Ковачевски: Нова гринфилд инвестиција на „Јагео” од над 200 милиони евра и нови 3.900 вработувања во зоните во Скопје и Штип

Премиерот Димитар Ковачевски, во видео обраќање упати честитки до менаџментот на компанијата „Јагео” и директорот на Технолошко- индустриските развојни зони Јован Деспотовски по повод новата инвестиција на „Јагео” во зоните во Скопје и Штип во доменот на електрониката.

Станува збор за најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на нашата земја, во вредност од 205 милиони евра и над 3900 нови работни места.

Во продолжение изјавата на премиерот Ковачевски во целина:

„Почитувани претставници на менаџментот на „Јагео“,

Почитуван директор на ТИРЗ, Деспотовски,

Почитувани претставници на медиумите кои се таму во седиштето на корпорацијата „Јагео“,

Почитувани граѓани,

Упатувам честитки за новата инвестиција на „Јагео“ во Технолошко индустриската развојна зона во Скопје и во Штип. Станува збор за најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на нашата земја од 205 милиони евра и нови над 3900 работни места.

Благодарност до тимот на „Јагео“ и тимот ТИРЗ за неуморната работа изминативе месеци оваа инвестиција да стане реалност.

Станува збор за водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со 40.000 вработени ширум светот.

Електронските компоненти кои ги произведуваат и кои што се еден од светските најдобри производители за чип-отпорници и тантал кондензатори се користат за авионската и автомобилска индустрија, 5G и телекомуникации, индустрија, медицина, управување со енергија, зелена енергија и слично.

Со новиот концепт на поттикнување инвестиции успеавме да ја ставиме нашата земја доста високо на мапата инвестициски дестинации кои имаат капацитет и услови да реализираат висококвалитетни инвестиции од кои ќе имаме бенефит и како држава, но уште поважно инвестиции кои носат директен бенефит за граѓаните во државата.

Бројките најдобро зборуваат за тоа колку е ефикасен новиот концепт на инвестиции и поддршка на инвестициите во ТИРЗ. Последниве две години се постигнати договори од над 650 милиони евра, што е над половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Со оваа инвестиција надминуваме износ над 850 милиони евра.

Имаме над 16.500 вработени во Зоните што е за над 10.000 работници, само од 2017 година досега. Во првиот квартал имаме речиси една милијарда евра извоз што е највисоко ниво во последниве 5 години.

Само минатата година компаниите во зоните достигнаа највисоко ниво на извоз од 3.7 милијарди евра на годишно ниво.

Сакам да Ви посакувам многу успех и Ве очекувам во Северна Македонија заедно да го означиме почетокот на градбата и да наздравиме за ова наше пријателство и идна соработка.

Прочитајте повеќе

Влада

Уставните измени ќе ја кројат владината коалиција

Според Таравари, тенденција на Курти и Рама била заедничка листа на сите партии на Албанците, …