Ковачевски за Сител: Европскиот фронт е обединет за да ги донесе одлуките за влез во ЕУ

Ковачевски за Сител: Европскиот фронт е обединет за да ги донесе одлуките за влез во ЕУ

„Сметам дека сите треба да се собереме во еден европски фронт со цел да ги донесеме одлуките коишто се потребни за влегување на државата во ЕУ“, оцени претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во вечерашното интервју во „Тема на денот“ во вестите на Сител телевизија.

Премиерот Ковачевски, во интервјуто, нагласи дека еден од клучните процеси кој се одвива во моментов е обединувањето во Европа.

„Дали ние ќе бидеме дел од него, дали ќе бидеме први, како што јас посакувам, тоа сега зависи од нас, зависи од одлучноста, од визијата на политичарите во нашиот парламент да обезбедат европска иднина за граѓаните. Доста беше нашите граѓани со туѓи пасоши да одат да работат по Франција, Германија, веќе почнаа и по Словачка, Чешка, Полска што било незамисливо наши граѓани да одат само затоа што има таму поголем стандард. А зошто има? Бидејќи единствено разликата е што се земји членки на ЕУ и што по влегувањето имаат три пати поголеми плати, пазар од половина милијарда жители и имаат животен стандард кој поради тоа расте“, изјави премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски говореше и за процесот на носење на уставните измени, во однос на барањето на албанската опозиција за бришење на формулацијата која се однесува на „јазикот што го говорат 20 отсто од граѓаните“.

„Албанскиот блок на опозициски политички партии, всушност, треба да размисли дали сака да биде дел од анти ЕУ коалиција кога зборува за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи, јас кога ќе ги погледнам политичките ставови на ВМРО-ДПМНЕ и политичките ставови на албанската опозиција, во моментов единствено нешто за што тие се, е да се спротивставуваат на ЕУ. И, тоа е добро бидејќи сметам дека сите политички партии, јас не би ги разликувам македонски, албански или влашки и така натаму, бидејќи сметам дека сите политички партии во државата припаѓаат на граѓаните“, потенцира премиерот Ковачевски, во интервју за вестите на Сител телевизија.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …