„Сте се запрашале ли како самохран родител го поминува месецот?“ – реакции по велигденскиот говор на владиката Петар

Пренесувајќи ги своите пораки за христијанскиот празник, владиката Петар се осврна и на феминизмот и родовата еднаквост, за која рече дека „молскавично му се заканува“ на нашето општество. До жените упати критики што порано биле домаќинки, а денес – еманципирани, но и разведени и самохрани мајки.

Богохулна, противприродна и отровна идеологија – вака митрополитот преспанско-пелагониски г.Петар ја опиша родовата еднаквост во своето велигденско обраќање кое предизвика лавина реакции во јавноста и на социјалните мрежи.

Пренесувајќи ги своите пораки за христијанскиот празник, владиката Петар се осврна и на феминизмот и родовата еднаквост, за која рече дека „молскавично му се заканува“ на нашето општество и дека била поопасна идеологија од нихилизмот.

„На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост. Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена. Господ ги создаде машко и женско, и сè друго изменето, поинакво и поразлично од божјото создание е ненормално и со тоа е неприфатливо“, рече митрополитот Петар во својата порака до верниците.

Во видео-посланието објавено во петокот, на 14 април, владиката Петар вели дека „како во современиот свет, така и во нашата земја изникнуваат здруженија и организации кои бараат некакви или поголеми права“, додавајќи дека „секое право доаѓа во пакет со одредени должности“. До жените упати критики дека порано биле домаќинки, а денес – еманципирани, но и разведени и самохрани мајки.

„Во минатите векови, до феминизмот и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка и домаќинка, а денес таа е високоеманципирана, со забележителни позиции во општеството, но често и разведена и самохрана мајка. Кога некој бара повеќе или поголеми права треба да е свесен и подготвен, а и способен да извршува повеќе и поголеми должности. Треба дури да се одречеме од себеси, да живееме и да се трудиме за општо добро, за повисоки цели и идеали и да ги исполнуваме општоприфатените начела за етика и морал“, порача владиката Петар.

Тој рече дека остварувањето на права без должности го расипува и изопачува светот и дека во современиот свет семејството е поделено и дисфункционално, а човекот изгубен.

Владиката Петар говори и дека „творецот“ на жената ѝ ја дал позицијата мајка, додека „црквата ја постави жената за свештеник, жртва-приносител во домашната црква – семејството“.

Ваквото велигденско послание изминатиов викенд предизвика бројни реакции.

„Наместо да шири мир на еден од најголемите христијански празници, владиката се служи со провокативни тактики“

Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска на Фејсбук напиша дека жените не бараат повеќе права, туку исти права и можности како мажите, порачувајќи му на владиката Петар дека „не е време на инквизиција“.

„Жената не бара повеќе права, бара исти права и исти можности како и мажите. Ама Владико тоа ти со твоите ретроградни ставови, со понижувањата и омаловажувањата кон жената не можеш да го разбереш. Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51% од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, Владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството“, напиша министерката Тренчевска.

Гласна реакција и осуда на говорот одекна и од здружението „Млади од разновидни семејства“ (Youth of Diverse Families) кое се залага за правата на младите од самохрани и еднородителски семејства. Оттаму велат дека наместо да шири мир и љубов за време на еден од најголемите христијански празници, владиката се служи со провокативни тактики кои ги навредуваат. Додаваат дека ниту еден родител не избира од задоволство дали ќе стане самохран.

„Фактот дека свештено лице се изразува на овој начин е доказ за перцепцијата и понижувачкиот однос кон секоја самохрана мајка и еднородителско семејство. Чија вина е ако жена станала самохрана мајка? Чија вина е ако жена била жртва на семејно насилство и сега живее во заедница на еднородителско семејство? Тимот на ‘Youth of Diverse Families’ најостро го осудува говорот на Владиката Петар, кој наместо да шири мир и љубов за време на еден од најголемите христијански празници, се служи со провокативни тактики да нè разори и навреди“, се вели во реакцијата на „Млади од разновидни семејства“.

Од здружението ги повикаа државните и верските институции, политичките партии, невладиниот и бизнис секторот да ги поддржат преку носење на нови закони и политики.

„Со години алармираме за систематскиот однос кон статусот на самохрани и еднородителски семејства и за сензитивноста во обраќањето со и кон нашата целна група. Дали некогаш вакви луѓе излегоа со поддршка за нас? Дали сте се запрашале како еден самохран родител го поминува месецот? Дали сте се запрашале колку од самохраните/еднородителските семејства претрпеле семејно, физичко, психичко и економско насилство? Веруваме дека знаете и дека децата се жртви на овој вид на насилство?! Дали некогаш сте се запрашале како се чувствуваат овие деца и млади кога ќе слушнат ваков вид на изјави?“, прашуваат од „Млади од разновидни семејства“.

Инаку, владиката Петар влегува и во медиумскиот бизнис во земјава и отвора своја телевизија. Минатиот месец фирмата „Преобразба“ во негова сопственост доби дозвола од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за отворање телевизиски канал со претежно забавен општ карактер. Телевизијата ќе емитува програма во Скопскиот регион, а дозволата е со времетраење од девет месеци.

Во минатогодишното Велигденско послание, пак, владиката Петар се осврна на руската инвазија врз Украина, опишувајќи ја војната како „воена операција врз Украина од страна на Русија“. За судирите рече дека виновни биле претставниците на светските организации за мир и безбедност, кои „не ќе можат да се оправдаат пред Бога ниту пак пред претставниците на црквите и верските заедници“.

ФИРМАТА НА ВЛАДИКАТА ПЕТАР ВЛЕГУВА ВО МЕДИУМСКИОТ БИЗНИС, ЌЕ ОТВОРА ТЕЛЕВИЗИЈА

Прочитајте повеќе

Бочварски: Инвестираме 20 милиони евра за изградба на патниот правец Извор – Гарски Мост, ги поврзуваме Дебар и Кичево

Претседателот на Владата, Талат Џафери, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик министерот за …