Милан Радоичиќ сослушан во српското обвинителството, негираше вина

Милан Радоичиќ сослушан во српското обвинителството, негираше вина

Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека е сослушан Милан Радоичиќ, кој претходно бил задржан во полиција до 48 часа.

Обвинителството соопшти дека осомничениот го негирал извршувањето на кривичните дела што му се ставаат на товар. Се додава дека по сослушувањето, на судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Белград му било предложено „поради ризик од бегство“, на Радоичиќ да му се одреди притвор.

Радоичиќ беше сослушан четири дена откако неговиот адвокат Горан Петронијевиќ објави дека Радоичиќ ја презел одговорноста за организацијата и нападот во Бањска на северот на Косово.

Радоичиќ беше обвинет од косовските власти дека е организатор и учесник во вооружениот напад врз косовската полиција на 24 септември, во кој беше убиен еден полицаец.

Во соопштението на белградското Високо јавно обвинителство беше наведено дека 45 годишниот Милан Радоичиќ бил сослушан поради сомнение дека тој и неколку непознати лица извршиле кривични дела – и тоа за неовластено производство, држење, носење и продажба на огнено оружје и експлозивни материи и тешки кривични дела против општата безбедност.

Како што е најавено, Радоичиќ е обвинет за набавка на оружје, муниција и експлозивни направи со голема разорна моќ од Тузла во Федерацијата Босна и Херцеговина од јануари 2023 година до 24 септември 2023 година.

Се додава дека ова оружје му било доставено на територијата на Град Белград, најчесто на релација Бубањ Поток – Врчин.

Во соопштението се наведува дека тоа оружје потоа го транспортирал и складирал на неодредени локации на територијата на Косово, каде го сокрил во напуштени објекти и шуми.

„Како водач на група со неколку НН лица, со заедничка акција и општо опасна акција на 24 септември предизвикал опасност по животите на луѓето во градот Бањска на територијата на Косово и Метохија“, се наведува во соопштението.

Претходно, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека Милан Радоичиќ е донесен во Вишото јавно обвинителство во Белград со кривична пријава.

Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека е извршен претрес во станот и другите простории на Милан Радоичиќ.

На 29 септември, според неговиот адвокат Горан Петронијевиќ, Милан Радоичиќ ја презел одговорноста за организацијата и нападот во Бањска на северот на Косово.

Во писмото што го прочита неговиот адвокат, Радоичиќ наведува дека дошол во Бањска, објаснувајќи дека е таму за да им се „спротивстави“ на косовските власти и да го „заштити“ српскиот народ.

Истиот ден Радоичиќ поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која ја има поддршката од Белград.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обидела да отстрани барикада од два камиони поставени во правец на селото Бањска, општина Звечан на северот на Косово.

Тогаш загина косовскиот полицаец Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени. Во размената на оган полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност.

Европската унија и западните земји остро го осудија нападот врз косовската полиција во Бањска и побараа напаѓачите да бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …