Ковачевски- ни треба брзо, но не и избрзано решение со Бугарија

Ковачевски- ни треба брзо, но не и избрзано решение со Бугарија

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА дадено по неговата прва посета на Брисел откога стапи на функцијата вели дека сака брзо, но не избразано решение со соседна Бугарија за да се отворат преговорите со Европската Унија.

„Јас велам дека ни треба брзо решение со оглед на тоа дека сме заслужиле отворање на преговорите со ЕУ, но секако не ни треба избрзано решение бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да претставува основа за иднината пред нас како за добрососедските односи, така и за водење на преговорите и полноправно членство во ЕУ“, вели Ковачевски.

По средбите во Брисел со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола, претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, македонскиот премиер вели дека добил многу позитивни сигнали и посветеност на институциите да се отпочне со преговори со ЕУ за Република Северна Македонија.

Ковачевски ја повторува новата динамика во односите со Бугарија која ја воспоставија тој и бугарскиот премиер Кирил Петков по двете средби кои ги имаа минатиот месец додавајќи дека имале искрен разговор и дека се согласиле дека во подолг период во минатото дискусијата помеѓу двете држави била водена од пропагандисти коишто „креираа атмосфера на недоверба помеѓу двете општества“. Премиерот го споменува и формирањето на четири други работни групи посветени на економијата и културата кои ќе работат покрај заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања која постои речиси четири години.

На прашањето за изјавата на копретседателот од бугарска страна Ангел Димитров кој рече дека „додека Северна Македонија не прифати заедничка историја, ние не можеме да преговараме“,премиерот вели дека смета оти „не е корисно доколку едниот или другиот дел од комисијата излегува со неусогласени ставови бидејќи тоа креира атмосфера во којашто другата страна треба да одговара на прашања или тези коишто се поставени од страната што дала одредена изјава“.

„За таа цел, и кога работеа другите групи, историската комисија, двајцата ко-претседатели кажаа дека ќе ја забрзаат нејзината работа со цел да дојдат до решенија коишто заеднички ќе можат да ги споделат со институциите во двете држави, коишто решенија ќе претставуваат основа за понатамошен развој помеѓу државите“, вели Ковачевски.

Бугарија ги блокираше македонските европски интеграции во 2020 година поради нерешени билатерални прашања, тогаш со инсистирање за решавање на прашања и личности од историјата кои се сметаат за спорни оти се важни и за двете општества.

Во однос на позицијата на земјава како членка на НАТО за руско-украинската криза тој наглади дека ја реафирмирале позицијата дека треба да дојде до деескалација на тензиите во регионот на Украина и дека Русија треба да се вклучи во дијалогот НАТО-Русија, кој ќе се води на повеќе различни теми.

„Исто така го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на секоја држава вклучително во овој случај и Украина, и се придржуваме до одредбите од Обединетите Нации на оваа тема. Во рамки на нашето Министерство за одбрана постои дневна комуникација со колегите од НАТО, нашата мисија во НАТО е дел од секојдневното работење и носењето на сите одлуки. Нашето МНР има изработено Оперативен план којшто се координира со земјите членки, а којшто се однесува доколку е потребно на згрижување на наши граѓани на територијата на Украина, тоа да биде направено на соодветен начин“, вели Ковачевски.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …