Пишува: Сотир Габелоски
Со неодамнешното интервју на Македонската радио-телевизија, Гордана Јанкулоска стана актуелна во јавноста, но и покрај се’ не собра храброст и да се извини.
На новинарското прашање за “влечењето за уши“ и слични непристојни коментари од прислушуваните разговори, не слушнавме ниту извинување ниту каење. Поранешната министерка за внатрешни работи Јанкулоска даде еден одговор, кој делуваше како реченица која нема никогаш да заврши. Елаборирање на празно за нешто што можеше да се разреши, односно ублажи само со едно „извини“. На тој начин, Гордана Јанкулоска ќе ги придобиеше симпатиите на дел од граѓаните, како еден од ретките осудени функционери од режимот.
Но, не. Кај нас се’ уште е понижување и срамота да се покаже искрено извинување. Самата Јанкулоска на крајот од разговорот кажа дека нејзиното искуство во политиката било лошо. Па тогаш, не ќе беше на одмет и да се извини за сето она што го слушнавме од неа од прислушуваните разговори, а не да бара бесмислени изговори дека „во неформална комуникација човек не бира зборови“.
Политичарите не најдоа за сходно во овие 30 години да се извинат, да покажат емоција и да признаат дека им наштетиле и на граѓаните и на државата, со што кај дел од јавноста ќе предизвикаат позитивни коментари и ќе наидат на одредени симпатии. Ако екс-министерката се извинеше, ќе ги ублажеше осудувачките погледи кон себе, а ќе го зголемеше притисокот за правда за останатите обвинети, чии дела застаруваат или сеуште немаат правен епилог.
Кога го пишувам ова, не ја анализирам Гордана Јанкулоска како криминалец, осудено лице. На екс-министерката, во оваа анализа, гледам како на политичар кој и покрај големото искуство во политиката не наоѓа доблест да се извини. Не препознава емоција во лошите коментари кои ги слушавме, а за кои, истовремено, потврдува дека се веродостојни. Синоќешното интервју треба да биде лекција за сите политичари, сегашни и идни, дека Јанкулоска пропушти шанса да се „измие“ за нечистата совест со едно единствено „извини“, пропуштајќи ја единствената шанса да покаже големина.
Современите политичари во Македонија носат его кое не им дозволува да ги подобруваат нештата. Тогаш кога ќе го победат сопственото, а самокритиката ќе ја прифатат како доблест, дури тогаш ќе може да се надеваме дека постои надеж дека работите ќе се придвижат напред. Дотогаш, дискриминацијата и предрасудите ќе виреат, а богами и криминалот.