Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски денеска ја посети Универзалната сала, каде што се разговараше за процесот кој беше почнат пред неколку месеци кога Министерството за култура со Договор ги презема правата за реконструкција и адаптација на салата од Град Скопје.
Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на претеседателот на СДСМ, Ковачевски:
„Драго ми е што навистина после долги преговори и разговори, конечно дојде времето кога овој култен објект, Универзалната сала – Скопје, се враќа на Скопје и на Скопјани. Тука сме да најавиме дека она што беше отпочнато како процес пред повеќе месеци кога Градот Скопје одлучи да го предаде објектот на Министерството за култура со цел да се направи целосна реконструкција, наскоро ќе добие и конкретен епилог.
Конечно, го враќаме симболот на модерено Скопје, на солидарно Скопје. Генерации скопјани израснале со настаните во Универзалната сала и уште генерации и генерации ќе уживаат во годините кои доаѓаат во настаните кои тука ќе се организираат.
Реконструкцијата ќе се одвива во две фази и се очекува да биде завршена до 2026 година кога објектот треба да е подготвен за настани и да ги прими своите први посетители. Според договорот, Министерство за култура откако ќе ја финализира градбата, ќе го предаде објектот на Град Скопје со целокупната пропратна документација во однос на изведувањето. Потоа сите права и обврски кои произлегуваат од сопственоста на салата ќе бидат предадени исто така на Градот Скопје.
Со години во периодот на ВМРО ДПМНЕ, Универзалната сала беше оставена на забот на времето, практично беше уништена и од внатре и од надвор. Градоначалникот на Скопје од редовите на СДСМ, Петре Шилегов во неговиот мандат ја започна реконструкцијата, за потоа со промена на локалната власт и доаѓањето на власт на ВМРО – ДПМНЕ и нивниот градоначалник, предлог за градоначалник г-ѓа Арсовска, повторно беше оставена на заборавот и нејзината реконструкција беше прекината. Цела година работите стоеја во место на што сите можеа да бидат сведоци овде.
Владата предводена од СДСМ, во мојот мандат, донесе одлука за одземање на ингеренциите над Универзална од Градот Скопје и истите ги префрли на Министерството за култура, со што министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска имаше веќе овластување да го потпише договорот со Градот Скопје за продолжување на реконструкцијата на Универзална сала. И министерката и службите во министерството во рекорден рок ги завршија сите процедури, и еве сме денес тука, на чекор од овој долгогодишен сон на Скопјани. Исто така, сакам да изразам благодарност и до министерката се разбира и до нејзините колеги, за вложениот труд кој го направија во текот на изминатата година со цел овој процес на реконструкција да може повторно да отпочне, односно да продолжи.
Мојата девиза ја знаете и ја имате слушнато повеќе пати – со напорна работа, нема недостижна цел! Кога се сака, кога се има цел, кога се има план, особено кога се работи за потребите на граѓаните, сѐ е изводливо. Така и за оваа сала, СДСМ покажа слух за исполнување на желбата на граѓаните на Скопје да можат повторно да уживаат во музичките и културните настани во Универзалната сала.
Овој објект не е значаен само за Скопје, бидејќи тука се одвиваат и национални настани на кои учествуваат и ги посетуваат граѓани од цела држава.
И генерално, тоа е суштината на нашите политики, да работиме во интерес на граѓаните, да создаваме подобри услови за живот во секоја општина. За разлика од ВМРО ДПМНЕ кои имаа и се уште имаат други приоритети. Поважни им беа спомениците, лавовите, жалните врби во Вардар. Тоа им беа приоритетите. И до ден денеска ништо се нема променето. Ако протестираа против бетонизација, сега во општините кои ги водат се случува најголемата бетонизација во историјата на Скопје.
Со нетрпение го чекаме денот кога повторно ќе се отворат вратите на Универзалната сала и ќе уживаме во културно-уметничките настани во оваа сала. Граѓаните тоа навистина го заслужуваат.
Им посакувам успех на изведувачите, на надзорот, на сите кои ќе бидат вклучени, на раководството на Министерството за култура и на Универзалната сала. Се надевам дека ќе имаат добра соработка со Градот Скопје во делот на обезбедување на сите услови за непречена работа и градба. Во 2026 година се гледаме сите на првиот настан кој ќе биде тука организиран во комплетно реконструираната Универзална сала“.