Потенцијалните настапи на политичките партии на парламентарните и претседателските избори низ призма на досегашното искуство и напредокот на државата кон Европската унија биле темите на разговор на вчерашната средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, поранешниот претседател на социјалдемократите, Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Детали од средбата денеска откри премиерот Ковачевски.
„Вчера имав средба со Али Ахмети и поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев. Мора да знаете дека со Заев се знаеме 32 години, учевме факултет заедно, неретко се случува да комуницираме и да имаме ручек по четири до четири ипол часа и да разговараме на многу теми. Разговаравме за тоа како државата треба да напредува кон полноправно членство во ЕУ. Секој од нас можеше да ги сподели своите искуства од мандатите коишто ги имал. Ова не е ниту прва, ниту последна средба, особено за некој што се знае повеќе од три децении“, изјави Ковачевски.
На новинарско прашање за евентуално предизборно коалицирање со ДУИ, Ковачевски изјави дека се уште се прават анализи во рамки на политичката коалиција која СДСМ ја има со традиционалните партнери.
„Водевме влада во исклучително четири тешки години, последните посебно, сметам дека на државата и треба европска коалиција која ќе осигура европска иднина без никакви неизвесности и изолации. ВМРО-ДПМНЕ повторно нема концепт кој гледа напред. Сите нивни изјави се во некакви сценарија кои немаат никаква реална основа во политичките процеси во државата, регионот и во Европа. Сметам дека граѓаните тоа знаат да го ценат и на претседателските и парламентарните избори владата повторно ќе биде формирана од СДСМ и коалиционите партнери“, рече Ковачевски.
На опозициската ВМРО-ДПМНЕ и порача дека доколку одлучи да не гласа за техничката влада, смета дека нивните министерски места треба да останат празни.
„Кога се учествува во владата, таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а да не ја поддржи таа влада. Новиот мандатар да предложи влада во која тие места ќе бидат испразнети и кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи владата, тогаш следниот ден ќе може мандатарот ќе предложи да се изгласаат министрите кои им следуваат“, вели Ковачевски.
На крајот на идната недела според законските рокови ќе се одвива процедурата за избор на техничката влада, која треба да биде формирана за десетина дена.
Актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери треба 100 дена пред изборите да биде технички премиер, а актуелниот координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски ќе биде претседател на Собранието додека трае техничката влада.
Извор: РСЕ