Ковачевски за „360 степени“: Со проевропската коалиција, во следниот мандат Северна Македонија ќе влезе во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во вечерашното интервју за „360 степени“ говореше и за евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

„Минатата година колку пати ме прашуваа дали ќе добиеме преговарачка рамка и сите беа скептици дека ќе добиеме. Јас велев дека верувам во остварување на целта и направив таа цел да се оствари. И ние добивме преговарачка рамка. Направивме успешен скрининг процес којшто завршува, идната недела е Европскиот совет. Заклучоците на Европскиот совет ќе бидат дека Северна Македонија направи успешен скрининг и останува да ги направи уставните измени кои се обврска во преговарачката рамка и да продолжиме со отворањето на поглавјата“, изјави премиерот Ковачевски во интервјуто за „360 степени“.

Премиерот Ковачевски посочи на блокирањето на законите во Собранието од страна на опозицијата и додаде дека тоа стои во Извештајот на Европската комисија за државава.

„Сите забелешки коишто се однесуваат на Владата се адресирани во соодветните документи и акциски планови коишто Владата ќе ги превземе за подобрување на состојбите, меѓутоа факт е дека во 90 отсто, имаме усогласеност со ЕУ“, потенцира премиерот Ковачевски во интервјуто за „360 степени“ кое вечерва се емитуваше на МРТ 1.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека европскиот пат на државата ќе се продолжи затоа што на наредните избори ќе победи проевропската коалиција и земјата нема повторно да чека десет години за да ја оствари стратешката цел.

„Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Ви кажувам дека во следниот мандат ќе биде влезот во ЕУ”, рече премиерот Ковачевски посочувајќи на европските вредности на кои почива проевропската коалиција која ја предводи СДСМ.

Осврнувајќи се на разликата во пристапот кон евроинтеграциите, премиерот Ковачевски во интервјуто за „360 степени“ кое вечерва се емитуваше на МРТ 1 посочи дека наспроти европскиот фронт е антиевропска коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои се против европската интеграција на државата и активно ја блокираат државата на европскиот пат.

Прочитајте повеќе

Руски агенти во мантија

Малку е познато дека и пред Васијан Змеев руските агенти во Македонија вршат непријателска дејност …