Ковачевски: Честитки до сите граѓани, преговорите со ЕУ се отворени, време е за оптимизам, но и посветена работа

Ковачевски: Честитки до сите граѓани, преговорите со ЕУ се отворени, време е за оптимизам, но и посветена работа

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски по официјалниот почеток на преговорите за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ, одржа прес-конференција во Советот на Европската Унија  во Брисел.

Во продолжение е целосното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Денес, ми припадна огромната чест, да се обратам на мојот мајчин македонски јазик пред 27-те земји членки на Европската Унија на  Mеѓувладината конференција со која ги отвораме преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Најпрво, би сакал да им честитам на граѓаните на Република Северна Македонија. Тие се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси, за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство.

Конечно, 17 години потоа и многу тешки компромиси, се отвора процесот за прием на Северна Македонија во големото европско семејство, во Европската Унија.

Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денес е денот кога отпочнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност.

Денешниот ден е историски за нас. Долгоочекуван и сосема заслужен.

Им честитам, но исто така и им благодарам на граѓаните, за нивната истрајност и за јасната визија за тоа каква држава сакаме да изградиме и да оставиме на идните генерации.

Овој ден, им е посветен ним, на сите наши граѓани, но и на сите државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници кои имаа храброст да сонуваат, да имаат визија и напорно да работат за да ја исполнат.

За да ја реализираме оваа стратешка цел, направивме многу. Донесовме тешки одлуки кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност. Патриотски одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата. Овие државнички одлуки се вистински показател како се сака државата. Не постои поголем патриотизам од јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и на сите граѓани.

Ја донесовме и конечната одлуката со која обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, и посебност. Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите, идентитетски, историски и културни особености. Ова е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара.

Убеден сум дека од овој процес граѓаните ќе излезат како победници, дека сите ние заедно ќе излеземе посилни, постабилни и забрзано ќе чекориме напред кон заедничка поперспективна иднина. Убеден сум исто така дека континуираната и зголемената помош која Европската Унија ќе ја обезбеди во наредниот период, ќе овозможи македонските граѓани и економија да добијат конкретна и реална поддршка, за европската реалност да ја живееме денес и на вистинскиот начин.

Со верба во себе, во нашите предци, традиција и посебност, а со јасен поглед кон иднината, ја движиме државата напред. За денешните и идните генерации градиме демократско, европско општество во кое ќе има место за сите, каде владеење на правото го има приматот, а граѓаните ќе се економски напредни.

Европските вредности и принципи на слобода, демократија, еднаквост како и владеењето на правото се нашиот стремеж. Ние сме природно поврзани со ЕУ, а отсега и заеднички ќе се развиваме и ќе го развиваме и регионот.

Нашата земја е Европа во мало. Нашата мултикултурна, мултиетничка и мултиконфесионална функционална демократија не само што ќе ја збогати Европската Унија, туку ќе биде и успешен пример за унитарна мултиетничка држава интегрирана во европското семејство. Ние секојдневно го живееме мотото на Европската Унија, ние сме јасно обединети во различностите, и длабоко се гордееме со истите.

Северна Македонија е земја на пријателства и соживот. Тоа се наши автентични белези по кои нѐ препознава светот денес. Градиме пријателства. Посветени сме на изнаоѓање взаемно прифатливи решенија. Затоа сме и денес тука и гордо стоиме рамо до рамо со нашите партнери во ЕУ. Делиме исти вредности, а отсега ќе делиме и европска иднина.

Европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и сите негови особености. Европска иднина во која со полноправно членство, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ без било какви објаснувања, додавки или фусноти. Иднина во која сите наши особености, специфики, традиција, култура, обичаи ќе бидат автентично наши, македонски, но споделени со сите наши пријатели во Европската Унија. Тоа е она што и нас и Европската Унија ќе нѐ направи побогати.

Почитувани граѓани,

Од денес па натаму, одиме само напред и нагоре. Северна Македонија економски, политички, општествено ќе се развива, а граѓаните ќе имаат повисок квалитет на живот, со високи стандарди за почитување на законите.

Време е за обединување, за заедништво, за оптимизам, за верба во подобро утре, но пред сѐ за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава, и за ефикасно и брзо интегрирање во Унијата. Време е новото сонце на слободата да изгрее и да ни го осветли патот за храбро, посветено и бестрашно да погледнеме кон иднината и брзо и одлучно да го оствариме нашиот сон, сонот на Илинденците, на борците од НОБ. Време е за нови, заеднички победи.

Ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, а не да останеме заложници на минатото.

Сметам дека човекот го дефинира тоа што го прави во тешки времиња. Дали ќе донесе одлука или ќе се засолни во статус кво и во своите стравови. Јас и моите соработници решивме да бидеме одлучни, храбри, мудри и несебични, да не мислиме на нас, туку на идните поколенија, за мир, безбедност, иднина.

Завршувам со зборовите на големиот Жан Моне, нема иднина за граѓаните на Европа, освен онаа во Унијата (“There is no future for the people of Europe other than in union.”)

Нека ни е среќен почетокот на пристапните преговори, набрзо да се радуваме и на полноправното членство во Европската Унија и уште еднаш честитки до сите граѓани на Република Северна Македонија”, изјави премиерот Ковачевски.

Прочитајте повеќе

УСС УКИМ со поддршка до колегите од Србија: Да се потсетиме дека неодамна и кај нас владееше режим

УСС УКИМ со поддршка до колегите од Србија: Да се потсетиме дека неодамна и кај нас владееше режим

„Да се потсетиме дека неодамна кај нас, исто така, владееше режим чија цел беше да …