетото Кралство (71), како и некои авторитарни држави како Иран (24), Русија (26), Таџикистан (20) и Венецуела (13) – сите се на историски најниско ниво според индексот на корупција оваа година.
  • Од 2018 година, 12 земји значително ги намалија нивните оценки за индексот на перцепција на корупцијата. На листата се наоѓаат земји со ниски и средни приходи како што се Ел Салвадор (31), Хондурас (23), Либерија (25), Мјанмар (20), Никарагва (17), Шри Ланка (34) и Венецуела (13). како економии со висок среден и висок приход како Аргентина (37), Австрија (71), Полска (54), Турција (34) и Обединетото Кралство (71).
  • Осум земји го подобрија својот индекс во истиот период. Тоа се Ирска (77), Јужна Кореја (63), Ерменија (47), Виетнам (41), Малдиви (39), Молдавија (42), Ангола (33) и Узбекистан( 33).

Северна Македонија- Измените на КЗ ги нарушија малите знаци за напредок

„Само што почнаа да се појавуваат некои мали знаци на напредок, судскиот систем во Северна Македонија (42) беше значително „нарушен“ со недемократски направените измени на Кривичниот законик“, се наведува во извештајот.

Понатаму се вели дека „одлуката да се намалат казните за злоупотреба на службената положба за лична корист и скратените рокови за покренувањето на правна постапка за сомнителни случаи на корупција е голема услуга за корумпираните луѓе: се проценува дека 200 случаи ќе бидат отфрлени, вклучително и оние против поранешни високи функционери. Политички мотивираните назначувања и разрешувања на судии предизвикуваат дополнителна загриженост за способноста на судството ефикасно да се бори против корупцијата“.

Корупција и неправда

Независните, транспарентни и добро опремени правосудни органи и институциите за спроведување на законот се централни за контрола на корупцијата, наведува извештајот во заклучоците. За нивно ефикасно функционирање клучно е да се спречи злоупотребата на политичката моќ, митото и влијанието на другите форми на корупција врз правосудните системи.

  • Војната на Русија против Украина (36) постави огромни предизвици за нејзиното управување и инфраструктура, зголемувајќи ги ризиците од корупција. Сепак, Украина продолжи со 11-годишен пораст на индексот со фокусирање на реформите во правосудниот систем, вклучително и реструктуирање на органите на судската самоуправа, зголемување на судската независност и зајакнување на капацитетот на обвинителството за борба против корупцијата. И покрај овие подобрувања, постоењето на значителен број случаи на корупција на високо ниво останува главна грижа.
  • Падот на Гватемала (23) е резултат на три последователни влади кои се познати по коруптивните практики. Јавното обвинителство и судството беа искористени за да им овозможат неказнивост на елитите за нивните коруптивни практики и да ги таргетираат оние што го креваат својот глас против корупцијата. Ова ја остави државата без никаков институционален капацитет за борба против корупцијата.
  • Во Африка, случаите на корупција и поврзаните прашања во рамките на правосудниот систем се разликуваат, опфаќајќи извештаи за поткуп, изнуда и политичко мешање во правосудните системи во земји како Нигерија (25). Имаше случаи на затворање на судии во Бурунди (20) и недостаток на ефикасна истрага за случаите изведени пред судовите во Демократска Република Конго (20).

Транспаренси Интернешанал ги повикува владите да им дадат на правосудните системи независност, ресурси и транспарентност потребни за ефективно казнување на сите корупциски престапи и обезбедување на проверки и рамнотежи на моќта. Онаму каде што е потребно, тие, исто така, мора да воведат подобри процедури и закони за да им помогнат на правосудните институции да се заштитат од коруптивни дела и да бидат насочени кон нив.

„Корупцијата ја влошува социјалната неправда и несразмерно ги погодува најранливите. Во многу земји, постојат пречки за правдата за жртвите на корупција. Време е да се скршат бариерите и да се осигури дека луѓето можат ефективно да пристапат до правдата. Секој заслужува фер и инклузивни правни системи каде гласовите на жртвите се слушаат во секоја фаза. Сè друго е навреда за правдата“, истакнува Даниел Ериксон, извршен директор на Транспаренси Интернешaнaл.

Од своето основање во 1995 година, Индексот на перцепција на корупцијата стана водечки глобален показател за корупција во јавниот сектор. Индексот оценува 180 земји и територии ширум светот врз основа на перцепциите за корупција во јавниот сектор, користејќи податоци од 13 надворешни извори, вклучително и Светска банка, Светски економски форум, приватни ризични и консултантски компании, тинк-тенкови и други. Резултатите ги одразуваат ставовите на експертите и деловните луѓе, а не на јавноста.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Меџити - Нема по секоја цена да бидеме дел од идната влада

Меџити – Нема по секоја цена да бидеме дел од идната влада

Ќе учествуваме во влада којашто ќе биде европски настроена и која ќе се нафати да …